|
||||
Иван Каранџулов |
Иван Каранџулов (1856 – 5.V.1930) бил правник и општественик од Македонија, претседател на Извршниот комитет, а потоа на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства, пратеник во бугарското Народно собрание, главен обвинител на Врховниот суд и претседател на Алианс Френцезе во Бугарија. Се школувал во Цариград и правни науки завршил во Франција. Како долгогодишен претседател на Комитетот, одржувал блиски врски со ВМРО на Т. Александров и Иван Михајлов. Иван Каранџулов е роден во 1856 година во градот Прилеп, во семејството на просветниот деец Коне Чонов Каранџулов, кој отворил една од првите печатници во Западна Македонија и учествувал во црковната борба за независност. Иван своето образование го завршил во родното место, а откако татко му се преселил во Битола, работи како учител меѓу 1872 и 1874 година. Потоа заминува во Цариград каде учи на Роберт колеџот, кој претставува најстаро американско училиште надвор од границите на САД, основано 1861 година. По завршувањето на колеџот се враќа во Битола и продолжува да работи како учител. Во текот на престојот во Цариград, Иван Каранџулов го редактирал весникот „Новини“, а по враќањето, покрај учителствувањето работи и како коресподент на весникот „Зорница“. Потоа заминува во францускиот град Екс ан Прованс, каде студира право. По завршување на правните студии во 1889 година, Иван Каранџулов заминал за Бугарија, каде живее и работи. Тој службувал на разни позиции во бугарското судство. Иван бил судија во окружните судови, претседател на Апелацискиот суд, а од 20 април 1907 до 8 јануари 1920 година бил и главен обвинител на Врховниот суд. Во 1907 година, Иван Каранџулов бил делегат на Втората Хашка конференција за мир, на која заедно со другите бугарски претставници генарал Врбан Винаров (исто така завршил на Роберт колеџ во Цариград, масон), Иван Кожухаров и капетан С. Димитров, се залагале за идејата за создавање на постојан Меѓународен арбитражен комитет. Иван Каранџулов активно учествувал во македонското ослободително движење и го поддржува Врхониот македонско-одрински комитет, кој како раководно тело на македонските емигрантски друштва, официјално се залага за автономија на Македонија и Одринско. Има големо влијание меѓу македонската емиграција во Бугарија и станал претседател на Извршниот комитет, а потоа на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства. По Првата Светска Војна, Каранџулов бил избран за претседател на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства и на таа позиција се наоѓа од 1918 до 1922 година. Како долгогодишен претседател на Комитетот, тој одржувал тесни врски и станува истакнат деец на ВМРО на Тодор Александров и Иван Михајлов, кои ги поддржува во судирот со противниците. Во 1923 година, Иван Каранџулов учествува во основањето на Македонскиот научен институт во Бугарија, кој има за цел изучување на Македонија и нејзиното население. Истата година бил првпат избран за пратеник во Народното собрание. Односно, Иван Каранџулов бил избран во 1923 година за пратеник на 21 – то, а во 1927 година за пратеник на 22 - то Народно собрание, од Неврокоп, Петричкиот округ. Во бугарското собрание дејствувал како член на Македонската парламентарна група се` до неговата смрт во 1930 година. Инаку оваа група била легален парламентарен претставник на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација во Бугарското собрание, во периодот помеѓу 1924 до 1934 година. Во 1924 година, на виенските разговори помеѓу претставниците на ВМРО и Коминтерната, во духот на Мајскиот манифест била донесена Декларација на македонската парламентарна група, во која „македонските парламентарци му откажуваат секаква поддршка на бугарската Влада на Цанков, престануваат да бидат оделни пратеници и образуваат Македонска парламентарна група која констатира дека денешната бугарска влада се експонира како непријател на македонскиот народ и на неговата ослободителна кауза“. Иван Каранџулов, како и другите Македонци кои биле избрани за пратеници во бугарското собрание со поддршка на ВМРО, се оформиле како посебна Македонска парламентарна група, која по повлекувањето на Александров од Мајскиот Манифест, тоа стриктно ги спроведувала упатствата на ВМРО (Автономистичка), а по расцепот на Организацијата и на Михајловистите. Пратениците на Македонската парламентарна група, меѓу кои е и Каранџулов, во текот на својот мандат во 21 и 22 Народно собрание се спротивставувале на подобрувањето на односите помеѓу трите балкански држави: Бугарија, Кралството Југославија и Кралството Грција. Во текот на својот живот д-р Иван Каранџулов бил претседател и на Францускиот институт (Алианс Френцезе), кој има за цел да ги шири францускиот јазик и култура во Бугарија. Него пријателите ќе го опишат како човек со висока култура и интелигенција, англиски образован, остроумен и брилијантен ум, кој предизвикуваше стравопочит и лесно и со иронија се спротивставуваше со противниците. И тој како и многумина македонски емигранти умира на 5 мај 1930 година во Софија, далеку од своето родно место и својата татковина. |