|
||||
Северна не е мојата татковина, можеби на Заев, но не и мојата, не на народот |
Северна не е мојата татковина, можеби на Заев, но не и мојата, не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе останеИнтегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест пред Собрание на РМ. Добар ден, Добар ден браќа и сестри, Добар ден и нека ни е среќен овој јануарски ден, занм дека е студено, временските прилики се историски. Но, не треба тоа да ја одврати нашата цел, тоа е Република Македонија., затоа добредојдовте. Македонија е името кое го менуваат, оние внатре во ова Собрание, тие кои одат спротивно на волјата на народот јасно изразена на 30-ти септември. А не знаат дека име, име со дугме не се брише име со хартија не се менува. Тоа е она што сме, она што сме биле и она што ќе продолжиме да бидеме. А нека не заборават секој кој тргнал против народ свој, народот ќе му се случи. Знам дека многумина од вас денес се чувствуваат луто, понижено, измамено. Се чувствува внатрешна болка од она што го прават со името и идентитетот, срцето се кине кога се витка кичмата, кичмата на татковината, но тоа им е целта да ве скршат за да прифатите се понатаму. Затоа, почитувани сограѓани, браќа и сестри главите горе. Тие сакаат oва да биде крајот, но ова нека биде почетокот на нивното заминување. Достоинството никогаш не може да биде земено од луѓе кои што немаат ни трошка достоинство. Земјаци, пријатели, меѓу нас има луѓе со различни ставови, погледи, често пати и несогласувања. Но сето ова народе мора да се стави на страна зошто сите ние овде денеска имаме иста цел и таа се вика Република Македонија. Потребно е масовно обединување, да си подадеме рака, сите меѓу себе. Погледнете го човекот до вас, подадете си рака, и тој е овде како сите нас, зошто љубовта кон нашата татковина е поголема од сите разлики. Само обединети ќе победиме. Десни, леви, од центарот. Православни христијани, католици, муслимани, атеисти. Сакаат да не разединат, за да полесно им минуваат предавствата, поразите и неуспесите. Нам, сите овдека ни е прва цел иднината на Македонија. И само заедно ќе победиме. Драги пријатели, сопатници Ќе остане запишано дека оваа неправда на нашиот народ денес ја прават оние кои ветуваа живот, ветуваа брда и долини, оние кои ветуваа се и сешто само за да се доберат до власта, измамнички, шверцерски, криминално и за да го направат тоа што се обдуваат да го прават денес. На власт се доаѓа со работа, со труд и посветеност, но не и Заев, не и СДСМ, нив билетот за останување на власт им е оваа промена на име и идентитетот. Ама тој билет не е за народот, туку за власта, неколкумина кои ја запоседнале фотељата дадена од народот и се однесуваат како да им е земена од дома и прават се само истата да ја задржат. Видовме дека работат само за своите фирми. Велеа дека ќе заштитат и ќе се спротивстават на уништување на државните интереси, еве ги го менуваат и името и идентитетот. Се колнеше Заев во најмилото дека Уставот нема да го смени. Што прави, го менува Уставот, тоа ли се колнеше? Овие луѓе се измамници и така опстојуваат на власт со измами, со образ ѓон и без чест и честитост. А да не заборавиме како почна. Почна преку насилен избор за претседател на Собранието. Тие не победија на парламентарни избори, не формираа Влада, дадоа и гаранции дека нема да го менуваат карактерот на државата, дадоа гаранции се колнеа дека нема да го менуваат уставното име и идентитетот. Луѓе заглавија во затвор поради тој 27-ми април, но она што за тие луѓе подоцна беше мака и црн живот, за овие од власта беше можност за пазарење и не само за случајот од 27-ми април туку и за СЈО, Русковска обвинителството и Кацарска судството и сите нивни случаи. Тоа е тој триаголник кој на Заев му дава механизми за да товари луѓе, за да се пазари како на тезга да тргува со животни судбини додека си ја обезбедува кариерата и сопствениот паричник на грбот на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија. Погледнете