Понеделник, 13 Август 2018    PDF Печати Е-пошта
Референдумското прашање е спротивно на европските стандарди утврдени од Венецијанската комисија

dimitar apasiev200x250

доц. д-р Димитар Апасиев

Референдумското прашање е спротивно на европските стандарди утврдени од Венецијанската комисија

Собраниската Одлука за распишување на референдумот за планираната и наметната промена на уставното име на Република Македонија не е во склад со конституционалниот концепт на народен, т.е. граѓански суверенитет и дозволува неприфатливо мешање во иманентно внатрешните работи на Републиката, оти во јавното право нема повнатрешно прашање од прашањето за уставот на една суверена држава.

Предмет на овој мој блог, кој е дел од стручниот летен серијал посветен на неотстранливите правни пречки со кои се соочува меѓународно октроираниот т.н. Преспански договор, ќе биде компаративна јуристичка аргументација на причините поради кои контроверзната и нецелосна Одлука за распишување на референдум бр. 08 – 4666/1 (Сл. весник на РМ – 140/18 од 30 јули 2018 за планираната промена на уставното име на Републиката, донесена од страна на Собранието на РМ, не може и не смее да произведе правно дејство и поради кои Уставниот суд на РМ треба да ја поништи, со своја конечна и мериторна одлука.

За почеток ќе се задржиме на научно објаснување и побивање на самото референдумско прашање и неговата конципираност и концепциска поставеност, додека пак во следните два блога ќе ги опфатиме формално-правните и материјално-правните недостатоци во структурата и содржината на оваа спорна собраниска одлука. Во чл. 1 од Одлуката, дословно е поставено следното референдумско прашање: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? Во продолжение стручно ќе докажеме дека ваквата трослојна формулација не ги исполнува законски бараните правни предуслови за изрично изјаснување и тоа, главно, поради следново:

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано

Во референдумското прашање веќе се крие посакуваниот одговор или барем подобниот начин како треба, т.е. како е „правилно“ да се одговори, и тоа исклучиво во пакет, односно „во тројка“!? Па така, доколку сте ЗА едно од трите понудени прашања, автоматски сте принудени да бидете ЗА и за останатите две, и покрај фактот што можеби тоа не е вашата вистинска волја. И обратно, ако сте ПРОТИВ било кое од трите прашања, автоматски произлегува дека сте против сите три – што, реaлно, не мора да значи! Колку за илустрација, ваквите неразбирливо поставени, извртени и сугерирачки прашања се забранети во нашето процесно право: „Не е дозволено да се поставуваат прашања во кои веќе е содржано како би требало да се одговори“! [чл. 229, ст.1 од Законот за парнична постапка (2005)]; а слична ваква појаснувачка и ограничувачка одредба содржи и чл. 208 од Законот за кривичната постапка (2010), кога го регулира судското испрашување на сведоците и на вештаците.

Дополнително, ваквите прашања се прохибирани и во чл. I, ст. 3, ал. 1, т. 3 и во чл. III, ст. 2 од Кодексот за добри референдумски практики (Code of Good Practice on Referendums – I, 3, 1, c & III, 2) на угледната Венецијанска комисија, како експертско тело на Советот на Европа, каде исто така е утврдена примарната практична обврска на јавните власти во земјите-членки на СЕ, меѓу кои е и нашата, при спроведување на референдумите да поставуваат кратки, јасни и недвосмислени референдумски прашања!

Најсличен случај со нашиов, кој ни доаѓа од споредбеното уставно право per analogiam, е т.н. Португалски случај. Имено, таму своевремено беше направен обид да се спроведе ваков комбиниран, сомнителен и амбивалентен референдум, кој ќе содржи три прашања во едно [„3 in 1“] – но, истиот беше експресно санкциониран од страна на португалскиот Уставен суд. Тамошното тросмислено прашање, поставено како и кај нас post festum, односно по склучувањето на меѓународниот договор за т.н. Европски устав, гласеше: Дали се согласувате со Поглавјето за основните права, со правилото за квалификувано гласање и со новата институционална рамка на Европската унија предвидена со Уставот на Европа? Во својата касаторна Одлука бр. 704/04 (17.XII.2004), Уставниот суд на Португалија правилно оцени дека, со поставувањето на три слеани, т.е. залепени прашања, се создава само привид на единство и не се исполнети условите за јасност на вака поставеното референдумско прашање, па предложениот референдум го прогласи за противуставен. Во правното образложение на цитиранава судска одлука е наведено дека прашањето поставено за електорално референдумско изјаснување мора да го задоволува критериумот на експлицитност и да биде конципирано на најдобриот и најсфатлив можен начин за граѓаните, кој го доловува контекстот на ситуацијата за која се гласа. Притоа, во своите сентенци, Судот умесно поентира и заклучува: „Прашањето што е предмет на референдумот мора да биде формулирано на објективен, јасен и прецизен начин и мора да дозволи одговор од типот на ДА или НЕ – без директни или индиректни, сугестии и без никакви други имплицирања во одговорот“!

