|
||||
Полицијата ги чува таблите со Северна Македонија |
Полицијата ги чува таблите со Северна Македонија 24 часа на ден за да не ги исчкртаат како на автопатот „Пријателство“Новите крајпатни табли со Република Северна Македонија што беа поставени на граничните премини во средата, полиција ги чува 24 часа на ден. А полицајци позорникари чуваат стража и ноќе, поради опасност да бидат симнати, ишкртани или украдени за старо железо, објавува СДК.мк. Официјално, на граничните премини секако има постојана патрола од позорникари кои не се таму само за таблите со новото име на државата, туку и зашто на меѓуграничниот простор мора да се внимава, бидејќи таму не смеат слободно да се движат луѓе. Неофицијално, полицајците се со задача да стојат покрај новопоставените табли, со оглед на тоа дека се заканува опасност противниците на новото име на државата да им го сторат на таблите со Северна истото што им го сторија на тие со автопатот „Пријателство“. Набргу по менувањето на старите сообраќајни табли со „Александар Велики“ во „Пријателство“, како прв чекор на градење доверба со Република Грција, до една сите се испошкртани со спреј долж целиот автопат. Досега никој не одговарал за сквернавењето на сообраќајните табли со новото име „Пријателство“. Според Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 190, забрането е неовластено поставување, преместување, отстранување и оштетување на сообраќајните знаци и на опремата на патот или измена на значењето на сообраќајните знаци. На правното лицe надлежно за одржување на патот кое постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност. Парично ќе одговара и директорот, во случајов Агенцијата за државни патишта за уништените табли „Пријателство“ и Царинската управа за таблите на граничните премини. Казната за чкртање, кражба и уништување на сообраќајни табли и друга опрема за физичко лице е 300 евра во денарска противвредност. |