колку јавно, колку само на отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот, како на тезга како на див пазар, Заев признава дека ова гласање тука зависи само од судските случаи. Па има ли поголемо признание од ова? Не само што се пазари туку дека и обвинителството и судството му слугува на тоа пазарење. Што мислите ќе имаше ли затвор да не беше оваа промена на името и идентитетот? Се разбира дека ќе немаше. И токму Заев одлучува кој да излезе а кој да влезе во затвор, па тргува и со притворите, па ако не им вршат работа за собирање на гласови на пратеници, а сакате слобода тогаш ќе мора да удрите по Христијан и по ВМРО-ДПМНЕ. Удирајте што посилно по Христијан и по ВМРО-ДПМНЕ само така ќе се спасите. Тоа е ветувањето на Заев и луѓето кои што шетаат по домовите на притворените луѓе. Е за нив, за казните ќе мора да продолжите да му слугувате на Заев, затоа што тука не е крајот и така седнати во скутот ќе морате да ги вршите негови валкани работи. Такви се пораките кои ќе стигаат до луѓето кои се притиснати. И дел се скршија, а дел не се скршија. Оние што одбраа да слугуваат на Заев можам да кажам дека можам да ги разберам, притиснати се, солираат, се пењаваат, се срамотат и поплукуваат се за да истргуваат, тешко ми е кога ги гледам во таа улога, но не можам да ги оправдам. Не го барајте тоа од мене. А удирајте, можам јас да издржам и повеќе отколку што вие мислите, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и со граѓаните на Република Македонија. Само не заборавајте на кого му слугувате, запаметете на Зоран Заев. И знам дека слугите и Заев сакаат да се занимаваат со ВМРО- ДПМНЕ , и знам дека подготвуваат операции со кои сакаат внатрешно да не разјадат, го најави тоа Зоран Заев на прес конференција во периодот што следува, бидејќи давателот на слободата Заев со тоа ги условува, но ќе ви кажам и дека единствен политички конкурент на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните на Република Македонија и на Коалицијата за Подобра Македонија е Зоран Заев и СДСМ, а вие ќе останете обични слуги што ќе пишувате писма и статуси на фејбук. И околу пазарот за името и идентитетот, си изгласаа измени на Кривичниот законик, ама славината се пушти таман за да поминат оние делови од кривичниот законик кои им вршат работа на неколкмината пратениците или оние кон кои тие се лојални за да им ги гласаат измените и се намалат казните или паднат случаите. Какви реформи на Кривичен законик, какви бакрачи, пазар за името и идентитетот е целата оваа операција. Треба на сите да им е јасно. Пазар за името и идентитетот е целата оваа операција, треба на сите да им е јасно. Згора на тоа се отвора Пандорината кутија со етнички барања на останатите заедници кои што живеат во Република Македонија. Етнички барања на Албанците или попросто кажано нема некој што не уценува кога знаат дека си имаат работа со најголемиот уценувач и блефер чие што име е Зоран Заев. И тука има друга позадина. На Заев му е совршено јасно дека драматично губи кај македонскиот народ и останатите етнички заедници, па се обидува преку една блеферска игра суштински непомагајќи им ниту на Албанците кои подеднакво лошо живеат како и Македонците , Србите, Бошњаците, Турците, Власите, Ромите и останатите. Суштински непомагајќи им се труди да протне некое барање сега или во скора иднина со кое ќе им се додвори затоа што избори доаѓаат и ќе треба повторно да тргува со нивните гласови. Но и тоа е обичен ветар и магла затоа што за подобар живот треба повеќе работа, а не промена на име и идентитет на Република Македонија и на македонската нација. И сега гласно ќе кажам, името не го менуваат затоа што носат подобра иднина туку го менуваат зошто вештачки спротивно на волјата на народот преку уцени и закани собраа 80 пратеници. Не затоа што 2 милиони народ одлучи за промена на името, туку затоа што Зоран Заев, човек без чест и достоинство собра во прва фаза 