Прашањето не го задоволува т.н. троен тест на единство

Овој европски тест е предвиден во споменатиот Венецијански Кодекс за добри референдумски практики (2007) и во неговиот објаснувачки Меморандум [Explanatory Memorandum]. Имено, според овој воедначен и стандардизиран референдумски тест, за исходот од прашањето да биде правовалиден тоа мора да има: (1) единство во формата – тоа значи дека поставеното прашање не смее да е проста текстуална комбинација на неповрзани, прејудицирани и нафрлани конкретни и апстрактни целини или, како во случајов, на извесен сегашен „договор“ и на неизвесно идно „членство“; (2) единство во содржината – мора да постои релевантна, емпириска и суштински битна „вродена врска“ [intrinsic link] помеѓу различните делови на прашањето, што во случајов изостанува, затоа што искуството и праксата нè учат дека не постојат заеднички „евро-атлантски“, туку одделни и сосем независни „европски“ и „атлантски“ интеграции; и (3) единство во хиерархијата – се бара да е предвидена иста правна процедура за имплементацијата на резултатите од референдумот, што во случајов не е испочитувано, затоа што за влезот во ЕУ и во НАТО се предвидени сосема одвоени правни режими, со различно поставени уставни процедури за влез и со различни парламентарни мнозинства при одлучувањето – во случајот со ЕУ се применува чл. 120 [„членство во сојуз или заедница“] и се бара двотретинско мнозинство; а во случајот со НАТО се применува чл. 121 од Уставот [„членство во меѓународна организација“] и се бара апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Прашањето е лукаво, манипулативно и сугестивно

Во референдумското прашање погрешно и злонамерно се тргнува од неточната претпоставка дека народот признал нешто што не признал! Впрочем, тоа е многу слично како она прашање кое им го предаваме на студентите по право, кога ги учиме елементарни техники на вкрстено испрашување (cross-examination), а кое го поставил еден сведок до некој арогантен германски судија: „Дали Вие, господине судија, престанавте да ја тепате Вашата сопруга“? [како, божем, судијата претходно да признал дека си ја тепа жената]. Така и овде, на граѓаните им се импутира дека тие го признаваат постоењето на т.н. Преспански договор, иако тој de iure не постои, туку е само правна фикција (fictio iuris). Додатно, прашањето е неточно и тенденциозно, бидејќи воопшто не постои одлука за членство или, пак, покана за наше скорешно полноправно пристапување во ЕУ, туку тоа е иден, крајно неизвесен, степенест и ултимативно условен факт (condictiones turpes) кој се одвива фаза по фаза, а за кој не се знае со сигурност и надвор од разумно сомневање дали и, евентуално, кога точно временски би се случил.

Прашањето е палијативно, опскурно и капциозно

Ваквото аматерско и необмислено референдумско прашање спаѓа во озлогласената и недозволена група на т.н. прашања стапица (captio quaestio), токму поради ноторниот факт дека е невозможно да се одговори едноставно со ДА или со НЕ, односно само со ЗА или ПРОТИВ. Впрочем, при една доследна дедуктивна анализа, т.е. логичка операција на расчленување на сите можни комбинаторики при одговарањето, се доаѓа до несоборлива конклузија дека во случајов се можни дури осум различни одговори, а не само два – колку што дозволува чл. 15, ст. 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (Сл. весник на РМ - 85/2005). На пример, доколку еден граѓанин е ЗА само за едно од понудените прашања, а за другите две е ПРОТИВ – тој нема можност да одговори по своја волја, туку само „во пакет“, што во крајна линија би довело до нереална и искривена слика за вистинското расположение на граѓаните.

tabela eu nato
Табела 1: Шематски приказ на сите можни комбинации одговори

Да резимираме: собраниската Одлука за распишување на референдумот, која веќе е правно оспорена пред Уставниот суд на РМ од страна на повеќе иницијатори, е спротивна на смислата и супстратот на уставно постулираниот граѓански суверенитет и дозволува неприфатливо мешање во иманентно внатрешните работи на Републиката, оти во јавното право нема повнатрешно прашање од прашањето за уставот на една суверена држава. Дополнително, таа ја доведува Републиката во положба на потчинетост и зависност спрема странска држава, од чија волја не смее да зависи нашето именување во меѓународно-правниот промет, внесувајќи огромна доза правна несигурност и тврдоглаво противејќи се на инкорпорираниот и традиционално воспоставен принцип на уставност и законитост, во неговата формална и материјална смисла. А токму овој авторитативен правен стандард – како што веќе го има утврдено и самиот Уставен суд на РМ во една своја поранешна укинувачка одлука (case law) – принципиелно го обврзува законодавецот, како доносител на оваа противправна и неправична oдлука, „да конципира и да формулира прецизни, недвосмислени и јасни правни норми усогласени со Уставот и со останатите закони“ во нашиот домашен правен поредок. Тие мораат да бидат лаички, во склад со здравиот разум (common sense) и лесно разбирливи за поголемиот дел од населението, оти само таквите норми можат да претставуваат солидна основа за идно, коректно и предвидливо, постапување in concreto од страна на ДИК, судовите, другите надлежни државни органи и нивните јавни службеници.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.