|
||||
Христо Зарезанков |
Христо Георгиев Зарезанков (1. I. 1890 – 4. V.1938) е македонски револуционер, сандинист и анархосоцијалист. Тој е еден од дванаесетемина Македонци со потекло од сите три дела на Македонија за кои има податоци дека учествувале во текот на Октомвриската револуција од 1917 година. Но, исто така тој е еден од жртвите кои настрадаа во Сталиновите чистки. Христо Зарезанков е роден на 1 јануари 1890 година во Велес во земјоделско семејство. Во родното место завршил основно училиште и прогимназија. Под влијание на учителот Андон Шулев, кој ги запознава своите ученици со социјализмот и работничкото движење во Европа, младиот Зарезанков влегува во социјалистичкиот кружок. Своето образование тој го продолжува на Педагошкото училиште во Скопје, каде подробно се запознава со социјалистичките идеи и учествува во ученичкиот бунт во декември 1905 година. По завршувањето на педагошкото училиште и Младотурската револуција во 1908 година, Христо Зарезанков бил назначен за учител во Велес. Во 1910 година станува член на работничкото друштво „Класно единство“ и активно учествувал во театарската група на друштвото. Играл во драмите на „На дното“, „Малограѓани“, „Нора“, „Воскресение“ и др. Во текот на неговото учителствување бил мошне близок со војводата на ВМРО за кумановско-штипскиот реон Јордан Иванов од Куманово, со кого заедно учеле во Педагошкото училиште во Скопје. По подлото убиство на војводата Иванов во 1911 година, тој станува приврзаник на левото крило на ВМРО и групата Сандански. Во текот на Првата балканска војна Зарезанков бега во Швајцарија, плашејќи се да не биде уапсен од бугарските војски поради вмешаност во обид за експропријација на една банка во Софија. Од 1913 година, тој работи како физички работник во Швајцарија и Франција. Се поврзува со руските емигранти револуционери и таму живее се до избувнувањето на Октомвриската револуција. Во декември 1917 година, тој заминува во Русија и зема учество во револуционерните борби. По доаѓањето во Москва се жени со русинката Екатерина Виноградова со која работи во книжарница. Христо Зарезанков се приклучува на партизански одред во Украина, каде останува се до април 1918 година, а во периодот од мај 1918 до март 1919 година доставува литература на фронтот и во позадината. Потоа, од мај истата година, работи како службеник во Полтава, град во североисточна Украина. Во истиот град служи во Црвената армија и се бори против белогардејските единици на генерал Врангел. Во август 1922 година Зарезанков се враќа во Москва и работи како помошник раководител на книжарницата на Сојузот за анархосиндикалистичка пропаганда „Глас на трудот“. На оваа работа останува до 1929 година, кога оваа анархистичка група паѓа во немилост на сталинистичкиот режим. Во 1930 година тој е уапсен и поминува месец и половина во затвор. Откако напишал писмо во весникот „Правда“ дека се откажува од анархизмот, Зарезанков бил пуштен од затвор. Во периодот 1930 / 31 година работи во Државната издавачка куќа на РСФСР (Руска Советска Федеративна Социјалистичка Република) каде како уредник селектира статии за објавување. Од мај 1931 до мај 1932 година работи како раководител на книжарница, а потоа до 1933 година како помошник раководител на книжарница. Меѓутоа, Зарезанков бил постојано под присмотра на руските власти и повторно бил уапсен на 17 февруари 1933 година. Причина за негово апсење била таа што тој не ја спречил продажбата и купувањето на книги од Михаил Бакунин. Поради ова, Зарезанков на 10 април бил казнет со три години егзил и е интерниран во Кустанај, Казахстан. Во интернација поминал три години, а за тоа време работи како книговодител и е општествено задолжен со функцијата претседател на другарскиот суд. Набрзо по враќањето од егзил, во јуни 1935 година, Зарезанков повторно бил уапсен и осуден на три години лишување од слобода интернација. Стресот од новата пресуда, врз него оставила тешки психолошки последици. Тој неможел да говори, а косата му побелела. Со новата пресуда Зарезанков бил интерниран во Минусинск, Краснојарски крај (Источен Сибир), каде повторно работи како книговодител. На 6 ноември 1937 година Зарезанков уште еднаш бил уапсен, а на 11 април 1938 година, како бивш анархист и член на антисоветска организација, е осуден на смрт со конфискација на имотот. Неполн месец потоа, Зарезанков е стрелан на 4 мај 1938 година во Минусинск, а неговото семејство било известено дека тој починал од рак на стомакот. Христо Георгиев Зарезанков бил рехабилитиран на 1 септември 1958 година. |