Среда, 29 Октомври 2014    PDF Печати Е-пошта
Теофил Аврамов

teofil-avramovХаџи Теофил Аврамов Жунгуловски (18. VII. 1838 - 20. VII. 1884) е македонски духовник, учесник во црковно-просветната борба против грчката Патријаршија. Се стекнал со високо образование на катедрата за филозофија во Цирих и Виена. Бил еден од челниците на антипатријаршиското движење во Западна Македонија, единствен славјански владика во Дебар поставен со султански берат. Својот живот го положил во борбата за осамостојување и обединување на македонските епархии, односно за обновување на Охридската архиепископија.

Теофил Аврамов е роден на 18 јули 1838 година во Лазарополе, во семејството на Аврам Кунов Жунгуловски и Риста, ќерка на Ѓурчин Кокале. Татко му бил богат трговец и ќеаја со 5.000 овци и 400 коњи. Имал тројца браќа и една сестра (Нестор, Марко, Јосиф и Елена). Со основно образование се стекнал во келијното училиште при селската црква Св. Ѓорѓија, каде учителствувал Мартин Димковски. На 12 годишна возраст образованието го продолжил во манастирот Св. Јован Бигорски, каде работи во манастирската препишувачка школа.

По две години, Теофил заминал во посета на Божјиот гроб во Ерусалим, заедно со вујко му Пејко Жебчевски, во тоа време еден од најбогатите луѓе во Дебарско. На враќање, откако двајцата пропатувале низ Иран, Ирак, Јордан, Сирија и Египет, вујко му Пејчо согледувајќи дека неговиот внук е интелигентен и одлично говори грчки, влашки, турски и албански, го запишал Теофил во машката гимназија во Сер, без знаење на татко му.

Додека учел во Сер, Теофил истовремено работел и во тајфата на Георги Динев од Гари. Тој го изучува копаничарскиот занает, а во 1852 година, како награда за добрата работа, добил едномесечно патување по Грција и Турција. Во Сер, Теофил се запознал со фолклористот Стефан Верковиќ, како и со македонските преродбеници Григор Прличев и Димитар Миладинов.

Свето образование Теофил го продолжува во грчката машка гимназија во Солун, каде за него се грижи неговиот дедо архимандритот Иларион Зографски (Чупоски). Во Солун другарува со Рајко Жинзифов од Велес, со роднината Димо Хаџиевски и со Ташко Цветков од Сушица. Поради антигрчко однесување и пројавени идеи за автономија на македонската црква и просвета, кратко време бил остранет од Солунската гимназија. Во текот на школувањето, Теофил истакнал со своето познавање на старогрчкиот, а го научил и францускиот јазик.

По завршувањето на гимназиското образование, извесен период работи како учител во училиштето на Аргир Трпков Дебарлијата, во Солун. Набрзо, на предлог на својот вујко Пејко го продолжува своето образование во странство. Во есента 1862 година заминува да учи во Швајцарија. Таму се запознал со српскиот социјалист Светозар Марковиќ, со кого подоцна се допишувал. По шест месечен престој во Швајцарија, Теофил заминал за Австрија и се запишал на Виенскиот универзитет, каде учи филозофија, естетика и природни науки. За време на престојот во Виена го изучил германскиот јазик и се стекнал со повеќе пријатели, меѓу кои хрватскиот писател Август Шеноа и особено со српскот писател Јован Јовановиќ Змај.

По завршувањето на образованието, Теофил се враќа во Лазарополе каде работи како учител заедно со Василко Икономов. Двајцата спроведуваат реформи, преобразувајќи го училиштето од келијно во модерно. Црковните книги биле заменети со буквар, читанка, сметање, свештена историја, географија, физичките казнувања биле исфрлени, а испитувањата на учениците биле пред нивните родители. Целата настава била водена на народниот мијачки дијалект.

Теофил учителствува во Лазарополе две години (1866 - 1867). Во овој период тој активно се вклучува во црковно-просветното движење кое го води Димо Хаџиевски, насочено против грчкиот владика Калиник од Дебар, подоцна заменет од омразениот Антим Гедзис. Со своето образование, ораторска вештина, како и со организаторските способности, Теофил станува омилен меѓу народот и еден од најактивните борци за црково-училишно осамостојување.

Теофил заминува да работи како учител во Дебар кон крајот на 1867 година. И таму како и во Лазарополе, спроведува реформи во училиштето и се бори за отфрлање на грчката црковна власт. За таа цел патува по селата на Долни Дебар (денес во Албанија) и го организира населението. Тој помага во обновата на црковно-училишната општина, која била распуштена по доаѓањето на грчкиот владика во градот, по што започна возобнувањето на црквата Св. Богородица, а во црковниот двор е изградено училиште.

Во пролетта 1869 година, Теофил Аврамов заминува за Охрид, каде учителствува. И овде тој се спротивставува на грчкото влијание и патријаршиската пропаганда. На 24 август 1869 година учествува во формирањето на црковно-училишната општина во Охрид, т.н. Охридска архиепископија. Потоа тој ги посетува Битола, Струга, Кичево и други места каде го организира антипатријаршиското движење и агитира да се бара од турските власти возобновување на укинатата Охридска архиепископија. Исто така, во Солун учествува и на формирањето на т.н. Национален комитет, кој како координативно тело треба да се залага за обнова на Охридска архиепископија.

