Среда, 18 Декември 2013    PDF Печати Е-пошта
Александар (Алексо) Василев - Паша

alekso-pashaАлександар Василев (Баракли-Џумаја, Серско, 1890 – Горна Џумаја, 12. IX. 1924) е македонски револуционер од влашко потекло, учесник во Македонското Револуционерно Движење. Познат е уште како Алеко Василев, Алеко Паша, Орфо или Орфански. Учителствувал во Серско, а четувал во Серскиот револуционерен округ под раководство на Јане Сандански. Во 1919 година бил назначен за петрички околиски војвода, главен организатор и раководител на ВМРО во Пиринска Македонија. Пашата бил близок соработник на Тодор Александров, но по 1923 се дистанцирал од Александров. Во 1924 година ги прифатил принципите на Мајскиот манифест, но бил убиен во горноџумајските убиства извршени од ВМРО на Иван Михајлов.

Алксандар Василев е роден во 1891 година во градчето Долна Џумаја, Серско, Егејскиот дел на Македонија. Се образувал во егзархиското педагошко училиште во Сер, а по 1906 година, кога го напушта училиштето, па се` до Балканските војни учителствувал во селото Ќуприја, Серско. Алеко станува приврзаник на левото крило на Организацијата кое го предводи Јане Сандански.

Во текот на Првата балканска војна, Василев бил во четата на Јане Сандански, која ги поддржува активностите на Седмата рилска дивизија, а по Втората балканска војна се населува во Петрич. Наредната 1914 година, Алексо бил поставен за началник на местната полиција. По влегувањето на Бугарија во Првата Светска Војна во 1915 година, тој бил назначен за командант на партизански вод на Единаесеттата македонска дивизија, а во 1917/18 година бил префрлен во Дирекцијата за стопански грижи и општествена предвидливост при генерал А. Протогеров.

По Првата Светска Војна, Александар Василев создава воена организација во Пиринска Македонија, која станува дел од обновената ВМРО. Во 1919 година Алксандар Василев бил назначен за петрички околиски војвода, а потоа и за полномошник на Централниот комитет на ВМРО, за Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен комитет. Како главен организатор и раководител на обновената ВМРО, тој во Пиринска Македонија ја шири револуционерната мрежа, назначува судии, полиција и собира даноци. Во август 1922 година со тајно циркуларно писмо ВМРО ја прогласува Пиринска Македонија за “држава во држава“.

Атанас Џолев, четник во ВМРО Автономистичка, во „Спомените“ за Алеко Пашата вели: „Целото раководство на Организацијата беше во негови раце. Тој ги назначуваше или ги сменуваше војводите на сите околии во Македонија... Ја контролираше касата на Организацијата, се грижеше за набавка на оружје и облека за сите чети, наредуваше да им се дава месечна парична издршка на семејствата на убиените четници или на оние што се нелегални заради Организацијата. Строго ги гонеше и ги казнуваше со смрт диверзантите, крадците, разбојницнте и шпионите... Сите организациони работи самиот ги решаваше во име на ЦК и подоцна ги запознаваше неговите членови со извршеното, коишто наполно го одобруваа. Никогаш од никого немаше ништо да се слушне дека имало несогласувања меѓу него и Централниот комитет, недоразбирања и судири. Со еден збор, тој беше се` и сешто во Организацијата во Пиринска Македонија и затоа некои го крстија Алеко Паша“.

Ваквата положба на Организацијата во Пиринскиот дел на Македонија по Првата Светска Војна ја овозможи коалиционата влада во Бугарија во која истакната улога имаше Земјоделската партија (БЗНС) и нејзиниот лидер Александар Стамболиски, кој уште како официјален делегат на Бугарија на мировните преговори во Париз 1919 година се залагал за образување на посебна македонска држава. Тоа ќе го овозможи делувањето на обновената ВМРО, но и за создавање на Федеративната и Илинденската македонска организација. Меѓутоа, неговите настојувања за југословенско-бугарско зближување на штета на македонската кауза ќе ги разгори внтарешнопартиските несогласувања, како и пресметките меѓу македонските организации.

Во октомври 1922 година, Александар Василев и Георги Атанасов ја спроведуваат т.н. Неврокопска акција на ВМРО. Тие со 1.000 луѓе го завземаат Неврокоп и ги протеруваат четите на Федералистите предводени од Тодор Паница. Подоцна, објаснувајќи го овој чин Пашата вели: „ ...Оттаму е вратата за заминувањето за Драмско. Ни пречеа и отидов за да го расчистам патот“. Неврокопските настани предизвикуваат политички притисок од страна на Грција, која обвинува дека нападот е скроен со цел Бугарија да го покрене прашањето за автономија на Македонија.

