Среда, 05 Март 2014    PDF Печати Е-пошта
Константин Димитров Петкович

konstantin-dimitrovКонстантин Димитров Петкович (1824 - 1898) е македонски преродбеник, поет, преведувач, научник и руски дипломат. Тој е првиот Македонец кој ги завршил славистичките сту­дии на Историско-филолошкиот факултет на Петербуршкиот универзитет. Автор е на една од првите стихотворби во новата македонска поезија и е потписник на првиот труд од славистиката напишан на македонски јазик, кој е печатен во издание на Руската академија на науките. Пишувал на руски и на македонски јазик. Зборувал англиски, француски, италијански, романски и повеќе словенски јазици. Бил дипломатски службеник во Видин, Дубровник, Палестина и Бејрут.

Константин Петкович е роден во 1824 година во Башино Село, Велешко, во добростоечко семејство. Се образувал на Ришељевскиот лицеј (1842 – 1846) и семинаријата во Одеса (1846 – 1848), а потоа студирал словенска филологија на Петербуршкиот универзитет (1848 - 1851) кај прочуениот славист Измаил Иванович Срезневски. Уште во текот на студиите Петкович почнал да се бави со книжевна работа. Пишувал стихови и преведувал од разни славјански јазици на македонски, „бугарски“, јазик.

По дипломирањето, Константин Петкович, Натанаил Стојанович и Бугаринот Драган Цанков бараат од руските власти во Петроград да ги поддржат во нивната мисија - просветно да го издигнат и национално да ги осознаат словенските народи во Турција. Тие сакаат да одат во Цариград од каде преку разни публикации би делувале на будењето на славјанските маси.

Со цел да се запознае со јазиците и книжевностите на славјанските народи, Константин Петкович на пат за Македонија, посетува повеќе славјански земји. Тој се сретнал со повеќе истакнати личности на славјанскиот свет и вршел истражување по манастирските библиотеки.

За врема на посетата на главниот град на Чешка, Прага, Петкович се запознал со Павел Ј. Шафариќ, Ханка и други слависти. Од престојот во Прага ќе остане значаен превод на македонски јазик на тогаш популарното дело „Кралевдворски ракопис“ од В. Ханка (1852).

Своето патешествие Петкович го продолжил преку Виена, од каде патувал со Македонецот и рускиот воспитаник и свршен теолог Натанаил Стојанович родум од скопското село Кучевиште, Скопка Црна Гора, идниот Охридско-пловдвиски митрополит Натанаил Зографски и организатор на Кресненското востание. Заедно патуваат во Пешта каде имаат низа средби со македонските трговци, а потоа патуваат за Нови Сад и Сремски Карловци. По посетата на фрушкогорските манастири, доаѓаат во Белград каде остануваат четири дена. Како што напишал Натанаил во Белград се сретнале со повеќе луѓе меѓу кои и „ученици и проживајуштти од Б`лгарија и Македонија. Своите впечатоци од четиридневниот престој, Петкович ги дава во трудот „Очерки Белграда“ кој го објавува наредната 1853 година во „Журнал Министерства народног просвештенија“ (ЖМНП) во Санкт Петрбург. Воедно Петкович е еден од првите Македонци кој напишал статија за своите впечатоци од Балград.

Петкович се разделил со Натанаил во Земун и продолжил за Загреб, Љубљана и Трст, од каде преку Венеција и Атина, заминал за Света Гора. Од октомври 1852 година тој цел месец ги обиколува манастирските библиотеки и ги проучува славјанските-книжевни споменици. Своите истражувања, тој ги објавува подоцна во книгата „Обзор авонских древности“ (1865) во која за првпат изнесува некои податоци дотогаш непознати за науката. Исто така, тој ги претставува нетрпеливоста и сложените односи меѓу грчките и славјанските монаси, кои се појавуваат со почетокот на заедничката борба на Македонците и Бугарите за црковна независност.

