Среда, 05 Февруари 2014    PDF Печати Е-пошта
Александар Станоев

aleksandar-stanoevНа 22 ноември 2013 г., се навршија 106 години од смртта на револуционерот од Неготино, член на Централниот комитет на ВМРО избран на Рилскиот конгрес во 1905 година, Александар Станоев. Умрел на 26 години во виенска болница каде што бил лекуван од последици од рана добиена од куршум, со кој се самозастрелал во обид да не им се предаде жив на турските власти кога бил опколен и во безизлез. Неговите коски засекогаш останале во Виена. За жал, кај пошироката јавноста во Македонија многу малку се знае за овој револуционерен лик, иако целиот свој живот го посветил на револуционерното дело и на ослободување на Македонија.

Станоев е роден во Неготино во мај 1881 година во семејство со патријархално воспитување. Се школувал во повеќе градови, а по завршувањето на образованието, бил именуван за учител во Велес со плата од 30 лири. Но, тој избрал да учителствува во кавадаречкото село Бегниште за помала плата од 18 лири, само затоа што тоа село било револуционерната врска помеѓу Неготино и Kавадарци и селата околу реката Црна. А од раководството на ВМРО сакале таму да го имаат најбудниот и најкомуникативен помеѓу учителите. Селото важело за еден од значајните центри на Mакедонската Револуционерна Организација. Бил многу начитан, па дење ги учел децата во селското училиште, а ноќе на возрасните им зборувал за тоа дека народот мора да се организира ако сака да ја види Македонија слободна.

Неговата револуционерна активност не останала незабележана од страна на турските власти. Еден ден куќата во која престојувал во Неготино била опколена откако претходно кавадарчанецот Kонсулов, учител и негов колега, бил подложен на тешки измачувања за да го предаде, раскажува Блаже Лазовски, професор по историја од Неготино.

- Најпрвин се обидел да бега, но видел дека е опколен од сите страни. За да не падне жив во рацете на Турците, со револверот си пукал во главата. Но, куршумот не бил смртоносен, па паднал во бесвест и така дошол во рацете на непријателот. Османлиите го качиле во коњска кола и носејќи го кон Kавадарци, поминале покрај неговата семејна куќа. Ги повикале неговите родители за да си го видат синот-херој. Потоа го фрлиле да спие со добитокот во шталата на еден ан, на гола земја. Неговите најблиски се погрижиле тој да биде лекуван од еден добар лекар со грчко потекло. Тој им открил дека Турците го присилувале да го отруе при лекувањето - раскажува Лазовски за „Дневник“. По два месеца од овој настан околу 200 тиквешки затвореници, врзани во пранги, биле однесени во турскиот затвор „Едикуле“. Во текот на судскиот процес против него отворено кажал дека се залага за самостојна Македонија. Бил осуден на 101 година затвор, а Kонсулов бил осуден на тригодишна казна затвор. Биле префрлени во затворот „Подрум кале“ во Мала Азија каде што во тоа време биле и претседателот на ВМРО, Христо Татарчев, Даме Груев, Пере Тошев, Иван Хаџиниколов и други истакнати револуционери.

Откако биле амнестирани, од страна на Егзархијата бил именуван за учител, но кога разбрале за тоа Турците, го избркале од работа како непожелна личност. Kонсулов јавно му се извинил пред многу луѓе сред Неготино, а Станоев со величествена беседа му простил. Станал раководител на Тиквешкиот околиски револуционерен комитет на ВМРО за Kавадарци и за Неготино со 96 села. Неговиот дом во Неготино постојано бил полн со луѓе. Едни доаѓале заради доверливи револуционерни работи, други по совети, а трети барале од него да пресуди во нивните меѓусебни расправии. Формирал и месна чета што работела на префрлување чети на ВМРО преку Вардар. Формирал месни комитети на ВМРО во повеќе села од двете страни на Вардар. Соработувал со четата на Добри Даскалов, Пешо Самарџиев и бил близок со Јане Сандански.

Станоев во повеќе наврати во неготинскиот манастир „Св. Ѓорѓи“ се сретнал со рускиот претставник за солунскиот вилает Сурин, кој бил одговорен за спроведувањето на Мирцштегските реформи донесени од големите држави по Илинденското востание. Му кажувал за проблемите со турските власти во Тиквешко. Во една пригода, запрашан како гледа на прашањето за автономна Македонија, тој рекол дека слободата што ја сака најголемиот дел од населението нема да дојде ни толку брзо ни толку лесно. Тој додека бил на пат кон главниот шеф, кој ги надгледувал реформите во цела Македонија, Италијанецот Диџорџис, бил следен од турски шпион и уапсен, па бил ослободен по силно влијание на кавадаречки трговец.

