|
||||
Петар Ичко |
Петар Ичко (с. Катраница, Кајларско, околу 1770-1775 - Белград, 15. V. 1808) е македонски трговец и дипломат во служба на Портата и Србија. Во времето на Првото српско востание, српскиот водач Караѓорѓе го користел да ги води дипломатските преговори со Турција (јули - септември 1806), кои резултирале со склучениот Ичков мир (декември 1806). При основањето на Белградскиот магистрат (1807) бил назначен за негов прв претседател. Кон крајот на животот, незадоволен од прекратените односи со Портата, преминал во австриска служба. Петар Ичко е роден околу 1770-1775 година во селото Катраница, Кајларско, Егејскиот дел на Македонија. Ова македонско село било прочуено со своите кираџии (превозници на стока) и трговци. Трговијата го одведува Петар во Смедеревска Паланка, а потоа во Земун, кој тогаш бил во рамките на австриската територија. Во текот на 80-ите години на XVIII век живее и работи во Белград, а имал свои партнери во родниот крај, Солун и Виена, со кои успешно ја развива меѓународната трговија со памук и други стоки. Кон крајот на XVIII век тој станува еден од највлијателнте белградски трговци, по што бил поставен за нивен старешина. Воспоставувајќи сериозни врски со турските власти, станува доверлив човек на белградскиот управител, везирот Хаџи Мустафа паша, кој во 1792 година го поставува за трговски конзул (базриѓанбаша) во Белград. Заштитувајќи ги интересите на Хаџи Мустафа паша, како и на македонските трговци, Ичко наплаќа повеќе од 3% царина на германските трговци за извезената или увезената стока, што било спротивно на договорот за трговија меѓу Виена и Цариград. Тоа ќе предизвика реакција на земунскиот командант Лидерскрон кој се жали кај австрискиот интернунциј (преставник) во Цариград баронот Херберт. По преставката поднесена од австрискиот претставник до Портата, против Петар Ичко, со посебен ферман од јуни 1793 година султанот го забранил неговото дејствување. Меѓутоа, и покрај ферманот, Ичко продолжува со својата работа се` до 1796 година. Поради познавање на германскиот јазик, во периодот од 1797 до 1799 година бил испратен како преведувач на Мустафа паша во турското дипломатско претставништво во Берлин, а потоа и во Виена. Од 1800 до 1801 година, Патар Ичко повторно работи како трговски конзул во Белград. Иако не постојат директни архивски документи, според мемоарите од овој период Петар Ичко бил член на Слободозидарската (масонска) ложа во Белград во која покрај него меѓу другите биле и везирот на белградскиот пашалук Мустафа паша (познат како „српска мајка“), митрополитот Методија, грчкиот поет и патриот Рига од Фере и др. Овие мемоари го покажауваат и блискиот однос на белградскиот везир и Петар Ичко. По превземањето на власта од страна на турските дахии во 1801 година во белградскиот пашалак и убиството на Мустафа паша, Петар Ичко во 1802 година заминал во Земун, кој тогаш се наоѓа во состав на Хабсбуршката монархија. Пред теророт на јаничарите, во Земун наоѓаат засолниште голем број Срби и Турци, пријатели на Мустафа-паша. Тука се сплотуваат сите општествени слоеви (старешини, трговци и селани) и се спремаат за востание. Меѓу нив најактивен е Петар Ичко, кој има намера да го освети убиството на својот пријател Мустафа-паша и да помогне во организирањето на борбата за ослободување на српскиот народ. За таа цел тој бара помош од своите пријатели, пред се` од митрополитот Стратимирович, кој му дава дипломатска поддршка за решавањето на христијанското прашање во белградскиот пашалак. Насилиството на дахиите ќе го предизвика Првото српско востание во 1804 година. Петар Ичко ги поддржува востаниците и со своето дипломатско и трговско искуство, како и со воите врски ќе одигра извонредна улога во преговорите со Отоманската империја. Во овие разговори тој се залага за постигнување