80 пратеника. Гледаме сега проблеми има па тргува ли тргува, се пенави и препелка секој ден. И нека не се затскрива зад европските институции и за уште една вештачка поделба која ја наметнуваат за тоа кој бил за Европа, а кој не, кој е Европјанин, а кој не. Не се докажува тоа преку промена на името и идентитетот, туку преку работа и заштита на државните интереси. Не смееш да тргуваш со нешто што е наследено. Протнуваат изговори, овој или оној амбасадор бил во Парламентот наводно ги убедувале пратениците. Не, лаже, бесрамно лаже. Ги злоупотребува нашите пријатели од САД и ЕУ. Тоа е неразбраниот трговец, тоа е тој кој што тргува внатре во Парламентот. Не смее да ги користи нивните имиња како изговор во оваа измамничка процедура, затоа што Заев, најдобро ќе ја одбранеше европската идеја ако донесеше наместо сиромаштија, побогато секојдневие, наместо невработеност – работа и прогрес, наместо криминал –правда правдина и независно судство. Не може да сте европјанин, а да сте аболиран за сомнеж за сторен криминал од 8 милиони евра. Не може да сте Европјанин, а да барате поткуп на видео снимка. Не може да бидете Европјанин а да бегате од дебата. Па има ли од тоа посмешна и поневеродостојна работа кога Заев ќе се фали дека бил за Европската Унија, само за да биде амнестиран за сето ова што и го прави на својата нација и на својата татковина. И нека не се фали Заев дека патот ко Европа ќе го одблокирал, дека ќе ни тргнело по промената на името и идентитетот. Не се работи за тоа. Се работи за пари, за пусти функции, фотелји, тендери, да продолжи црното владеење. Ете затоа ја предава и продава Македонија, за ништо друго. Каква пуста европска иднина. Јас сум против промена на уставното име, не затоа што не ја сакам Европската Унија, таму сум поминал дел од своето школување, сум бил стипендист на две европски влади, туку затоа што ја сакам Македонија. И нормално дека патот кон Европа е природниот пат за Македонија и дека тоа е целта кон која мора реално да се движиме, но со овој човек на власт ние сме се подалеку секој ден и секој изминат час. И во овој еден од низата црни денови за Македонија власта спинува со безброј дезинформации затоа што сакаат да поверувате дека еден бил изборот кој мора да се направи за да сме напредувале, а знаете дека во суштина изборот е помеѓу кариерата на Заев или иднината на Македонија. Во таа борба ние ја одбираме Република Македонија. Зоран Заев прави лузна и за генерациите што доаѓаат. Оваа промена на името и идентитетот е плод на нечесност и валкана игра на Заев и неговите послушници. Човекот веќе се изгуби во тој комформизам на власта, го нема со народот, тој работи против него и неговите интереси, заборавил калта како изгледа. Удобно е во мерцедесот во кој што ги судеше и ги осуди луѓето. Што е понатаму прашањето? Договорот е штетен и јас нема сега како него да ви ветувам се и сешто, но можам да ви ветам дека ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе сториме се за овој договор што е во наша моќ да не се случи и неправдата да биде исправена. Тоа ќе биде моја заложба и јас ова прашање ќе го отворам во секоја прилика, во секоја можност, при секоја моја средба. Дали ќе успеам не знам и не можам да ветам ништо, но ви ветувам дека ќе сторам се за да успеам заедно со вас тоа што некој сега бесрамно го продава да си го вратиме назад. А сите заедно со сигурност можеме да ја промениме оваа власт и тоа ви гои кажувам со сигурност, а треба да ја промениме за Македонија да престане да губи. Македонија да престане еднаш да губи, ако го направиме тоа побрзо повеќе и ќе спасиме. Почитувани сограѓани, сопатници, браќа и сестри, Еве поминуваат речиси две години од оваа власт, резултатот е едно големо ништо. Имаме работа со аматери и лакоми луѓе по власт, по моќ и по функции. Нема ден да нема афера, нема недела да нема некое убиство, пљачка или нерасветлен инцидент. Народот живее во страв и во сиромаштија, граѓаните започнаа да плаќаат зголемени даноци, а тоа значи помалку пари за граѓаните. Земјоделието е уништено, сиромашните се најбројни, нема нови патишта, нема инвестиции, работата отиде дотаму да почнаа и со пазарџиите да се пресметуваат, се друго средија па сега и нив ќе ги решавале.