|
||||
Илеш Шпиц |
Илеш Шпиц (2.II.1902 - 1.Х.1961) е фудбалски репрезентативец на Унгарија и тренер на скопските клубови ФК „Граѓански“ (1938), ФК „Македонија“ (1941–1944) и ФК „Вардар“ (1960 – 1961). Во текот на Втората Светска Војна, како Унгарец со еврејско потекло, окупаторските власти во Македонија се обиделе да го интернираат во логор на смртта (1943), но поради силниот отпор на јавноста и енергичното залагање од Управата на Клубот „Македонија“, бил симнат од возот кај Врање и вратен во Скопје. По овој настан снимен е филмот „Трето полувреме“. Илеш Шпиц е роден на 2 февруари 1902 во Будимпешта, Унгарија. Рано почнал да се занимава со фудбалот. Играл во Будимпешта за унгарските клубови Немзети (1916 до 1926) и Ујпешт (1926 до 1934 ). Славата ја стекнал како играч на Ујпешт, кога помага да го освојат „Купот на нациите“ во 1930 година, а потоа настапувал за швајцарските клубови „Сенкт Гален“ (1935) и ФЦ „Цирих“ (1935). За 20 години одиграл преку 1.000 натпревари и постигнал околу 600 голови. За репрезентацијата на Унгарија одиграл 6 натпревари и постигнал 3 гола. По завршувањето на неговата играчка кариера во 1937 година, Шпиц се сели во тогашна Југославија, каде работи како тренер се` до крајот на животот. Од 1937 до 1939 година тој е тренер на фудбалскиот клуб „Хајдук“ од Сплит, а потоа доаѓа во Скопје каде станува тренер на ФК „Граѓански“ (1939). Во текот на Втората Светска Војна тој е тренер на ФК „Македонија“ (1941–1944), а по војната бил тренер на белградски „Партизан“ (1946 - 1955), со кого освојува две првенства (1947 и 1949) и три купа (1947, 1952 и 1954). Извесен период го тренирал белградскиот тим „Раднички“, а потоа доаѓа во својот сакан град Скопје, каде како тренер на „Вардар“ го затекнува смртта. Во текот на својата работа како тренер Илеш Шпиц се истакнал како голем стручњак и фудбалски стратег, кој многу придонел за развој на хрватскиот, српскиот и македонскиот фудбал. Неговите погледи за фудбалската игра и неговата работа со играчите беа далеку пред времето во кое работел. Во 1939 година започнува македонската приказна на унгарскиот тренер со еврејско потекло. Илеш Шпиц од ФК „Хајдук“ од Сплит, доаѓа во Скопје за тренер на ФК „Граѓански“, кој под неговото стручно раководство станал прволигаш. На почетокот на Втората Светска Војна, во август 1941 година „Граѓански“ се спојува со другите градски скопски клубови (ССК, ЖСК, Победа и Југ) и го формираат фудбалскиот клуб „Македонија“. Шпиц останал главен тренер во клубот, а поголем дел од играчите на „Граѓански“ станаа дел од новиот тим „Македонија“. Предводен од Шпиц, фудбалскиот клуб „Македонија“ кој станал член на Елитната дивизија на Бугарија, успешно се натпреварувал во Бугарската лига, а некои од играчите дури станале и репрезентативци на Бугарија. Успешноста на клубот и бројното присуство на натпреварите на кои почнал да се чувствува македонскиот патриотизам, ги изненадува Бугарите, кои на секој чекор со застрашување се обидуваат да го спречат победоносниот од^ на „Македонија“. Сепак, и покрај сите судиски неправди и застрашувања, Шпиц успева во 1942 година да го донесе клубот во финалето на лигата, која се играла во куп систем. Историскиот натпревар за шампион на Бугарија, меѓу македонскиот фудбалски клуб „Македонија“ и бугарскиот „Левски“, се одиграл на скопскиот градски стадион на 29 март 1942 година, пред околу 5.000 гледачи. „Македонија“ водел со 2:0, кога фудбалерите на „Левски“ дале нерегуларен гол, а кој бил признат од бугарскиот судија. Тоа ќе предизвика мешаница и бура од реакции кај навивачите, кои скандирале „Македонија, Македонија“. Судијата потоа го прекинува натпреварот и „Левски“ го добива натпреварот со службен резултат 0:3. Во овие натпревари екипата на Македонија предводена од тренерот Илеш Шпиц игра во следниот состав: Васил Дилев (голман), Слободан Виданов, Живко Недков, Драган Геров - Гагуш, Блаже Симеонов - Гаер, Стојан Богоев – Гајда, Трајче Серафимов, Драган Луков – Аџијата, Светозар Атанасов, Јане Јанев, Кирил Симоновски Џина и Саво Цветковиќ. Поголем дел од раководството и играчите на фудбалскиот клуб Македонија беа македонски патриоти кои беа тесно поврзани со Народноослободителното движење и во 1943 и 1944 ќе заминат во партизани. Тренерот на Македонија Илеш Шпиц, како Евреин носел жолта ѕвезда и имал ограничено движење. Во март 1943 година заедно со другите Евреи од Скопје бил однесен во тутунскиот комбинат каде го чекал транспортот на смртта. Од раководството на фудбалскиот клуб „Македонија“ веднаш реагирале, барајќи негово ослободување. Поради силниот отпор на јавноста и енергичното залагање од Управата на Клубот „Македонија“, Шпиц кој веќе бил депортиран за Треблинка, бил симнат од возот кај Врање и вратен во Скопје. По Втората Светска Војна, новите власти на повоена Југославија, го викаат Илеш Шпиц во Белград да го тренира фудбалскиот клуб „Партизан“. Во овој клуб во кој биле регрутирани најдобрите играчи од целата земја, Шпиц од Скопје заминува заедно со играчот Кирил Симоновски Џинаво 1946 година. Шпиц останал на чело на „Партизан“, речиси цела една деценија помагајќи им да освојат неколку титули. Потоа извесен период го тренира белградскиот тим „Раднички“. Во Скопје, Шпиц се враќа во 1960 година. Тој го превзема ФК Вардар и веќе наредната година со Македонците го освојува Купот на Југославија. Во градот кој неизмерно го сака, тој ги поминува последните моменти од својот живот. На 1 октомври 1961 година, по натпреварот Вардар - ОФК „Београд“, кој неговиот тим го добива со 3:2, Илеш Шпиц добива инфаркт и умира во соблекувалната на градскиот стадион во Скопје. Илеш Шпиц е легенда на Македонскиот фудбал. |