- Водел навистина напорен револуционерен живот, па му се јавиле последици од раната во главата. Револуционерните другари собрале пари и го однеле на лекување во Виена каде што германски лекар му направил три операции. По лекувањето, кога за неколку дена требало да биде пуштен дома, изнемоштен, паднал незгодно удирајќи ја главата и починал. Болничките власти го погребале таму, а по пошта ги испратиле неговите лични работи дома - раскажува Лазовски, објаснувајќи дека за животот и делото на Станоев поопширно има во делата „Ослободителните борби на Македонија“ и „Писма и исповеди“ од Христо Силјанов.

Лазовски вели дека Станоев како учител, револуционер и општественик оставил длабоки траги во македонската револуционерна борба. Неговите двајца браќа Петар и Георги економски стоеле многу добро, бидејќи подолго време успешно се занимавале со трговија.
- Но, проклетството во напредното и револуционерно семејство Станоеви не завршило со смртта на Александар. Во периодот помеѓу балканските војни, како последица од Тиквешкото востание против бруталноста на српските военоадминистративни власти во 1913 година, српските војници го убиле братот на Александар, Ѓорѓи, заедно со сопругата и трите машки деца. Притоа биле убиени и таткото на Александар, Станоја, и чиракот во нивниот семеен дуќан. Случајно од целото семејство се спасил само малиот брат на Александар, Петар, кој, за среќа, порано го напуштил Неготино и заминал во Бугарија каде што продолжил да живее до неговата смрт - ги пренесува Лазовски историските податоци до кои дошол.

Ги сакал Македонија, Неготино и Вардар

Неготинскиот револуционер Александар Станоев пишувал стихови и многу ги сакал Македонија, Неготино и Вардар. Тој низ стихови прашувал: Зошто има зло во светот? Светот сè уште нема одговор на тие прашања.
Неговите коски никогаш не беа донесени од Виена, а неговата поезија не ја виде светлината на денот. Ништо не останало од неа. За слободата на Македонија ги жртвувал и поезијата и младоста. Умрел на 26-годишна возраст.

Меѓу деветтемина тиквешки великани

Директорот на кавадаречкиот музеј, историчарот Петре Kамчевски, го вбројува Станоев меѓу деветтемина тиквешки великани.
- Тој е мошне значајна личност во македонската историја како човек што го водеше и го организираше народот од Тиквешијата во борба за ослободување од османлиското ропство - вели Kамчевски за Станоев.
Благодарение токму на Kамчевски имаме можност да ја видиме една од ретките фотографии на Станоев.

Солунската афера

http://www.angelfire.com/super2/vmro-istorija/Nastani/solunska.html

„Во 1901 година се откри една од најкрупните и најгласните афери – Солунската, – којашто е предвесник на многу други афери во сите вилаети, на откривања и на зачестени судири.

Повод за солунската афера даде затворањето (23 јануари 1901) на двајца луѓе на Организацијата, Александар Ников – секретар на Централниот комитет и Милан Михајлов, кај кои се најдоа револвери. Ников успева да избега, а Милан Михајлов, подложен на мачења, започнува да издава што знае. Како резултат на неговото говорење, полицијата изврши претрес во станот на ученикот од VII клас Коне Лазаров и го најде списокот со имиња на работници, хектограф и др. компромитирачки документи. Следува затворањето на редица други видни луѓе на комитетот: Христо Матов, д-р Христо Татарчев, свештеникот Стамат Танчев, Диме Палашев, трговецот Васил Мончев, сопственик на „Бошнак-ан“ и др. Неколку дена подоцна Милан Михајлов, преоблечен во жандармериски алишта, ја посочува куќата, каде што се криеше ранетиот четник на Христо Чернопеев, Кочо Карловалијата, лекуван од д-р Христо Татарчев. Една ноќ полицијата на излегување од Солун ја фаќа колата на кукушанецот Анго Арабаџијата, со којашто бегаа неколку барани луѓе на комитетот: секретарот Ников, ученикот Милан Ризов, четникот Тодорчо од с. Серменин, Гевгелиско. Секретарот Ников се самоубива, а Милан Ризов го издава членот на месниот комитет Атанас Ангелов, трговец, во куќата каде што се криел.
Ретко турската власт наидувала на такви видни луѓе и крупни комитетски тајни.

