|
||||
Софрониј Стојанов Цоленков |
Софрониј Стојанов (8. X 1871 – 15. IV 1903) е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење. Во 1892 година завршил воено училиште во Софија. Познат уште како Хаџи Асенов и Цобе, Софрониј бил поручник во Бугарската армија, која во 1900 година ја напушта за да дејствува во Македонија. Како војвода на ВМОК дејствувал во Малешевско, Горноџумајско и во Кичевско. Загинал во борба со османлиската војска. Софрониј Стојанов Целенков е роден на 8 октомври 1871 година во Цер, Демирхисарско, во печалбарско семејство на Стојан и Злата. Татко му Стојан заминал на печалба во Влашко (Романија), а во 1880 година со себе го повел и малиот Софрониј. Како деветгодишник се запишал во влашко училиште во градот Крајова. Суровиот печалбарски живот и однесувањето на татко му, ќе го натераат младиот Софрониј во пролетта 1884 гозина да замине за Бугарија, каде негови роднини и познаници од македонската емиграција ќе му помагнат да се запише во Софиската гимназија. Во 1889 година, по успешното завршување на V клас, Софрониј се запишал во Военото училиште. Првиот официрски чин го добил во август 1892 година, а со чин поручник се стекнал во август 1895 година. Од 1897 година, Софрониј Стојанов служи во 14 – от Македонски пешадиски полк на Бугарската армија, а потоа бил прекомандуван во 5 – от Дунавски пешадиски полк. Во текот на службувањето во бугарската армија бил одликуван со: руски орден “Св. Станислав“ III степен (1896) и српски орден “Таково“ V степен (1897). Како и други македонски патриоти кои како офицери служеле во бугарската армија, Софрониј Стојанов на повик на татковината, во март 1900 година по свое барање ја напушта воената служба за да дејствува во Македонија. Се става на располагање на Врховниот македонски комитет (ВМК), раководно тело на македонските емигрантски друштва во Бугарија, кој во 1900 година ќе се преименува во Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК). Борис Сарафов кој е на чело на Комитетот и ја помага Македоинската револуционерна организација, го испраќа Софрониј во Романија да набави оружје за Организацијата. Во меѓусебниот судир за превласт, доаѓа до компромисната мајска спогодба ВМК и ТМОРО, по која Софрониј требало да замине за Битолскиот револуционерен округ. Меѓутоа, поради поп Ставревата провала, било решено да тој да замине во Солун, каде доаѓа во декември 1900 година за да ја провери состојбата во Организацијата. Во Солун Софрониј престојувал под името Хаџи Асенов и таму се задржал се до Солунската афера, една од најголемите афери со која се соочила Македонската револуционерна организација. Не е позната неговата улога во овие настани, но откако Иван Хаџи Николов му издал пет бланко потврди за офицерите во случај на востание, Софрониј се вратил во Бугарија. Кон крајот на 1901 година Софрониј бил назначен за војвода на ВМОК во Малешевско и Горноџумајско. Во нередниот период Софрониј со четата крстосува низ овој крај, но поради судирот меѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет, тие за кратко го држи заробен Пеју Јаворов. Во март 1902 година, на враќањето од обиколка на вардарскиот дел, Гоце Делчев се сретнал со Софрониј во Малешевско, со кого расправале за улогата на двете организации. Според Јаворов, по разговорот скромниот и чесен, полн со разбирање Софрониј Стојанов ја остава четата на располагање на Организацијата и самиот се вратил во Бугарија. Македонскиот револуционерен деец, историчар, новинар и публицист Ангел Динев во своето двотомно дело “Илинденска епопеја“, (1947 - 1949) од овој настан ја дава расправата меѓу Гоце и Софрониј, во која пред присутните четници било кажано следното: „Туку кажи ми ти, Софрониј Стојанов кој те вооружи, од чие име идеш ти, како и со какви средства ќе се бориш за слободата на братот роб? - му зададе прашање Делчев - Ме воружи Врховниот комитет и од негово име идам да го убедам населението дека напролет ќе има востание... Сите ние велиме востание - возбудено одговори Делчев. - Туку кажи ми ти, Софрониј Стојанов, каде има шума од пушки да ја обереме, да го воружиме народот, за да го дигнеме на востание... Готов ли е народот за востание? ...