Среда, 22 Јануари 2014    PDF Печати Е-пошта
Васил Ивановски - Бистришки

vasil-ivanovskiВасил Ивановски (1906 - 1991) е македонски истакнат национален деец, револуционер, журналист, публицист и историограф (со псевдоним: Динко Динков, Бистришки). Со семејството бил протеран од Егејскиот дел на Македонија и емигрира во Бугарија. Во 1926 г. емигрирал во СССР (Одеса и Тбилиси), а се вратил во Бугарија во 1932 година, каде влегува во раководството на ВМРО (Об). Учествува во антифашистичката борба во Бугарија и Македонија, а бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, како и заменик-министер за социјални грижи. Поради несогласување со политиката на владата на Колишевски, заминал во Бугарија во 1945 година и бил активен во редовите на македонската емиграција, афирмирајќи ја македонската национална држава. Во 1949 година бил осуден како „Титов шпион“.

Васил Атанас Ивановски е роден на 18 октомври 1906 година во костурското село Ловраде (Оловраде, Головраде). Неговиот татко бил учесник во Илинденското востание, а заедно со семејството, како и најголем дел од жителите на селото, по засилените андартски напади, во 1907 – 1908 година се преселува во соседното Хрупишта, градче на реката Бистрица.

По Првата Светска Војна, семејството на Васил Ивановски било протерано од Егејскиот дел на Македонија и тие емигрираат во Пловдив, Бугарија. Васил таму завршил прогимназија и на 15 години работи како тутуноберач. Се вклучува во работничкото и синдикалното движење, а во 1922 година станува член на пловдивскиот огранок на Бугарскиот кумунистички младински сојуз (БКМС). Наредната 1923 година станува член на Бугарската комунуистичка партија (БКП) и учествува како курир во подготовката на Септемвриското востание. Истовремено тој активно се вклучува и во дејноста на македонската емиграција во Бугарија и станува претседател на Прогресивната македонска младинска организација во Пловдив.

По атентатот на цар Борис III во април 1925 година, кога комунистите се изложени на прогон, Ивановски се крие во илегална чета на Родопите, а откако таа преминува на грчка територија,  тој оди во градот Хасково каде се активира во месната организација на БКМС и станува член на Окружниот комитет. Во 1926 година учествува во формирањето на Независниот работнички професионален сојуз и го организира штрајкот на тутунските работници. Во рамките на сојузот создава работничка театарска група во која се истакнува како актер и рецитатор.

По предлог на БКП, Васил Ивановски емигрира во СССР во 1926 година и додека се вршат проверки за неговите активности престојува во Одеса. Потоа бил преместен во грузискиот град Тбилиси (до 1936 г. Тифлис), каде работи како партиско-политички работник во фабрика за цигари. Во 1927 година бил испратен во Москва да учи во Комунистичкиот универзитет на националните малцинства на Запад, а во 1929 година бил примен за член на ВКП(б) [Сојузната комунистичка партија (болшевици)]. Таму Васил се зближува со Трајко Мишковски, Алексо Демниевски, Малина Попиванова и други дејци од Македонија, кои го будат во него македонскиот дух.

По завршувањето на студиите Ивановски се вратил во Бугарија во пролетта 1932 година. Станува член на Окружниот комитет на БКП на Пловдив, а во наредната 1933 година заминува на националната конференција на ВМРО (Об.) во Софија, каде бил избран за член на ЦК на ВМРО (Об) за Бугарија (Обласни комитет). Васил Ивановски бил задолжен за пропаганда и тој застанува цврсто во одбрана на македонските позиции. Соработува со весниците „Македонско знаме“, „Македонска револуција“, Македонско единство“ и „Македонски вести“. Во „Македонско знаме“ ја објавува брошурата „за идеите и задачите на македонското прогресивно движење во Бугарија“, а под псевдонимот Бистришки и најавата на студијата „Зошто ние Македонците сме посебна нација“.

Во 1934 година, во весникот близок до ВМРО (Об.) „Македонско знаме“, Ивановски ја објавува статијата „Национално-колонијално угнетување во Петричко“, во која говори за асимилаторската политика која се врши врз Македонците во Пиринска Македонија. Написот предизвикува вознемиреност кај бугарските власти, па поради забрана на весникот, статијата за „Македонска нација“ се публикува во странство. Таа се појавува на Четвртиот конгрес на Македонскиот народен сојуз во Америка под името „Зошто ние Македонците сме посебна нација“. Во неа Ивановски аргументирано пишува за постоењето на македонска нација и македонски јазик. Двата написи предизвикуваат шок кај бугарските националисти.

По заминувањето на Методија Шаторов за Југославија во есента 1935 година, Ивановски го завзема неговото место и станува секретар на организацијата. По провалата во организацијата во истата година, Ивановски го избегнува апсењето. На судскиот процес во Софија против членови на ВМРО (Об), оддржан во јули 1936 година, Ивановски бил осуден во отсуство на 5 години затвор. По изречената пресуда на обвинетите членови на организацијата (8 членови се изјаснуваат за Македонци, а само 5 за Бугари), во која Судот организацијата ја опишува како антидржавна и прокомунистичка, ВМРО (Об) почнува да згаснува, а членовите да се приклучуваат кон БКП. Ивановски кој се крие од властите, во 1937 година бара да биде испратен во Интернационалните бригади во Шпанија, но не му било дозволно. Откако пресудата му била намалена на две години поради раѓањето на бугарскиот престолонаследник, тој доброволно се пријавува на властите и лежи во затвор до средината на 1939 година.