на автономија на Србија, за што подоцна Караѓорѓе ќе го награди со поставување за прв градоначалник на слободен Белград. Васиљ Попович (27.I. 1887 – 25. VIII. 1941 ) кој е еден од водечките српски историчари кој го проучува Првото српско востание и влијанието на Европа, во статијата за Петар Ичко објавена на 6.01.1938 година во белградска „Политика“ вели: „Една од најинтерсните личности на првото востание бил без сомнение Петар Ичко, единствен меѓу востаниците кој имал дипломатска рутина и по тоа бил личност која била прв српски дипломат. Овој Македонец, поранешен драгоман на турската мисија во Виена и Берлин и сердар кај молдавскиот кнез Мурузија, а најпосле и базрѓан – баша или трговски козул во Белград имал повеќе способности за дипломатски и трговско-финансиски работи. Според сведочењето на митрополитот Стратимирович, владеел во говорот и писмото со грчкиот, српскиот, турскиот и готово сите живи европски јазици...“ Караѓорѓе кој ги познава овие особини на македонскиот трговец и дипломат Петар Ичко, го користи за преговори со Високата порта. Во јули 1806 година, Ичко бил испратен во Цариград, каде со помош на вселенскиот патријарх веднаш започнува преговори. На Петар Ичко му успева да постигне договор, нешто што не можеле да го постигнат ниту австриската ниту руската интервенција. Вешто користејќи ги поразите на турската војска на Мишар и Делиград во август 1806 година, како и кризата на односите меѓу Русија и Турција, тој ја наведува Портата да се сложи со предложените барања на Србија, а преговорите резултирале со договор, т.н. Ичковиот мир. Во септември 1806 година тој се враќа во Србија со склучениот договор, царскиот мухасил, кој го прифаќа Собранието во Смедерево и повторно во декември 1806 заминува за Цариград за да се потпише и потврди конечен мир. Иако во јануари 1807 година Портата ги прифаќа сите услови наведени на Ичковиот мир, Србија го отфрла договорот откако во меѓувреме избувнува Руско-турската војна (1806 – 1812), а Србите го освојуваат Белград. Србија ја продолжува војната, а Петар Ичко со тешки маки успева да се врати во Србија. Всушност Ичковиот мир не е постигнат, бидејќи „Србите го отфрлија поради својата дипломатска необразованост, русофилските симпатии и ослонувањето на олигархиските старешини на Русија против Караѓорѓе, како и поради заведеноста од престижот на Русија и новата воена ориентација на руската полтика према Турска“. По враќањето во Белград во 1807 година, Петар Ичко бил назначен за прв претседател на Белградскиот магистрат (суд), а неговиот брат Наум Ичко за старешина на трговците, базриѓан-баша. Но, незадоволен од прекинувањето на односите со Портата, Петар Ичко преминува во австриска служба, што било спротивно на Српско-руските интереси. Петар Ичко умира на 15 мај 1908 година. Се претпоставува дека бил отруен од српските востаници поврзани со рускиот дипломатски претставник Константин Родофинкин. Големо е значењето на дипломатски акт на македонскиот дипломат во служба на Србија Петар Ичко кој се гледа во тоа што „тој договор го примиле и Портата и востаниците и што тој, на барање на востаниците, успеал повторно да го потврди кај Портата. Тоа значење е истакното, најпосле, со тоа што тоа е единствен договор наречен по името на самиот преговарач „Ичков мир“. Исто така овој договор на Ичко, има големо значење во преговорите за мир за време на Второто српско востание. Фактот дека по низа заплети и катстрофи на Србија, кнезот Милош го зел Ичковиот мир за основа за барање на автономија во преговорите со Портата во 1815 година, сведочи за неговата реалност и практичното значење. Тој мир бил израз на Ичковиот и Караѓорѓевиот сомнеж во ефикасноста на руска помош, која не ја задоволувала ниту Караѓорѓевата патриотска воена надеж, ниту пак ни Ичковите дипломатски стремежи. |