|
||||
Славка Чакарова |
Славка Чакарова Пушкарова (1879 - 1956) е македонска револуционерка и учителка. Учествува во изработката на револуционерното знаме на Струшката револуционерна околија. Работи на припремата на организацискиот весник „Слобода или смрт“. Организира и пренесува оружје, муниција и друг материјал за четите. На станицата во Солун била уапсена, а потоа на процесот во Солун, била осудена на смрт. По херојското држење и притисок на јавноста била ослободена и протерена од земјата. Славка Чакарова е родена во 1879 година во Струга, во семејството Агнија Чакарова и Георги Чакаров. Нејзиниот татко активно учествувал во борбата против грчката Цариградска патријаршија и се бори за раководење на црковно-училишните општини, како и за обновување на Охридската архиепископија. Тој бил близок пријател со Григор Прличев и соработник на браќата Миладиновци, со кои бил уапсен во 1861 година, но потоа бил ослободен. Следејќи ги стапките на таткото Георги, Славка и нејзините браќа Александар и Станислав Чакарови стануваат дејци на ВМРО. Нејзината сестра Анастасија, исто така учесник во револуционерното дело, била сопруга на Димитар Узунов и мајка на војводата Христо Узунов. По завршувањето на Солунската женска гимназија, Славка Чакарова работи како учителка во Струга, каде била посветена во револуционерното дело. Заедно со Анастасија, Костадина Хаџова и Царева Деребанови, како и со други, го создаваат женското друштво „Светлина“. По создавањето на првата организациона чета, жените од градот даваат платно од чеизот, а групата на Славка од него шијат долна облека за сите 12 четници. Исто така тие им плетат чорапи и други потребни работи. Славка го вези натписот на нивните капи „Слобода или смрт“. Славка Чакарова подоцна учителствува во Охрид, каде се собира голема група на македонски жени револуционери: Анета Шахова, Аспасија Каневчева, Василка Размова, Костадина Бојаџиева, Клија Самарџиева, Костадина Настева, Поликсена Мосинова, Фанија Шулева и др. Во текот на 1899/1900 година, една од големите акции на учителките во која учествуваат било пренесувањето на оружјето за четите. Славка ја искористила свадбата на својата сестра за да го пренесе оружјето. Колешките од Охрид кои патуваат на свадбената веселба во Струга, на дното од чамците ги пренесуваат пушките и патроните. По Охрид заминува во Скопје, каде следните четири години работи како учителка и ја продолжува својата револуционерна дејност. Месниот револуционерен комитет со кој раководи учителот Никола Пушкаров (иден сопруг на Славка), ја назначил Славка Чакарова за секретарка со задача да ја раководи шифрираната коресподенција и да ги посетува затворите и конзулатите. Повторно околу неа се собираат македонските револуционерки како што се: единствената љубов на Гоце Делчев, Јанка Каневчева, потоа Амалија Примиџанова идна сопруга на Климент Шапкарев и Љуба К. идната сопруга на Владимир Руменов. Славка работи како краснописец и на организациониот весник „Слобода или смрт“, чиј редактор е Пушкаров, а хектографиран од учителките. Сите учители и учителки вежбале стрелање во околината, а оружјето за четите го пренесувале под облеката. Пред самото Илинденско востание, по заминувањето на Пушкаров во Бугарија за да превземе чета и оружје и муниција за востаниците во Македонија, заменик во работата била Славка Чакарова. Со помош на другите таа ја одржува врската меѓу градот и селата. Инаку, две години по првото знаме во Струшко, раководителите на Македонската револуционерна организација во Струга им нарачале да изработат друго знаме. Славка за време на престој во родното место учествува и во неговата изработка. Во 1902 година во куќата на А. Чакаров, учителките Славка, Анстасија и Милица Чакареви, заедно со Царева и Константина Деребанови го изработиле знамето на Струшката револуционерна околија. Во изработката на знамето учествуваат уште и Костадина Галабова, Катерина Несторова, Костадинка Вангелова и Анастасија Малешева. На ова знаме, на едната страна е извезена девојка која во десната рака држи меч, а во левата знаме со текст „Слобода или смрт“. Расплетената коса на девојката на знамето била извезена од вистинска коса што ја подариле Костантина и Царева Деребанови. Лево од девојката е претставен исправен лав, извезен со темноцрвен конец, кој свртен кон левата страна, со предните нозе цврсто го држи за дршката знамето, а со задните го гази и раскинува турското знаме и робските синџири. На другата страна на знамето е преставен разгневен лав кој го раскинува знамето на поробувачот со подигнат опаш во форма на факел. На 27 јули 1903 година, знамето извезено од Славка Чакарова и нејзиното женско друштво „Светлина“ било предадено на знаменосецот Милан Гагов кој го носи кај востаниците во Вевчани. За време на Илинденското востание знамето се вее во четата на Милан Матов, а по задушувањето на востанието, тоа му било предадено на Георги Чакаров, кој во 1917 година го носи за Софија. Многу години потоа струшкото востаничко знаме, кое како реликвија било чувано од Јорданка Миладинова-Чернова и нејзиниот син Климент, било предадено на Воено-историскиот музеј во Софија. По задушувањето на Илинденското востание, Славка Чакарова заминува за родниот град, но преку Солун, за да пренесе муниција и оружје. На станицата била претресена и уапсена, а потоа на процесот во Солун, во присуство на огромна и одбрана публика, како и на преставници на странскиот печат, била осудена со бесење. Пред судот таа се држела јуначки, а под притисок на јавноста била ослободена и протерана во Бугарија. Славка Чакарова станува сопруга на деецот на Македонската револуционерна организација Никола Пушкаров во 1906 година. Со него живее во Бугарија каде починала во 1956 година. |