Марија (Мери) Бошкова (Битола, 2. V 1924 – 25.III 2014) е македонска драмска и филмска актерка, една од водечките македонски театарски уметници. Оствари бројни незаборавни театарски и филмски улоги. Таа беше еден од столбовите на македонскиот театар, каде изгради широк репертоар од лирски до драмски и карактерни улоги. Особено се истакнува во делата на современите странски и наши писатели. Нејзината креација на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ „Госпоѓа Министерка“ се вбројува меѓу најдобрите улоги на театарската сцена. Таа ја игра и главната улога, ликот на мајката, во првиот македонски игран филм „Фросина“ (1952), во кој за првпат се претставува македонскиот јазик на филмското платно.
Марија Бошкова е родена на 2 мај 1924 година во Битола. По завршувањето на основното училиште, таа го изучува шапкарскиот занает. Гламурот на филмското платно и театарската сцена го привлекува нејзиниот жив уметнички дух. Нејзината нескротлива љубопитност ќе ја натера да се појави на аудицијата на битолскиот театар. По положената аудиција, Мери се вработува во ансамблот на Народниот театар Битола во 1945 година. Меѓутоа, нејзиниот темперамент не ја задржува во родното место. Истата година младата битолчанка преминува во Драмата на Македонскиот народен театар каде работи се до 1956 година, кога на покана заминува да работи во Драмата на Народно позороште во Белград. Во Скопје се враќа по земјотресот во 1963 година и повторно работи во Драмата на МНТ од 1964 па се до пензинирањето во 1982 година. Сепак таа не ја напушта театарската сцена која за неа беше светост. По пензионирањето Мери останува активна на „даските кои живот значат“. Во текот на својата речиси шестдецениска кариера Мери оствари бројни незаборавни театарски и филмски улоги. Таа изградила широк репертоар од лирски до драмски и карактерни улоги. Особено се истакнува во делата на современите странски и наши писатели. Мери Бошкова го свртува вниманието на публиката и критиката уште при своите први настапи во Битола. Потоа нејзиниот убав и карактеристичен глас, нејзината убавина и креации на сцената на МНТ ја воодушевуваат публиката во Скопје, а додека живее и твори во Белград таа се прославува со: „Коштана“ од Б. Станковиќ, „Тетовирана ружа’ од Т. Вилијамс и др. Појавувајќи се во првите престави „Платон кречет“ и „Тартиф“ на сцената на Македонски народен театар во 1945 година, таа со својата игра се вградува во темелите на на МНТ и македонската театарска уметност, а потоа со улогите на Дездемона во „Отело“ (1954), Бароницата Кастели во „Господа Глембаеви“ (1955), Нора (1957), Александра во „Коломба’ (1965), Антигона (1967), Божана во „Печалбари“ (1969), Дејнара во „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), Гонерила во „Крал Лир“ (1972), Елена Николаевна во „Децата на сонцето“ (1973), Живка во „Госпоѓа министерка“ (1977), Мадам Дибоа во „Еригон“ (1982), Мајката во „Будење на пролетта“ (2000), Султана во „Тетовирани души“ (2001) и други станува еден од столбовите на македонскиот театар. Нејзините креации во повеќе главни, но и споредни улоги на „даските кои живот значат“, ќе ја издигнат Мери Бошкова на самиот пиадестал на македонската театарска уметност. Таа станува една од водечките театарски уметници, легенда на македонскиот театар. Мери особено ќе остане запаметена по својата улога на Живка во комедијата на Бранислав Нушиќ „Госпоѓа Министерка“. Нејзината креација на Живка се вбројува меѓу најдобрите улоги на театарската сцена не само во Македонија, туку и на просторите на поранешна Југославија. Неповторливата нејзина игра како Живка, во која постојано внесуваше нешто ново исполнето со шарм и живост, ги освојуваше гледачите и ги полнеше саланите на МНТ многу години. Покрај театарските улоги, Мери Бошкова останува запишана и во аналите на македонската филмаска уметност. Во 1952 година, таа ја игра главната улога, во првиот македонски игран филм „Фросина“, во режија на Војо Нановиќ. Во филмот каде за првпат се претставува македонскиот јазик на филмското платно, таа со 28 години успешно ја игра улогата на мајка, ликот на старица, што било вистинско изненадување. Во 1961 година се појавува и во првата македонска комедија „Мирно лето“ на Димитрие Османли, каде што ја остварува незаборавната улога на Нада. Потоа игра и во филмовите „До победата и по неа“ на Жика Митровиќ (1966), во „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо (1976) и „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли (1995), која беше и нејзината последна улога на филмското платно. Освен на театарската сцена и филмското платно таа е активна во радио-драмата и телевизиските драми Мери Бошкова за својот допринос во македонската театарска и филмска уметност во текот на шестдецениската кариера добива голем број признанија и награди како што се: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Живка во претставата „Госпоѓа министерка“ (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989); Награда на ревијата Екран за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот „Ангели на отпад“, во режија на Димитрие Османли (1995). Македонската театарска и филмска ѕвезда Мери Бошкова почина на 25 март 2014 година, во Скопје, во 89 година од својот живот. Нејзината ѕвезда сега свети на малото парче македонско небо каде светлат и другите македонски великани. |