|
||||
Поп Стамат |
Поп Стамат Танчев Георгиев (1857 – 5. X. 1904) е македонски свештеник, припадник на ТМОРО. Учествува во црковно-просветната борба против патријаршиските (грчки) црковни и училишни институции. Во 1894 година станува член на Македонската Револуционерна Организација, а за време на Солунската афера (1901) бил затворен во Подрум Кале. По амнестијата (1902) продолжил со својата револуционерна и црковна дејност, се` до 1904 година кога е убиен од грчките андарти во Солун.
Поп Стамат (Стамен) е роден во 1857 година во село Бугариево (денес Неа Месимврија), Солунско. Учествувал во црковно-просветната борба против патријаршиските (грчки) црковни и училишни институции и се залагал за славјанска црква. Служел во егзархиската црква „Св. Димитрија“ во Солун и бил претседател на Солунската црковно-училишна општина. Во 1894 година поп Стамат станува член на Македонската Револуционерна Организација. Во организацијата бил примен од Даме Груев и станал еден од најдоверливите негови луѓе. Заедно со Атанас Мурџев, Васил Панчев и Григор Иванов Тотев, поп Стамат бил во постојан контакт со членовите на ТМОРО и работел на ширење на оргнизационата мрежа. Учествувал во примање и доставување на тајната пошта на Организацијата, како и во организирањето на тајни средби на Даме Груев со лица од внатрешноста. Поп Стамат како свештено лице постојано бил во контакт со населението. Вешто користејќи ја својата позиција, тој агитира меѓу учениците и населението во Солунско. Покажувајќи особена тактичност и смелост, тој успешно се справувал со опасностите кои се појавуваат во текот на извршувањето на поставените задачи на Организацијата. Поп Стамат успеал да ја прошири и зацврсти организациската мрежа во Солунско, а како што Х. Татарчев забележува: „Вардарската црква... од храм на богомолци се претворила во свртилиште на револуционери“. Во 1896 година, поп Стамат помага во организирање на приемот на оружје кое било ветено за во Солунско, но никогаш не било испорачано од страна на Врховниот комитет. Во текот на учебната 1896/97 година, поп Стамат го користи своето влијание во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ за ширење на револуционерните идеи и од членовите на Училишниот кружок покрстил 21 ученик кои се примени во Организацијата. Во првата половина на 1897 година, Дамјан Груев ги посетува селата во областа Бојмија и ги привлекува кон делото на ајдучките војводи Апостол Патков и Иванчо Орџанов Карасулијата. По нивното прифаќање на начелата на ТМОРО биле покрстени од поп Стамат и заедно со своите момци стануваат прва вооружена чета на Македонската Револуционерна Организација. Поп Стамат станал член на Солунскиот окружен комитет во 1899/1900 година. Во текот на Солунската афера, на 12 февруари 1901 година тој бил уапсен и затворен со голем број членови на Организацијата во централниот вилаетски затвор Једи Куле. На 20 февруари 1901 година било покренато обвинение против 19 членови на Организацијата за „формирање здрженија и организации поради вооружен бунт“. Поп Стамат, Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев и другите, биле обвинети за организирање на револуцинерна сила против османлиската власт со цел да „основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает“ или „воспоставување во Македонија автономна власт“. На судењето одржано од 26 – ти февруари до 14-ти март 1901 година, врз основа на членот 56 и 58 од од Османлискиот кривичен закон тројца биле осудени на смрт. Останатите седуммина меѓу кои Христо Матов и Пере Тошев биле осудени на доживотен затвор, тројца меѓу кои Христо татарчев и поп Стамат биле осудени на пет години затвор во синџири, еден на двегодишна казна затвор, а петмина биле ослободени. На 6 јули 1901 година, поп Стамат заедно со 38 затвореници, меѓу кои биле Пере Тошев, Иван Хаџи Николов, Христо Матов, Христо Татарчев, како и единаесет свештеници, од Солунскиот затвор биле спроведени до парабродот Марија, а потоа префрлени во анадолскиот затвор во Подрум Кале. Поп Стамат бил помилуван и ослободен со општата амнестија од 19 август 1902 година. По враќањето во Солун продолжува со својата револуционерна активност. Во текот на април 1903 година, по Солунските атентати одново бил уапсен и затворен. Поп Стамат во затворот бил измачуван, но во недостаток на докази набрзо повторно бил пуштен на слобода. Со својата револуционерна дејност, поп Стамат бил голема закана за грчката пропаганда во Солун. На 5 октомври 1904 година, грчките андарти го убиваат поп Стамат пред вратите на неговата куќа во Солун. |