Воениот преврат и падот на владата на Стамболиски во јуни 1923 година ги зголемува разликите и пресметката меѓу десницата и левицата на Македонското Револуционерно Движење во Пиринска Македонија. Погрешниот курс на Бугарската комунистичка партија (БКП) во овие настани бил осуден од страна на Коминтерната, која препорачува да се превземат мерки за востание против новиот режим на Александар Цанков, но и да стапат во преговори со раководителите на ВМРО за да се осигура нивна неутралност. Во постигнатата спогодба било договорено: ВМРО да остане настрана за време на востанието предводено од Бугарската работничка партија и организацијата на БКП во Петричкиот округ да не учествува во востанието, бидејќи во таа област и` се признаваше надлежност на ВМРО.

Меѓутоа, еден дел од комунистите, како и дел од левото крило на Организацијата, не ја почитувале спогодбата и го поддржале востанието во Пиринска Македонија. Откако водачите на Септемвриското востание увиделе дека тоа не било кренато или било задушено во поголем дел од Бугарија, доаѓа до преговори со ВМРО при што била донесена одлука тие да го предадат оружјето и да им бидат поштедени животите. Иако за животот на поголемиот дел од востаниците гарантирал Алеко Василев Пашата, некои од нив биле убиени. Тоа ќе доведе до негово дистанцирање од Тодор Александров.

Александар Василев Пашата во 1924 година ги прифатил принципите на Мајскиот манифест, кој бил потпишан од Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Но, набргу, под притисок на бугарските владеачки кругови Александров и Протогеров се откажуваат од манифестот. Веднаш потоа, на 31 август 1924 година, кај селото Липово на Пирин Планина, бил убиен Тодор Александров, а Алеко Василев Пашата бил осомничен дека е нарачател на убиството. Според сведочењето на Динчо Мицев Сугарски, извршители на убиството на Александров биле пријателите на Алеко, Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, додека неговиот телохранител Панзо Зафиров бил убиен од страна на Динчо Балкански.

Најчесто како мотив за убиството на Александров, а кој ги поврзува Алеко Василев Пашата и Георги Атанасов како главни нарачатели, се истакнува нивното меѓусебно несогласување, потоа обидот на двајцата да создадат силна опозиција против главниот раководител на Организацијата, како и да ги соочуваат високите позиции во ВМРО и касата, кои лесно можеле да ги изгубат на претстојниот Серски окружен конгрес.

Сепак, иако сите показатели насочуваат кон Пашата, сигурни докази за заговор од страната на Пашата и Атанасов нема. Тие што го познаваат Пашата го опишуваат како крупен, силен, интилигентен добро образуван, одличен оратор и организатор, строго морален, дисциплиниран идеалист, следбеник на Јане Сандански. Оттука постојат сомнежи дека сведочењето било изнудено под присила, а како можни други нарачатели се посочуваат повеќе страни, меѓу кои и групите околу Алеко Василев и Георги Атанасов, Александар Протогеров, Иван Михајлов, потоа владата на Цанков, бугарските комунисти и Комунистичката Интернационала.

Иван Михајлов, новиот член на ЦК на ВМРО, за убиството на Тодор Александров ја обвинил левицата во Организацијата и решил да се пресмета со водачите Алеко Василев и Георги Атанасов, како и со Илинденската организација. За таа цел, тој иницирал средба со Пашата, Атанасов и со раководителите на Илинденската организација во Горна Џумаја, под изговор за зачувување на единството во Организацијата и за да се спаси ВМРО од распаѓање.

На 12 и 13 септември 1924 година, во Горна Џумаја биле извршени повеќе ликвидации како резултат на длабоките поделби во Организацијата. На 11 септември дошло до првата средба меѓу Петар Шанданов, Алеко Пашата, Атанасов и Протогеров, која поминала во затегната атмосфера. По доаѓањето на истата вечер на раководителите на Илинденската организација, можело да се спроведе намерата на Михајлов, која ќе биде вовед во серија убиства во Горна Џумаја. На средбата која се одржала на 12 септември 1924 година, Петар Шанданов и Кирил Дрангов го ликвидираат Александар Василев Пашата.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.