Никој во Солун и во околните центри на вилаетот не се чувствуваше сигурен. Очекувајќи секој момент да биде уапсен, книжарот Иван Х. Николов, единствениот член на Централниот комитет кој бил неуапсен, побрза да им предаде на учителите Иван Гарванов и Спас Мартинов адреси и сe` неопходно за влегување во врска со провинциските организации и со Софискиот комитет.

Меѓу другите документи, кои паднале во турски раце, беше и опширниот шифриран цариградски рапорт на Александар Кипров за раскопаниот канал под темелите на Отоманската банка во Галата од анархотерористичката група на Славе Мерџанов. На Милан Михајлов значи се должи и тоа, што централата на Отоманската банка не полета во воздух.

Поттикнати од солунските резултати, Турците започнаа да употребуваат со повод и без повод инквизициони методи и во соседните околии (каази).

Кукушко пламнува истовремено по предавството од Солун и поради судирот на Чернопеевата чета во с. Бајалци. Во таа прочуена борба опкружената чета си проби пат со напад и после целиот ден се бори на отворено поле, кога даде седум убиени момчиња (од 13) и двајца ранети. Едниот од ранетите беше однесен од своите другари, а другиот остана во рацете на Турците.

Предавството и борбата го чинеа градот Кукуш и четирите села (Морарци, Капиново, Гавалјанци и Крецово) такви маки, што од затворените и измачувани (42 и 45) двајца умреа, двајца осакатија, а еден (Хр. Хаџи Попов) полуде.

Во Гевгелиско по повод борбата во Бајалци и на двете убиства од измачуваните (51, меѓу нив и жени) умреа двајца. Во Воденско пострадаа 45 души.

Така, во настанатата афера по повод солунските малтретирања, во бајалската борба беа затворени 44 души револуционери, заробени на разни дати во месеците февруари и март 1901 г. До јули таа година судбината на секој од затворените беше определена: на 6 јули 1904 година една група од 101 човек, меѓу кои имаше 8 души гевгеличани, била испратена на заточение во Мала Азија, тврдината "Подрум кале"; на 8 јули таа година друга група од 40 луѓе, меѓу кои 17 гевгеличани била испратена пак во Мала Азија – Акија. Или, само гевгеличани дадоа 25 луѓе заточеници во врска со бајалската борба и солунската афера.

Тоа се случи по повод барањето на оружје и фаќање на работници од Организацијата, набележани по списоци и документи, пронајдени во Солун. Бајалската афера беше само дополнителна последица на Солунските откритија. Многу наши луѓе го припишуваат затворањето на организационите работници во Гевгелиско на бајалската афера. Всушност чорапот на аферата се расплетуваше не од Бајалци, туку од Солун. [Динев, Ангел. Од минатото на Гевгелија - ("Македонија"), бр. 1772, 10.IX.1932 г.]

Во Тиквешко настрадаа девет села. За преживеаните ужаси зборува фактот, што од стотици измачувани еден од с. Ресово и двајца од Мрзен-Ореховец умираат во страшни маки, а еден од с. Борово, за да го избегне затворот и мачењето, се самоубива. Во Тиквешко, учителот Александар Станоев една богато надарена, кристално чиста поетска душа, преживува една потресна трагедија. За да го избегне затворањето, Станоев пука во себе, но куршумот минува над клепката. Паднат во бесвест, несреќникот беше пренесен во Неготино, лекуван, испратен во Солун, осуден и заточен во „Подрум кале“.

Не остана незасегнат од одразите на солунската афера и скопскиот округ – главно Радовишката кааза.

Рекапитулацијата на сите тие афери – последица на солунската – е страшна и по број и по својството на настраданите. Од затворените 188 беа осудени 101 (9 души на смрт). Една група од 40 души беше испратена на 6 јули во малоазијатската тврдина „Подрум кале“. Друга група од 44 души беше испратена на 8 август во Акција, исто малоазијатска тврдина“. [ Х.Силјанов. Ослободителните борби на Македонија]

Како резултат на Солунската аферата, било одржано судење од 26 февруари до 14 март 1901 година на кое биле изведени 19 души, членови на Организацијата. Од нив тројца беа осудени на смрт, седум, меѓу кои и Христо Матов и Пере Тошев, на вечен затвор, тројца, меѓу кои и Христо Татарчев и поп Стамат, на петгодишен затвор со синџири, еден на затвор во траење од две години и петмина обвинети биле ослободени. Сите осудени биле испратени на издржување на казната во Мала Азија, во тврдината „Подрум кале“ (некогашниот Халикарнас). Сите биле амнестирани во втората половина на 1902 година.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.