Среда, 25 Септември 2013    PDF Печати Е-пошта
Борко Лазески

borko-lazeskiБорко Лазески (22. X. 1917 - 16. VI. 1993) е македонски академски сликар, педагог и учесник во НОБ. Имал пресудна улога за осовременувањето на фреско-сликарството и воопшто за процутот на монументалната уметност. Неговата Фреска за НОВ на некогашната Скопска железничка станица, извршила големо влијание врз уметниците од педесеттите години. Познати се и неговите монументални витражи во Стопанската банка, Комплексот банки во Скопје, Споменикот на Илинден и НОВ во Крушево.

Борко Лазески е роден на 22 октомври 1917 година во Прилеп, во семејството на Никола и Марија Лазевски. Потекнува од семејството Лазаревски кои како мајстори-молери ја развиваат техниката на декоративното сликарство и во текот на XIX и XX век ги разубавуваат куќите на богатите трговци во Битола, Прилеп, Краљево. Уште како дете во молерската работилница на својот татко, Борко покажува посебен интерес за декоративната уметност која во понатамошниот негов развој ќе има пресудна улога во осовременувањето на фреско-сликарството и воопшто за процутот на монументалната уметност во Македонија.

Уште во текот на основното образование, Борко ја покажува својата дарба кон сликање. Пресуден момент во неговиот живот настанал кога учителот Велебит Рендиќ го открил неговиот раскошен талент. Тој го насочува живот на талентираниот ученик кон светот на уметноста.  Во учебната 1933/34 година, Борко се запишува на Уметничката школа во Белград, каде учи од познатите и афирмирани професори Љуба Ивановиќ, Никола Башевиќ, Бета Вуксановиќ, Мило Милуновиќ.

На почетокот на својата творечка кариера, младиот уметник во своите дела го искажува својот бунтовен карактер. Неспокојството и револтот кон општествените прилики во периодот пред Втората Светска Војна наоѓаат одраз во неговите дела. Од овој период посебно се издвојува делото „Кука и мотика“ (1936/37), во кое силно изразените чувства, ги најавува идните мурали кои стилски се поврзуваат со неговите професори и големите уметници како Сезан и Ван Гог.

Борко Лазески ја развива теоријата дека уметноста не може да биде екслузивно право на богатите поединци, туку дека треба да биде колективна привилегија, дел од културата на живеење, достапна до сите луѓе. Всушност, дека уште од времето на праисторијата (пештерските цртежи во Алтамира), уметноста имала за цел да ги соедини срцата на целиот народ, односно „срцата на сите припадници на работничката класа“.

Израснат во духот на византиската естетика, Лазески како Македонец успешно ги надминува сите предизвици. Неговиот ангажман како сликар се зголемува и станува хроничар на времето во кое делува. Во 1936 година, тој го слика циклусот „Мариово“, составен од 32 цртежи со туш и молив, потоа во 1937 година „Демонстрации во Белград“, а во 1939 година циклусот „Пештански рибари“ и сликата „Охридски рибари“.

Во текот на Втората Светска Војна, по априлскиот напад на германската армија и окупацијата на Југославија, Лазески ги прекинува своите студии во Белград и заминува во Бугарија. Тој го продолжува своето образование на Државната ликовна академија во Софија, во класата на професорот Никола Танушев – Генев. Meѓутoa, оваа Академија каде е застапан академскиот реализам, нема да има никакво влијание врз развојот на Лазевски како уметник.

По дипломирањето на Државната ликовна академија во Софија во 1943 година, Лазески се враќа во Македонија и се приклучува кон ослободителното движење. Народноослободителната борба на македонскиот народ наоѓа посебно место во ликовното творештво на Лазески. Тој хронолошки го скицира воениот амбиент и психолошкиот момент за време на драматичните настани од животот на македонските партизани. Овие цртежи како што се на пример „Пренесување на ранет партизан“ и „Партизанска почивка“ стануваат основа во неговото подоцнежно сликарство.

Во 1944 година во Прилеп е формирано Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Иако Лазески не се наоѓа меѓу основачите, тој е еден од доајените на ова друштво. Во 1945 година, покрај основоположниците, на првата изложба на Друштвото во Скопје учествува и Лазески заедно со Лозановски, Коцо, Протуѓер, Ефтимова и други. Исто така учествува и во формирањето на Уметничката школа во Скопје, во која бил еден од првите професори.

