|
|
| МАКЕДОНИЈА НА ПАТ КОН ЕВРОПА, ИЛИ НОВО ПОНИЖУВАЊЕ? |
|
Колку уште треба Македонија да се откажува за да ѝ биде дозволено да оди напред?, Колку пати треба да се откажува, да се „прилагодува“, за на крај повторно да слушне: „не е доволно“? Ова веќе е е процес, ова е понижување од ЕУ. Додека Бугарија отворено најавува нови услови, пораката е повеќе од јасна: уставните измени не се крај, туку само уште една станица во бескрајниот ред барања. А од Европската Унија тишина. Или уште полошо, стерилни бирократски фрази, без гаранции, без рокови, без одговорност. Од Македонија се бара многу: да го отвори Уставот, да преземе историски ризик, да влезе во внатрешна политичка неизвесност. А што добива за возврат? Ништо сигурно, ништо гарантирано и ништо што утре не може повторно да биде оспорено. Да бидеме искрени – ова не е преговарање, ова е игра во која правилата се менуваат додека трае играта, и секогаш на штета на Македонија. Бугарија не крие дека ќе го користи ветото кога ќе процени дека треба. Историјата, јазикот, идентитетот, сè е ставено на маса, сè може повторно да стане услов, и токму тука е суштината: ова не е европски процес заснован на вредности, туку билатерален спор претворен во европска алатка за притисок. Во такви услови, прашањето за уставните измени веќе не е само политичко, тоа е прашање на достоинство. Каква е логиката да менуваш Устав без гаранција за напредок, без јасен крај и со сигурност дека утре ќе се појави нов услов? Македонија сака да биде членка на ЕУ, тоа никогаш не било спорно, но денес прашањето е поостро од кога било: дали Европа ја сака Македонија, или ја тестира до каде може да попушти, затоа што ова веќе не личи на интеграција, ова личи на тест на издржливост и понижување. Македонија бара гаранции, и тоа не е слабост, тоа е минимум политичка логика. Во меѓувреме, се отвора правен фронт, протоколите што ја држат Македонија во место конечно одат под лупа. Известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц, бара правната служба на Европскиот совет да го испита вториот протокол, документ кој наместо да отвори врата, го претвори процесот во лавиринт без излез. Да не се лажеме, токму овие протоколи создадоа механизам за трајна блокада: секој чекор може да се сопре, секое поглавје може да се услови, секој напредок може да се врати назад. Историјата стана услов, идентитетот стана преговарачка алатка, политиката го замени правото. Обидот на Вајц е барем да се врати дел од логиката во процесот, да се отвори прашањето дали билатералните договори смеат да станат европски критериуми. Во меѓувреме, и од дипломатските кругови стигнуваат отворени пораки. Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери јасно признава: нема правна или политичка гаранција дека нема да има нови блокади од страна на Бугарија, секој чекор бара едногласност, а секоја „гаранција“ има ограничена вредност. Во сенка на овие блокади, вниманието кон регионот повторно го насочува и Вашингтон. Западен Балкан и натаму се смета за простор каде се судираат интересите на големите сили, а старите конфликти не се затворени. Односите меѓу Србија и Косово, како и состојбата во Босна и Херцеговина, остануваат потенцијални жаришта. Пораката е јасна: нерешените спорови не се само регионален проблем, тие отвораат простор за пошироки геополитички влијанија. Ако Европа навистина е заедница на вредности, тогаш прашањето веќе не е дали Македонија е подготвена за ЕУ, туку дали ЕУ е подготвена да престане да ја понижува Македонија.
Свекрва |















