|
||||
Павел Христов |
Павел Христов (1874 – Софија, 6. VI. 1922) е македонски учител и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација (МРО). Тој не е меѓу најпознатите први водачи како Даме, Гоце, Пере, Ѓорче и Матов, но, тој е еден меѓу првите по петмината водачи на револуционерна Македонија. Павел Христов е роден во 1874 година во битолското село Цапари. По завршувањето на гимназијата во бугарскиот град Лом, во 1894 година се враќа во Македонија како учител. Учителствувал во градовите Прилеп, Кичево, Костур и Битола, а во 1895 година Христов станал член на Македонската Револуционерна Организација. Тој брзо напредувал во хиерархијата на Организацијата и по три години бил поставен за раководител на Костурската револуционерна организација. Од 1898 до 1901 година, тој раководи со организацијата во Костурско со помош на Михаил Николов (Бобишча), Лазар Поп Трајков (Д’мбени) и Кузо Стефов (Загоричани). На почетокот на 1901 година, по убиството на злосторникот Нуредин бег од костурското село Света Недела, во таканаречената Нурединова афера, Христов бил уапсен од турските власти и поминува три години во Корчанскиот затвор. По излегувањето од затвор, по Илинденското востание во 1903 година, тој бил избран за член на Битолскиот револуционерен округ. Во 1905 година, како делегат на Битолскиот округ, Павел Христов учествува на Рилскиот конгрес, а на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година бил избран за член на Централниот комитет. Во меѓувреме, во 1907 година тој бил избран за претседател на Битолскиот конгрес на кој меѓу другото се ревидира и правилникот за работа од 1905 година. По Младотурската револуција во 1908 година, Павел Христов бил училишен инспектор во Битола. Во декември 1909 година поради убиството на црногорскиот анархист Јово Јовановиќ кој бил поставен за училишен инспектор во Битолскиот вилает, бил уапсен заедно со 40 – тина лица од Битола, меѓу кои Георги Попхристов и Милан Матов. По два месеци престој во затвор, Христов и останатите биле изнесени пред воен суд и ослободени. Во периодот 1910/1911 година, Павел Христов бил задграничен претставник на ВМРО во Софија и помагал организационо да се обнови Битолскиот револуционерен округ. Во Првата балканска војна тој учествува како доброволец во Македонско-одринско ополчение. На почетокот на војната бил во четата на Панајот Каранфилов, а потоа ја предводел четата бр. 23 која дејствувала во Битолско како поддршка на српската војска. Во содејство со Крсте Маликов и над 400 четници, ја уништуваат на неколку места железничката линија меѓу Лерин и Кременица и предизвикуваат паника во заднината на турската војска кај Битола. Во текот на Втората балканска меѓусојузничка војна Павел Христов е во Здружената партизанска чета при ополчението. Тој е еден од главните организатори и раководители на Охридско-Дебарското востание кое избувнува во септември 1913 година. Заедно со Петар Чаулев на 12 септември 1913 година влегуваат свечано во Охрид. Влегува во привременото раководно тело, но по задушувањето на востанието се повлекува во Албанија, каде ја продолжува соработката со албанските револуционери. Во текот на есента 1913 година, Павел Христов бил назначен за главен учител. Заедно со македонскиот деец и свештеник Трпо Поповски, кон крајот на ноември одат во Драч, каде се уапсени од месниот управител Есад паша Топтани. Поткупен од српските и грчките агенти, Есад паша ги уапсил и ги интернирал Христов и Поповски во Валона. По интервенцијата на ресенските трговци Михаил Татарчев и Коста Стрезов, како и на Хасан бег Приштина, Христов и Поповски биле ослободени. По Охридско-Дебарското востание, Павел Христов и Петар Чаулев повторно војуваат заедно во текот на Првата Светска Војна. Двајцата на чело на голема чета дејствуваат во тилот на српската армија и влегуваат во Крушево, три дена пред доаѓањето на бугарската војска. Во периодот од 1915 до 1918 година, Христов работи како окружен финансиски раководител, а подоцна и како окружен управник на Битола. По Првата Светска Војна, Павел Христов влегува во Временото претставништво на обединетата поранешна ВМРО. Во 1921 година оди во Албанија каде што заедно со Александар Протогеров преговараат со албанските револуционери предводени од Хасан Приштина, за заедничка борба против српската власт во Вардарска Македонија и Косово. Според договорот кој го склучуваат, Албанија требало да го добие Новопазарскиот санџак и Косово, Македонија да стане независна држава, додека Дебарскиот санџак бил спорен. Набргу потоа, Павле Христов умира од туберкулоза на 6 јуни 1922 година во Софија. Македонска нација |