По излегувањето од затвор тој продолжува со своите активности како секретар на два реонски комитети на БКП во Пловдив. Во 1940 година го предводи штрајкот на тутунските работници, а по нападот на Германија врз Советскиот Сојуз во 1941 година станува илегалец. Во 1942 година бил уапсен од бугарската полиција и осуден на 15 години. За време на испрашувањето, пловдивската полиција страшно го измачува, па Ивановски за да ги прекине маките прави обид за самоубиство и се фрла од прозорецот, но тој преживува со две скршени нозе.

Во 1943 година, со група политички затвореници, Ивановски бил префрлен во скопскиот затвор Идризово, каде го создава делото „Македонското прашање во минатото и денес“ кое останува необјавено до 1995 година. Во него тој ја претставува државната традиција на територијата на Македонија, етничкото и нациналното конституирање на македонскиот народ, формирањето на македонската држава во услови на поделба на тариторијата и постигнување на хармонија на македонскиот народ со другите етнички заедници во новата држава.

Во ова дело Ивановски пишува дека до XI век на територијата на Македонија постојат три македонски државни формации: 1. Државата на древните Македонци, 2. Сојузот на македонските склавинии и 3. Самоиловата држава. Всушност, корените на македонската државност тој ги бара во Античка Македонија и таа за него претставува предисторија за македонската нација. Според Ивановски македонската преродба се преплетува со бугарската, но таа по својата содржина останала чисто македонска. Прекините кои се појавуваат во процесот на национално оформување тој го објаснува со појавата на бугарската национална пропаганда, а како решение за македонското прашање тој предлага формирање на македонски национални комитети во Бугарија, Југославија и Грција кои треба да разработат методи за обединување на македонскиот народ и создавање на Македонска народна република, каде правата на националностите ќе бидат решени по советски модел.

Во средината на 1944 година Ивановски избегал на слободната територија и стапил во редовите на Македонската војска. Веднаш почнал да работи во пропагандното одделение на Главниот штаб на Македонија, а потоа како делегат учествува во работата на Првото заседание на АСНОМ.  Во органот на Народноослободителниот фронт на Македонија „Илинденски пат“, публикувано по повод свикувањето на АСНОМ во август 1944 година, во статијата „за соединување на македонскиот народ“, која потоа излегува како брошура, Ивановски пишува дека Вардарскиот дел на Македонија ја игра улогата на Пемонт околу кој треба да се обединат Пиринска и Егејска Македонија.

Васил Ивановски бил назначен за прв главен уредник на македонскиот дневен весник „Нова Македонија“, кој е основан со решение на Президиумот на АСНОМ и кој за првпат излегува на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци. Покрај оваа функција Ивановски во април 1945 година бил поставен и за заменик-министер за социјални грижи.

Во ноември 1945 година, поради несогласување со политиката на владата на Лазар Колишевски, Ивановски заминува во Бугарија. Д. Влахов, Апостолски, Ченто и В. Марковски на разделбата со Ивановски го изразуваат своето незадоволство дека „поради некои одговорни фактори во Македонија не можат да го исполнат делото како што треба“.

По доаѓањето во Бугарија Ивановски станува началник на одделот за агитација и пропаганда при ЦК на БКП. Тој бил доста активен во редовите на македонската емиграција, афирмирајќи ја македонската национална држава. Ивановски патува во Пиринскиот дел на Македонија, агитира и развива активна публицистичка дејност, во која се популаризира АСНОМ и новата македонска држава. Во брошурата „Актуелните прашања на Македонија“ тој ја повикува бугарската опозиција да го „остават македонскиот народ сам да си ги решава своите проблеми и судбина, бидејќи никој нема право да се меша во неговите внатрешни работи“. Во 1947 година Ивановски бил избран за претседател на Централниот македонски иницијативен комитет на културно-просветните друштва и е еден од организаторите на 44 години од Илинденското востание и 3 годишнината од АСНОМ.

По резолуцијата на Инфорбирото на 29 јуни 1948 година и промената на политичкиот курс на Бугарија ќе го доведат Ивановски во непријатна позиција поради неговите залагања за обединување на Македонија. Тој станува и за двете страни предавник. Обидот на Васил Ивановски и Спиро Василев да го издадат дневникот на македонскиот револуционер Васил Чакаларов ќе биде спречен од бугарските власти кои го запленуваат дневникот. Подоцна тој ќе биде доказ за престојната тужба против Ивановски.

Во судскиот процес на Трајчо Костов во 1949 година бил осуден на 12 години строг затвор како „Титов шпион“. Издржал седумгодишна казна затвор. Во 1956 бил амнестиран, но се` до неговата смрт во 1991 година води изолиран живот.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.