|
||||
Јосиф Чешмеџиев |
Јосиф Чешмеџиев (8. XII 1890 - 28. IV 1964) е композитор и диригент, фолклорист, собирач на македонски народни песни. Во Солун бил ученик на Атанас Бадев, а на Конзерваториумот во Лајпциг, Германија, учел композиција кај прочуениот Макс Регер. По Балканските војни живее и работи во Бугарија. Се занимавал со собирање македонски народни песни, кои делумно и ги издал во 1926 година. Јосиф Чешмеџиев е роден на 8 декември 1890 година во Скопје. Се школувал во Скопје, Куманово, Солун и во Цариград. Во Солун бил ученик на Атанас Бадев, а во 1899 години се запишал на Духовната семинарија во Цариград, каде учи да свири на разни духовни инструменти кај Акзештајн капелмајстор на султанскиот духовен оркестар. Подоцна го превзема раководството на училишниот духовен оркестар во Цариград, а во почетокот на XX век ги создал првите музички композиции. Во 1909 година Чешмеџиев заминал за Лајпциг, Германија, каде што на Конзерваториумот учел композиција кај прочуениот Макс Регер, Гуго Риман и С. Крел. По завршувањето на Лајпцишкиот конзерваториум, односно по Балканските војни живее во Бугарија каде од 1913 година учителствува во Видин, потоа во Јамбол од 1914 до 1920 година, како и во Софија во периодот од 1920 до 1927 година и од 1930 до 1932 година. Во периодот од 1928 до 1931 година работи како соработник-запишувач во одделот на народни песни при Народниот музеј. Тој пишува и во списаниетo „Устрем“ (1923 - 1926), орган на „Македонскиот младински сојуз“ во Бугарија. Во 1926 година, списанијата „Устрем“, „Независна Македонија“ и „Илинден“ се спојуваат и се печати весникот „Македонија“. Чешмеџиев е назначен за музички уредник на „Македонија“ (1926 - 1934), во тоа време на еден од најтиражните и највлијателните весници на македонската емиграција во Бугарија, близок со Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Исто така тој е и уредник на музичката библиотека „Пантеон“. Во периодот додека пишува за списанието „Устрем“, сваќајќи го значењето на запишувањето, зачувувувањето и популаризирањето на сопствената песна, „Македонскиот младински сојуз“ во Бугарија, носи решение да се публикува зборник со македонски песни. Таа задача му ја доверува Чешмеџиев кој веќе се занимавал со собирање македонски народни песни. Тој треба да собере, одбере и да ги разработи песните кои ќе влезат во зборникот. Чешмеџиев со радост ја прифаќа задачата и со својот другар Н. Џеров одат по селата и градовите каде собираат песни. За кратко време собираат 214 песни – бисери, кои со претходно собраните 869, потоа делумно ќе ги публикува во 1926 година. Всушност, во месец јуни 1924 година, со дозвола на српските власти ги посетил и населените места во Западна Македонија каде собира македонски народни песни. Во село Жировница, испрашувајќи го старото и младото месно население, тој ги запишува песните на кои наидува. Меѓу другото, Чешмеџиев случајно доаѓа до значајно откритие. Во разговорот со дедо Арсо, старецот му открива дека од тоа место потекнувал Јован Кукузел. Според Чешмеџиев, дедото му кажал дека прочуениот пејач е од нивниот сој и дека тие се далечни пра-пра-внуци. Ова откритие Чешмеџиев потоа го презентира на јавноста преку списанието „Устрем“, преку кое во 1926 година објавува и дел од собраните македонски песни. Во предговорот на збирката „бугарски Македонски песни“ (Библиотека „Устрем“, No 3, Софија, 1926), Чешмеџиев ќе напише: „Ние Македонците без песна не можеме. Ја сакаме, силно ја сакаме родната песна како наша, блиска, разбирлива – како јазик кој говори за нашето минато, сегашноста и крие во себе морална и духовна моќ, потребни за утрешниот ден“ Свесен за значењето на македонската народна песна Чешмеџиев во овој предговор ќе дополни: „Ние, Македонците немаме пирамиди и сфинги, нашата таковина не е украсена со палати на материјалните паметници, но имаме нешто кое ниту вековите, ниту природните стихии, ниту демонската рака на насилниците неможат да го разурнат. Таа неискршлива сила е излеана во единствениот паметник - народната песна и игра, најбогатото и најценетото наследство што ни останало од минатиот живот и културата на Македонецот, сочувано и до денес”. На крајот на предговорот Чешмеџиев ќе им порача на идните македонски генерации:„Да ја пазиме и да ја пееме народната песна, зошто е сила и, додека ја пазиме, ќе живее моќниот дух на создателот и на народот.“ Од 1926 година, Јосиф Чешмеџиев раководи со македонскиот мешан хор „Шар“, а од 1933 година мешаниот хор „Јунак“. Како композитор воглавно работи во областа на хорската песна. Пишува детски и училишни песни, песни за мешан хор, прави обработки на македонски и турски песни и др. Автор е на учебници за пеење, статии за композитори и од областа на музичкиот фолклор. Напишал повеќе композиции, меѓу кои оперите: „Тајните на Вардар“ (1918), која не доживеала да биде изведена и „Меглена“ (1924). Потоа две симфонии: Симфонии №1 (1912, незав.) №2 (1923), како и пиеси за оркестар, инструментални пиеси, песни за глас и пиано, масовни и естрадни песни. Јосиф Чешмеџиев кој тежнеел за независна и обединета Македонија, починал на 28 април 1964 година во Софија. |