По завршувањето на војната во 1945 година, како стипендист на француската влада, Борко Лазески го продолжува своето образование на Високата национална школа за ликовна уметност во Париз (Ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts), каде специјализирал на фрески, мозаик и витраж. Во ателјето за фрескосликарство на Пјер Хенри (Pierre-Henri Dukos de la Haille), Лазески изработува повеќе мурали меѓу кои “Стрелани“, “Бегалци“ и „Паднат борец“, а во ателјето Momaijean работи на витражи, фрески и мозаици. Тој ги проучува техниките кои подоцна стануваат негова уметничка определба.

Во оформувањето на Борко Лазески како ликовен автор големо влијание има големиот француски сликар, теоретичар и претставник на кубизмот Андре Лот. Лазески ги следи часовите по современа уметност во Академијата на Андре Лот и работи во неговото познато ателје на Rue D’Odessa, каде доаѓаат уметници од целиот свет. Во 1948 година, на изложба во Париз се изложени и дела на Лазески изработени во ова ателје. Додека престојува во Париз, Лазески прави и цртежи со социјална содржина, но и слика пејсажи со мотиви од градот. Тој е меѓу првите македонски уметници кој го применува апстрактниот израз, но работи и импресионистички, апстрактни и асоцијативни композиции.

По враќањето во Македонија, Борко Лазески се соочува со ситуација кога во земјата владее Реал-социјалистичниот дух, а западното влијание се третира како декадентно и се осудува модернизмот. Во услови кога не може да го презентира искуството од Париз, Лазески работи на пејсажи и дела со фолклорни мотиви. Од овој период меѓу неговите дела кои се споменуваат е платното “Бегалците од Егејска Македонија“.

Лазески не се откажува од борбата против застарените ликовни разбирања. Тој е поборник за создавање на македонска современа уметност, но и нејзино доближување до народот. Тој е еден од основачите на Уметничката галерија во 1949 година, а неговите напори, како и на неговите истомисленици ќе овозможат по 1952 година во земјата да провејува новиот дух на уметноста. Во 1953 година, заедно со Димче Протуѓер ја формираат уметничката група „Денес“. Сепак посебно влијание врз уметниците од педесеттите години извршила неговата монументална Фреска за НОВ на некогашната Скопска железничка станица (1956), со која Лазески ја стекнал својата слава во рамките на тогашна Југославија.

Во 1959 година, Борко Лазески заминува за Ирак каде работи како професор по предметите композиција и Монументални техники на Високата академија за ликовни уметности во Багдад. Додека престојува во Ирак, Лазески станува член на Багдадската модерна ликовна група и на Ирачкото уметничко друштво. Во текот на шестгодишниот престој изработува околу стотина дела, учествува на колективни и има три самостојни изложби. Неговиот богат репертор на масла инспириран од животниот амбиент во кој престојува, во комбинација со посебниот апстрактен ефект, ја  доловува вистинската природна убавина на Ирак.

Борко Лазески е познат и по неговите монументални витражи во Стопанската банка, Комплексот банки во Скопје, Споменикот на Илинден и НОВ во Крушево. Првиот витраж на Лазески именуван како Подем е поставен во Стопанска банка – Скопје. Во 1972 година ја добива првата награда на конкурсот за изработка на витраж за споменикот на Илинден во Крушево, кој го завршува во 1974 година. Витражот кој се наоѓа во Комплексот банки во Скопје, односно Народна банка на РМ, не е достапен до пошироката јавност.

Во јуни 1990 година, по повод педесет години од востанието на македонскиот народ, во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, Лазески започна да работи на фреската “Македонија во НОВ“, која беше насликана во холот на Скопската железничка станица и која во најголем дел е уништена за време на скопскиот земјотрес во 1963 година. Со ова грандиозно дело Лазески му се оддолжува на својот роден град, но никогаш не му се исполнува желбата да формира школа за фрескосликарство во манастирот Трескавец. Ненадејната смрт на големиот уметник, чии фрески се наоѓаат и во Мексико Сити, го спречува во неговата намера.

Борко Лазески умира на 16 јуни 1993 година во Скопје. Иако природните катстрофи и несреќи уништија вредни грандиозни негови дела во Скопската железничка станица (1963), Офицерски дом (1963) и Македонски пошти (2013), тој зад себе остава бројни дела кои имаат огромно значење за македонската ликовна уметност и се дел од македонското културно наследство. Најголемо значење имаат неговите модернистички фрески, каде неговиот фреско-ракопис се појавува како стегнат и стилизиран кубизам со топол колорит и е во релација со византиската естетика и со мексиканските муралисти.

Во текот на својот живот Борко Лазевски е добитник на повеќе награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи, како и за долгогодишна плодна активност во областа на ликовната уметност. Во 1978 година Борко Лазески ја добива Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело, а во 1988 година Орден заслуги за народ со златна ѕвезда.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.