|
||||
За ВМРО-ДПМНЕ единстевна шанса да го стопира преименувањето на Македонија е бојкот на референдумот |
Зошто никој не го испраќа договорот од Нивици во Венециската комисија? Во целата атмосфера на недоверба, можеби е добро решение и спогодбата со Грција и Законот за употреба на јазиците уште сега да се испратат на рецензија во ова советодавно тело на Советот на Европа. Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов сосема оправдано реши да не го потпишува указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција за промена на името на Република Македонија. Помина и второто собраниско гласање за овој закон, а Иванов повторно во јавноста излезе со ставот дека тој нема да потпишува неуставни закони и дека со прифаќањето на овој договор потпишан во Нивици (исто како и претходно со Законот за употреба на јазиците) креаторите и оние што ги изгласале овие закони прават кривично дело. Тогаш зошто никој досега не ги испратил овие документи до Венциската комисија? Ако до Уставниот суд на Македонија може да се испрати веќе донесен закон, до Венециската комисија може да се испрати кој било законски проект уште во подготвителната фаза. Иако ветуваше, власта сѐ уште не го испратила Законот за употреба на јазиците до Венециската комисија, а тоа ниту една институција не го прави ни со договорот за промена на името меѓу Македонија и Грција. Од бриселски извори е јасно дека оваа спогодба со Грција е многу битна за западноевроските земји и за САД, дека ќе вложат многу овој договор да помине меѓу македонските граѓани. Ама не е јасно зошто опозицијата, заедно со Иванов, не ги коритсат сите инструменти за убедување на јавноста во неуставноста на овие постапки на власта и на крајот во кампања за бојкот на референдумот. Затоа сметам дека и Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да ја испратат спогодбата во Венециската комисија и да се обидат да ги одложат сите предвидени чекори (референдумот и уставните измени) сѐ до добивањето на мислењето на членовите на таа комисија. А за ВМРО-ДПМНЕ единстевна шанса да го стопира преименувањето на Македонија, промената на Уставот, најавените промени во учебниците е бојкот на референдумот. Тоа раководството на оваа партија мофраше вчера да го соопшти, а не да чека какво ќе биде референдумското прашање, па дури тогаш да се изјасни. Треба да се организира добра правна експертиза на спогодбата, да се види колку таа спогодба кореспондира со Уставот иврз основа на тоа да се мотивираат граѓаните на бојкот. Освен тоа претпоставувам дека и во оваа фаза раководството на ВМРО-ДПМНЕ може да се обрати и до Уставниот суд на Република Македонија со иницијатива за тоа дали со своите постапки премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Талат Џафери го кршат Уставот. Тука никој не треба да ги заборави и резултатите на бројните анкети за или против промена на името, за или против условот за членство во ЕУ и НАТО со променето име, за да се види какво е расположението на мнозинството од Македонците - тие се против таквите условувања. Сите забелешки и предлози на експертите на Венециската комисија на македонскиот Закон за употребата на јазиците ќе бидат прифатени и применети. Ова го изјавија претставници на Владата и ветија дека ќе пратат изгласаниот закон на рецензија на ова советодавно тело на Советот на Европа. Тоа сѐ уште не се случи! Александар Стојановски, Брисел https://www.mkd.mk/kolumni/zoshto-nikoj-ne-go-isprakja-dogovorot-od-nivici-vo-veneciskata-komisija |