|
||||
Иван Анастасов – Грчето |
Иван Анастасов – Грчето (1880 - 1905) е македонски револуционер, деец на Мекедонската Револуционерна Организација, драмски војвода на ТМОРО. Дејствувал како организатор на Организацијата во Петричко, Поројско, Демирхисарско и Струмичко. Бил комита во повеќе чети и зел учество во Илинденското востание како војвода на чета во Драмско. Загинал во борба со османлиската војска. Оставил сеќавања за револуционерната дејност (1904). Иван Анастасов е роден во 1880 година во Мелник, Пиринскиот дел на Македонија. Со основно образование се стекнува прво во родното место каде учи во грчко училиште, а потоа оди во Сер каде учи во егзархиското класно училиште. Образованието го продолжува во педегошкото училиште во Сер, а по завршувањето на вториот педагошки курс, во учебната 1899/1900 година, бил назначен за учител во селото Игуменец, Петричко. Во училиштето повремено доаѓал весникот „Бунтовник“, неофицијален орган на Задграничното претставништво на Македонската Револуционерна Организација. Иван Анастасов преку весникот кој го уредувал Ѓорче Петров се запознава со целите и намерите на Организацијата во однос на македонското прашање. Исто така, во овој период во селото повремено престојува четата на војводата Костадин Зелников од село Русиново, Малешевско. Од војводата дознава дека во Македонија се пренесува оружје и дека се подготвува востание. Понесен од патриотски побуди и настаните кои следуваат, Иван Анастасов - Грчето во март 1900 г. влегува во четата на Зелников. Во прво време, заедно со неговиот постар брат се наоаѓа во четата на Зелников, а потоа оди во четата на војводата Стојко Бакалов. Неправедно осудени како грчки шпиони кои се влезени во четата за да дознаат за работата на комитетот, Иван Атанасов едвај се спасува, додека неговиот брат бил убиен. Во септември 1900 година, Грчето успева да се префрли во Дупница, Бугарија, каде доаѓа писмо дека биле неосновани тврдењата дека бил шпион. По месец дена, Грчето заминува за Македонија со четата на Михаил Поројлијата, (од с. Горни Порој, Демирхисарско, Егејскиот дел на Македонија). Во текот на ноември 1900 година, четата се сретнала со Гоце Делчев во струмичкото село Моноспитово. Тогаш Иван за првпат се сретнал со Делчев на кого му ја раскажал својата сторија, по што апостолот на македонската револуционерна борба го зел под своја закрила. Во разговорите со Делчев, водени додека го придружува во обиколката на Источна Македонија, Грчето ја добива вистинската слика за делото. Во сеќавањата за револуционерната дејност, забележани од Љубомир Милетич во 1904 година, Грчето го нагласува ставот на Делчев кој говорел дека: „Не може да се надеваме на надворешна помош, да не чекаме помош од Бугарија или некоја друга сила, туку треба да подготвиме од внатре - во душата на секој селанец да се проникне таа идеја, сите да се подготват и тогаш да се дигне масовно востание. Дотогаш никој од надвор да не се меша во нашата работа... “ По одделувањето на Михаил Поројлијата во Порој и по смената на Алексо Поројлијата, четата на Грчето предводена од дотогашниот секретар Миле Поп Јорданов ја продолжила револуционерната агитација во духот на Делчев. Во март 1901 година заминуваат во Бугарија каде останува два месеци. По снабдувањето со пушки и бомби се враќаат во Демирхисарско, кое тогаш во Серско и Милничко претставувале единствен револуционерен округ. Бидејќи се враќаат малкумина, Грчето се приклучува на четата на Дедо Илија Крчовалијата, со кого го чисти теренот од разбојници, а потоа ја продолжуваат агитацијата. Во текот на 1901 година, четата ја продолжува агитацијата во Петричко, Поројско, Демирхисарско и Струмичко. На населението им било укажувано да не дозволат да тргнат по умот на ајдуците и агентите на Цончев, кои им ветуваат дека Русија и Бугарија ќе ја ослободеле земјата, зошто тоа била политика на бугарскиот кнез, чија основна цел е присоединување на Македонија кон Бугарија. Малубројни и соочени со опасност да бидат предадени на Турците тие бараат поддршка од другите чети на Организацијата, по што им се придружила четата на војводата Атанас Тошовалијата. Во почетокот на јануари 1902 година Грчето учествува во судирот на четата со Турците кои со голема сила (600 – 700 души) дошле од Струмица и Петрич. Во судирот четата немала жртви, додека од страна на Турците паднаа 15 души. Иван Анастасов ја продолжува својата агитациска активност по селата во Демирхисарско и Серско. Во овој период една чета под раководство на војводата Георги Радев се одвојува од Дедо Илија и дејствува под името како „Серска чета“. Грчето заминува со „Серска чета“ како нејзин секретар и агитира се` до мај 1902 година, кога доаѓа во Бугарија. Во Софија останува девет месеци и потоа на почетокот на 1903 година со четата на Гоце Делчев заминува за Македонија. Во Караќој, Егејскиот дел од Македонија, Гоце Делчев се сретна со реонските чети на Сандански, Дедо Илија, Атанас Пашовалијата и др. По договорот како да продолжат понатаму бил направен нов распоред, при што Грчето останал како секретар на Дедо Илија кој имал задача да ја прати ревизорската чета на Гоце Делчев. По добивањето информации дека мостот кај Ангиста може да се нападне, Иван Анастасов учествува во рушењето на мостот и дел од тунелот. Потоа со четата заминува за Демирхисарско, додека Делчев кој беше против масовно востание заминал за Солун. Во село Ловча, Неврокопско, каде требало да се соберат сите раководители, дознава за смртта на Делчев. Во текот Илинденското востание во 1903 година, Иван Анастасов – Грчето станува војвода на драмската чета. Води борба во една дабова шумичка кај селото Калопот, Егејскиот дел на Македонија. По оваа борба Грчето се повлекува во Неврокопско, а оттаму во Бугарија, каде Милетич ги запишува неговите спомени. Во почетокот на 1904 година, Иван Анастасов – Грчето со чета од 14 души заминува за Драмско, но уште на границата бил откриен. Во заседа која ја поставуваат Турците, заедно со сите 14 четници загинал и Иван Анастасов. |