По формирањето на Бугарската егзархија во февруари 1870 година, Теофил и будните Македонци продолжиле да работат за возобнувањето на Охридската архиепископија. Тој иницирал повеќе петиции и молби до турските власти во кои се објаснува дека не се ниту Грци, ниту Бугари и дека сакаат своја сопствена црква и богослужба на мајчин јазик.

Во мај 1971 година, Теофил Аврамов бил назначен за учител во Кичевскиот манастир Св. Богородица Пречиста, каде исто така го реформира училиштето и формира црковен комитет кој се спротивставува на грцизмот. Грчките учебници се заменуваат со книгите на македонските преродбеници  и учебникари Анатолиј Зографски, Партение Зографски, Кузман Шапкарев и Ѓорѓија Пулески и др.

Својата света мисија Теофил ја продолжил и во Србија каде еден период со Ѓорѓија Пулески и Цветко Поповиќ, агитираат меѓу македонските печалбари да се вклучат во борбата против национално-верските пропаганди и турското владеење во Македонија. Исто така, Теофил се среќавал неколку пати со солунскиот валија Митхат паша, кој го признавал постоењето на македонскиот народ и се залагал за праведно решавање на македонското црковно прашање.

Незадоволни од начинот како се решава црковното прашање, како и наметнувањето на бугарскиот јазик од страна на Егзархијата, македонското црковно движење својот спас го побарало во Унијатството. По примерот на солунската, дојранската, кукушката, струмичката, малешевската и ениџе-вардарската црковна општина, во септември 1874 година, на состанок во Кичево, Теофил со соработниците решиле охридската, кичевската и дебарската црковна општина да стапат во Унија со Римокатоличката црква. По, неуспешниот обид,  во декември 1874 година, Теофил се вратил во Лазарополе, каде повторно учителствува заедно со Василко Икономов. Во врска со црковното прашање, Теофил воспоставил контакти со руските конзули Максимов во Битола и со Иван Ст. Јастребов во Призрен.

Теофил неколку пати бил наговоруван да прифати да биде поставен за владика на Дебарско-Кичевската или на Охридската епархија. По долго и упорно настојување на народни првенци, како и од народот, Теофил се согласил. Во присуство на над 3.000 луѓе, тој бил запопен на Ѓурѓовден 9 мај 1879 година, во манастирот Св. Јован Бигорски.

За да се стекне со потребното знаење, во есента 1881 година, пристигнал во Петроград, каде се запишал на познатата Свештена семинарија. Таму воспоставил контакти со македонските студенти од познатата Македонска дружина. По завршувањето на семинаријата, сега веќе архимандрит, Теофил пристигнал на 12 април 1882 година во Цариград, каде бил примен од великиот везир на турската империја Хасан Фехми паша. Тој му издал берат (заповед) со кој му се дозволува на Теофила да раководи со Дебарско-Кичевската епархија, со што тој станал прв Македонец кој добил ваков документ од Високата Порта без покровителство ниту на грчката Патријаршија, ниту на бугарската Егзархија. Официјално тој бил именуван како славјански владика, со што Дебарско-Кичевската епархија која официјално-формално се наоѓала во владение на грчкиот владика Антим, сега добила втора црковна власт.

Теофил кој бил прифатен од населението, бил закана за грчката и бугарската црква. Додека Егзархијата размислува како да го привлече во своите редови, Патријаршијата размислува како да го елиминира. Соочен со притисокот на грчкиот владика, Теофил ги затоплува односите со Егзархијата со надеж дека преку неа ќе дојде до обновување на Охридската архиепископија. На повикот на Егзархот Јосиф I, Теофил заминува во Цариград, каде на 19 февруари 1884 година го добил протојерејскиот чин и станува заменик митрополит за Македонија и Одринско.

Архимандрит Теофил организирал општо-народен црковен собор, којшто се одржал на Иванден (7 јули) 1884 година во манастирот Св. Јован Бигорски. Собирот на кој учествувале околу 3000 поклоници и претставници на месни црковно-народни одбори, од Централна и Западна Македонија, како и од Албанија, бил наречен Славјански конгрес. Ова го зголемува бесот кај Патријаршистите, кои го клеветат Теофил кај турските власти. Набргу Теофил бил повикан во Битола, каде власта го затвора. Но, под притисок на видните Македонци, како и по интервенцијата на рускиот вицеконзул од Битола, Теофил набрзо бил ослободен.

Увидувајќи дека само со физичка ликвидација ќе може да се ослободи од Теофил, грчкиот владика Антим почнува да ја плете мрежата. Тој ги подбуцнува дебарските муслимани, а на нивните првенци им говори дека тој е руски агент, кој подготвувал востание во Македонија. Стравот од доаѓање на руските војски во овој дел од турското царство, ги предизвикува муслиманските првенци, кои договориле ликвидацијата на архимандритот Теофил. Истовремено грчкиот владика ги поткупил телохранителите на Теофиловиот пријател Селим Рус бег. Така, на ден Илинден 1884 година, на враќање од Дебар за Лазарополе, придружниците го убиле Теофил во близина на неговото село. По откривањето на злочинот, на пренесувањето на телото на Теофил, присуствувале над 1200 луѓе од сите околни села.

Теофил бил погребан на 3 август, во дворот на црквата Св. Ѓорѓи, со сите црковни почести. Во присуство над 5.000 луѓе, опело одржале архимандритите Софроние и Михаил во сослужение на 25 свештеници од Малореканскиот крај.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.