|
||||
Анастас Јанков |
Анастас Јанков (1. VIII. 1857 – 15. IV. 1906) наречен Македонски Гарибалди или Јанко Паша е македонски револуционер и врховистички деец во македонското народноослободително движење. Иако бил офицер на бугарската армија и член на Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), каде се смета дека Македонија и Одринско не можат да бидат ослободени со општо востание, туку со помош на бугарската војска и дека ова прашање е во рамките на бугарското национално прашање, тој покажува јасно изразен македонски идентитет. Анастас Динков Јанков е роден на 1 август 1857 година во познатото македонско костурско село Загоричане, Егејскиот дел на Македонија. Основното образование го стекнува во своето родно место, а подоцна учи во егзархиското училиште во Цариград. По завршувањето на школувањето во 1875 година, време кога се наѕираат револуционерните настани во Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Македонија, Јанков бил затворен, но бега во Одеса, а потоа во Србија. Во 1876 година како доброволец во српската армија Јанков учествува во Српско – Турската војна. По битката кај Гредетин е награден со српски орден и добива офицерски чин. За време на Руско-Турската војна (1877 - 1878), повторно како доброволец учествува и во борбите за ослободување на Бугарија. Во борбите кај Шипка и Шејново бил тешко ранет, а за покажаната исклучителна храброст бил одликуван со висок орден на Руската империја „Георгиевски крст“. По војната останува во новосоздаденото кнежество Бугарија и од ноември 1878 година учи во Военото училиште во Софија. По завршувањето на военото образование во 1880 година, како подпоручник служи во IX Берковска дружина. Во 1885 година како поручник на Харманлијската дружина учествува во Српско – Бугарската војна, во која се истакнува во борбите за освојување на Димитровград и Пирот. Од 1886 до 1901 година напредува во службата и добива чин полковник на бугарската армија. Истиот ден кога добил унапредување, Јанков бил отпуштен од армијата и до крајот на својот животот тој го поминува во редовите на Врховниот македонско – одрински комитет (ВМОК). Во 1902 година, како искусен револуционер и учесник во две војни, Анастас Јанков извршил обиколка во Македонија за да ја провери готовноста на населението за подигање на востание. Во родниот крај оди со голема чета, но поради различните ставови на ВМОК и ТМРО, тој имал неуспешен обид да крене востание во Костурско и Леринско. Гркоманот Павле Киров од костурското село Желево кој за Организацијата пренесувал оружје од Грција, а потоа по Илинденското востание со Коте Христов станаа андартски капетани, во изјава за британски новинар зборувајќи за различните ставови на челните луѓе на Организацијата вели дека освен Сандански, единствено Јанков на народот им говорел за „Македонија на Македонците“. Македонски Гарибалди или Јанко Паша својот став го потврдува пред почетокот на Горноџумајското востание во есента 1902 година со издавање на проглас до населението кое е објавено од тогашните весници, а во кое се вели: „Македонци! Сетете се за светскиот победител, за светската слава на Македонија - великиот Александар Македонски! Сетете се за храбриот цар Самуил, македонскиот великан, за прекрасниот Марко Крале, општославјанска слава - дека во нив течела македонска крв. Тие сега од небесните височини бдеат над нас и го благословуваат нашето започнато дело. Да се покажеме како нивни достојни потомци; да им ги зачуваме славните имиња; и ние да го зачудиме светот со нашата храброст, умешност и самопожртвуваност; да го отресеме од себе срамниот јарем што не гуши пет века“! По решението на Солунскиот конгрес во јануар 1903 година за кревање на востание, дејците на Врховниот комитет постигнаа договор со Внатрешната организација за учество во востанието. Со дозвола на Задграничното претставништво на територијата на Серскиот револуционерен округ навлегуваат четите на ВМОК. За време на востанието Јанков е член на Востаничкиот штаб во Разлошко. Со чета од 400 души под негова команда војува со турската војска кај с. Пирин и с. Белица. По востанието Јанков накратко преминува во Бугарија и потоа повторно се враќа во Македонија и дејствува во Серскиот округ. Тука влегува во конфликт со четите на Организацијата, кои сакаат да ги прогонат врховистичките чети од реонот. При средбата со врховистите Јане Сандански изјавил дека: „Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците... Вие ја сакате слободата на Македонија... како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас - внатрешните и Вас – врховистите“. По враќањето во Бугарија во зимата 1903 година Анастас Јанков веднаш бил уапсен и интерниран во Варна. Во овој период, тој дава интервју (“Штампа”, 01.12.1903) и во врска со неговиот врховизам и неговото национално чувство вели: „Јас не сум Бугарин, туку Македонец и на Македонија и` посакувам слобода и самоуправа. Тоа е целта на сите вистински Македонци... Ние Македонците не сме кадарни сами да го направиме тоа, но кадарни сме да кренеме востание во Македонија за да ги увериме Големите сили што го потпишаа Берлинскиот договор дека тие треба да го исполнат она што им го ветија на христијаните во европска Турција... Особено мораме да побрзаме за да го направиме тоа пред да се спогодат Србија и Бугарија за Македонија. Таа спогодба, според мене, би била кобна за Македонците, бидејќи Бугарија и Србија, откако ќе се спогодат за нашата татковина, ќе ја поделат Македонија и тие делови ќе си ги присоединат кон своите држави“. Анастас Јанков повторно навлегува со четите во Македонија. Но на враќање за Бугарија, на 15 април 1906 година, загинал со целата чета во борба со турските војници во маалата Пољана во селото Влахи, родното место на Јане Сандански. |