|
||||
Михаило Пупин |
Македонските корени на научникот Михаило ПупинСпоред потомците на родот Пупин, семејството се доселува во Вевчани од Москополе, каде живееле православни македонски и влашки родови. Во Македонија малкумина знаат дека светски познатиот научник Михајло Пупин, еден од великаните на физиката и електротехниката, кој дал особен придонес од областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата, има македонски корени. Михаило Идворски Пупин бил професор по математика и физика на Универзитетот Колумбија, САД. Научникот со македонски корени во текот на својата експериментална работа го задолжува светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, потоа ренгенологија, а има и големи заслуги за развој на електротехниката. За својата работа Михаило Пупин добил многу научни признанија и бил член на Американската академија на науките, потоа на Француската, Српската кралска академија, како и почесен доктор на 18 универзитети. Во 1924 година, за автобиографското дело „Од пасишта до научник“ ја добил Пулицеровата награда. Иако изворите за потеклото на Михаило Пупин се скудни, тие доволно откриваат за неговите македонски корени. Тој е роден во 1858 година во Јужнобанатското место Идвор, тогаш во Австро-Унгарија, од таткото Константин и мајката Олимпијада, кои според тамошните книги биле доселеници од Вевчани, Македонија. Односно дедото на Михаило, Арсение Пупин кој живеел во Вевчени заминал во Идвор, каде се раѓа синот Константин. Се смета дека и мајката на Михаило, Олимпијада, која нема српско име, потекнувала од Охридскиот крај. Според потомците на родот Пупин, семејството се доселува во Вевчани од Москополе, каде живееле православни македонски и влашки родови. Пупинови изградиле куќа во месноста која денес се нарекува Пупинов Камен, па по заминувањето на Арсение, во неа останал да живее неговиот брат, па така продолжил да се развива родот во Вевчани. По смртта на татко му, на дваесетгодишна возраст Михаило го прекинува своето школување во Прага и емигрира во Њујорк, САД. Со неколку центи во џебот полека го остварува својот американски сон. Станува ценет и познат научник од светски глас. Се оженил со Сара Катерина Џексон, која по осум години поради болест починала. Во бракот со Сара се родила само ќерката Барбара од која нема потомство. По завршувањето на Првата Светска Војна, Михаило Пупин кој веќе бил познат и признат научник, близок пријател со претседателот на САД, Вудро Вилсон, како добар познавач на состојбите на Балканот бил испратен на Версајската мировна конференција. Пупин се залагал сите народи на Балканот да имаат рамноправен статус, вклучувајќи и автономија за Македонија. Ваквиот став не им се допаднал на делегатите на СХС, кои бараат негово отстранување од конференцијата, иако со негова заслуга не бил признат тајниот Лондонски договор меѓу сојузниците и Италија од 1915 година, со што во рамките на новата држава биле зачувани Далмација, Банат и други територии кои ги побарувале соседните земји. Михајло бил свесен за потеклото и покажувал посебно интересирање за Македонија. Во својата автобиографија тој вели дека се родил во околината на Охрид. Во 1914 година Михаило Пупин кој стекнал големо богатство, во знак на благодарност на својата мајка Олимпијада за поддршката која му ја давала, формирал „Фонд Олимпијада Пупин“. Средствата од фондот биле користени за стипендии за децата од Стара Србија и Македонија, но и како помош за Македонија. Во 1921 година, при посетата на Југославија, Михаило Пупин во Љубљана нарачал да се излие камбана тешка 2.300 килограми. Најтешката камбана на Балканот тој ја подарил на градот Охрид. На камбаната која е поставена на сегашната црква Св. Климент Охридски, на српски јазик пишува: „Михајло Пупин, професор на Колумбискиот универзитет во Америка. Божествени звуци разнесете ја славата на паднатите јунаци и раскажувајте му на потомството за нивните големи дела. За паднатите херои на Кајмакчалан, 1921 година“. Михаило Пупин формирал и фонд за помош на сиромашните граѓани на Охрид од 100.000 динари. Во знак на благодарност, од 1930 година една улица на градот Охрид го носи неговото име. Ваквиот однос кон Охрид, само ја покажува огромната почит која Михаило Пупин ја има кон родниот крај и своите претци од Македонија. Истовремено тоа е чин на почит кон духовното седиште на македонскиот народ и своевидно каење што никогаш не успел да ја оствари својата желба да ја посети Македонија, нескриена желба која ја споделува со своите американски пријатели. Михаило Пупин умира на 12 март 1935 година во Њујорк и погребан е во гробиштата Вудлон во Бронкс. Денес, куќата на претците на Пупин во Горно Маало во Вевчани, изградена во 1880 година, целосно е обновена. Во оваа спомен куќа, која е сместувачко- угостителски објект се наоѓа и музејска поставка која го отсликува животот и делото на Михаило Пупин. |