Или ќе водиме неворужени луѓе на касапница? Дали можете да си преставите вие што значи востание? Но, дали може да си преставите, вие, Софрониј Стојанов, каква неизмерна беда му носите на делото со нашата агитација за востаниие кога тој народ возбудено, неворужен, ќе го поведете кон едно востание? Уште едно ќе ве прашам да ми кажете (Делчев се возбудува) - дали ви паѓа на ум дека вие со вашето војничко држење, со вашиот офицерски мудир, со еполетите на бугарски офицер, утре кога аскерот ќе не опколи и Вие ќе паднете на македонската земја, велам не мислите ли дека и со смрта ќе го навредите делото за кое сте тргнале да се борите? Мислите ли вие дека коресподентот, што ќе присуствува во борбата, утре ќе го скрие од очите на светот дека таму, во Македонија, мисионерот од бугарската армија го бунтува народот? Е добро, ако се убедувате во моиве зборови, фрлете го тој офицерски еполет, - разнервирано отсече Делчев, му ги скина еполетите и ги фрли во грмушките... Софрониј се смурти, побледе. Тој се чуствуваше скршен, без срце, без кураж, без волја пред водачот на Македонија. Во тоа време четниците од обете страни стоеја зачудени од остриот и нервозниот разговор. А Софрони заплака, и, кога ја извади капата, сам го искина бугаркиот грб од неа и го фрли. Се сврте кон четниците и им рече: Другари, останете со Делчев, а мене дозволете ми да се вратам кај генерал Цончев за да му кажам... колку е злочест. Ќе одам да го убедам да се откаже од борбата што тој ја води против внатрешните дејци, за да не го уништи делото на Македонија…“ Сепак, во септември 1902 година, Стојанов учествува во т.н. Горноџумајско население кое го организира ВМОК, при кое народот не востанал. Под притисок на големите сили, бугарската влада ги интернирале Софрониј Стојанов, Иван Цончев, Стефан Николов и Тодор Савов. Во пролета 1903 година, пред Илинденското востание Софрониј е назначен за војвода на кичевска чета, која е дел од одредот на Александар Протогеров. Во неговата чета се приклучил војводата Симеон Нинев или Дедо Симо (с.Доленци, Кичевско) со чета од Романија, како и Борис Сугарев (Прилеп) и Димитар Милев (Охрид). По влегувањето во Македонија, заедно со Прогеров се обидуваат да стигнат во Охридско и Кичевско. Меѓутоа, на 15 април (стар стил) 1903 година се откриени од турските војници во горноџумајското село Габрово, Пиринска Македонија. Во борбата која се води со османлиската војска загинале Софрониј Стојанов, Борис Сугарев и Димитар Милев, додека Дедо Симо и Протогеров биле ранети. Останатите четници потоа се вратиле во Бугарија и дел во Романија. Војводата на ВМОК, поручникот Димитар Атанасов Думбалаков (од с. Сухо Егејска Македонија), подоцна во своите спомени за Софрониј Стојанов ќе каже: „Софрониј Стојанов и Сугарев умреа јуначки... Не познавам поблаг, почесен човек од Софрониј Стојанов, секогаш мирољубив, нежен и внимателен кон секого. Поседуваше одлични квалитети и како водач на чета, тивко и полека ја вршеше работата, но секогаш размислуваше добро и одлучно. И во моментите на најголема опасност сакаше шеги и се смееше. Веројатно и во најголемиот екот на борбата тој ја зачувал оваа особина и умрел со насмевка на устата“ ВЕЧНА СЛАВА НА ХЕРОЈОТ МАКЕДОНСКИ! Влатко Билески |