Продолжија да не задолжуваат а долгот никогаш не бил поголем. Трошоците за живот се зголемија, а цените растат, сиромашните се најбројни затоа оваа власт мора да ја победиме најпрвин на претседателските избори, а потоа и трајно да и го покажеме патот на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори. Да се биде Македонец најпрвин е света работа, а потоа проклетство и немир. Тој немир го чувствуваме и денес, но Македонецот веќе се крева над неправдите , веќе го пушта својот крик за своите права. Северна не е мојата татковина. Можеби на Заев, но не и мојата. Не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане. Заев со неговото владеење ќе остане запаметен на темната страна на историјата. Како човекот кој продал најмногу од територијата на Република Македонија и македонскиот идентитет, а не изградил ништо. Како човекот кој држел преку година дена луѓе, родители, браќа и сестри, соседи во притвор за политички случаи, ќе остане запаметен како човекот кој го продал името на сопствената држава. Паѓаат и тоа се гледа секој ден паѓаат вртоглаво. Ја губат контролата и тоа им е јасно. Ова се последните крици и мрдања на оваа забревтана и прокувана машина од 90-тите од периодот на транзицијата ова се последните остатоци што ќе ја газат оваа напатена држава и овој народ. Со сиот свој недемократски потенцијал надежта им е само на наместени избори да победат. Па затоа тргнаа пред претседателските избори да вработуваат, да вдомуваат, да корумпираат, малку од малку да купат мир во своите редови затоа што ветуваа многу. Но залудно е, тоа нема да им помине, ниту пак нови избори кои ќе ги наместат ќе им поминат. Ниту сите овие аналитичари поранешни помилувани политичари кога викаат дека ВМРО ќе бојкотира, нема да бојкотира ВМРО. Со сите неправди и со сите злоупотреби ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, ќе ве растури на претседателските избори, така што нема да знаете што ве снашло. Не ги плаќајте за бадијала, нема потреба да им ги уништувате децата. Со врски да ги вработувате во државни фирми за можат они проценки да ви прават. Оставете ги децата сами да си ја заслужат својата работа. Нема потреба да се трошоците во поткуп на такви аналитичари. Ќе одиме на избори и жестоко ќе ве поразиме од прв до последен. Македонци, браќа и сестри да си вратиме државата да се избориме за нејзе. Кренете ги главите гордо високо. Овој црн ден ќе биде осветлен со нова зора исто како што ќе бидат осветлени и сите они минати црнила кои што се позади нас. Ние сме ВМРО и нема да не скршат, ВМРО е народот, а народот е Македонија. Хартијата трпи се, но во срцата остануваме она што сме и она што ќе бидеме македонци а нашата татковина беше, е и ќе остане Република Македонија. И по сите студови и ладни денови, по сите дождови и ветрови остануваме како ВМРО-ДПМНЕ со народот и никогаш не смееме тоа да го заборавиме. Не смееме да ги повториме грешките од минатото. ВМРО-ДПМНЕ е со народот и кога ќе ја формираме идната влада на Република Македонија така треба и да останеме. Да работиме само за народот на Република Македонија и да бидеме меѓу народот. Да си ја вратиме Македонија, заеднички да ја изградиме нашата среќа да се избориме за нашата иднина. Да живее Македонија, ова име кое се изговара со чест и длабока емоција. Да живее Македонија, збор кој се изговара со внимание со гордост во срцата, и силна енергија. Со посебно чувство, и почит и наклон. Македонија е нашата љубов, заедничка емоција, нашиот завет, нашата татковина, и дедовина. Македонија останува нашата иднина. Да е жива и здрава Република Македонија. Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија. Да сте ми живи и здрави. |