Во текот на 1853 година Константин Петкович бил дописник на „Царградски весник“, за кој пишувал и велешанецот Јордан Хаџи Константинов Џинот. И двајцата имале блиски контакти со Друштвото на српската словесност во Белград. По доаѓањето во Цариград во 1853 година, Петкович кој во архивите на светогорскиот манастир Есфигмен пронашол хрисовула од српскиот деспот Јован Бранковиќ, ја испратил хрисовулата на Друштвото на српската словесност во Белград (ДСС). Истата била објавена во Гласникот на Друштвото (Гласник на ДСС, V, Белград, 1853, 224-225) и претставува прв прилог на еден Македонец.

Истата 1853 година, во Известија на Вториот оддел на Императорската академија на науките, бил објавен првиот труд на Петкович од областа на славистиката: „Известия К. Д. Петковича о рукописях Зографского Святогорского монастъьря“. Прилогот на Петко­вич е напишан на македонски јазик, со изобилство примеси од рускиот јазик и некои бугаризми. Трудот на Петкович е напечатен со тогашната азбука што беше во употреба во руската, српската, бугарската, македонската книжевност.

Константин Петковиќ бил повикан да се врати во Русија, а по Кримската војна (1853 - 1856) стапил во руската дипломатска служба. Од тогаш па се` до 1880 година, како руски дипломат службувал во Видин, Дубровник, Палестина и Бејрут. По завршувањето на работата во комисијата за разграничување на Бесарабија и Турска (20. IV. 1857), Петкович бил назначен за секретар на рускиот конзулат во Дубровник. Потоа, скоро петнаесет години Петковиќ поминал како руски конзул во Дубров­ник. Исто така, тој ги застапувал руските интереси во Црна Гора и воспоставил блиски врски со црногорскиот кнез. За време на долгогодишниот престој во Дубровник конзулот Петкович покажал извонредни дипломатски способности. Тој посебно се интересирал за животот на српската православна општина во Дубровник, така што, покрај честите парични прилози што ги давал за црквата и сиромасите, тој оставил и една интересна статија за историјата на српската православна општина во Дубровник (1859).

Интересот на Петкович спрема старите славјански ракописи не згаснал под теретот на дипломатски ангажман. Во 1958 година, како член на меѓународна европска комисија за разграничување меѓу Цр­на Гора и Турција, тој го посетил манастирот Добриловина кај Мојковац, кој бил изложен на разурнувања од страна на башибозуците. Во манастирот Петкович нашол де­вет стари српски ракописи, коишто ги зел со себе, за да ги проучува и сочува од пропаста. Единаесет години потоа, бидејќи се српски ракописи, на празникот на Св. Сава, со молба да ги чуваат во црковната библиотека тој ги пре­дава на српската православна црква во Дубровник. Во 1877 година Петкович ја публикува студијата „Црна Гора и Црногорци“, со која сакал да ги запознае Русите и другите за народот кој заслужува посебно внимание.

Константин Петкович е автор на повеќе оригинални творби и на преводи од чешки, словенечки, а автор е на низа научни прилози од историјата и филологијата. Со своите книжевни и научни трудови зазема едно од многу значајните места во галеријата на македонските преродбеници. Преводот на Петкович на познатиот „Либушин суд од Краледворскиот ракопис“ на чешкиот писател Вацлав Ханка, се јавува како љубопитен обид за создавање на литературен јазик на основа на централните македонски дијалекти“.

Во писмото испратено на српски јазик од 10 декември 1860 година до Стефан Веркович во кое се заблагодарува за примерокот од народни песни од Македонија, Петкович ќе напише: „Вашата збирка песни има големо значење во денешно време, кога конечно уште не е утврден нашиот книжевен јазик, и кој секој писател превртува и поправа, како што си сака. Јас поддржувам, дека во Македонија може да се најдат песни и раскази во кои јазикот би бил уште почист, и тоа околу Битола, Охрид и Велес. Нема сомнеж дека оние кои живеат сега во Македонија се вистински потомци на оние Славјани, за кои Св. Кирил и Методиј го превеле светото писмо“.

Константин Петкович починал во ноември 1898 година во Одеса. Во текот на животот за своите заслуги бил одликуван со Орден Св. Станислав, Крст за независност на Црна Гора и со францускиот Орден на Легија на честа.
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.