|
||||
Е ова го немаше ни во режимот на Груевски – линч во притвор! |
Бранко Героски: Е ова го немаше ни во режимот на Груевски – линч во притвор!„Сите ќе ги осудат како муви, никој нема да биде поштеден“, ми вели еден добро информиран пријател. Му верувам. Дури се знае дека лавината на драконски пресуди треба да се стркала во март, во екот на кампањата за претседателските избори. Нормално, ништо не се остава на случајноста. Таков исход на ова „делење на правдата“, за жал, навестува и инцидентот во Шутка. Ништо не е случајно. Морам да ве потсетам, почитувани читатели, дека предупредував дека и вакво нешто може да ни се случи. Ваков срам, каков што не можеше да се замисли дури ни за време на најцрниот режим на Никола Груевски – линч во притвор! Повторувам, ова го немаше ни во казаматите на груевизмот, притвореници да бидат физички линчувани. А токму тоа денеска им се случило на Миле Јанакиески и на Спиро Ристовски, кои од вчера се во затворот во Шутка, откако им беше одреден 30-дневен притвор во врска со настаните од 27 април. Јанакиески бил пренесен во болница. Затворските власти, наместо да обезбедат елементарни предуслови за безбеден престој во оваа установа, денеска ја забавува јавноста со соопштение во кое ги „открија“ резултатите од својата „истрага“ за тоа кој бил виновен за инцидентот (нормално, утврдено е дека кавгата наводно ја предизвикал Јанакиески), нападнатите лица се уверуваат дека „ќе бидат понатаму згрижени и заштитени без опасност по нив, согласно процедурите на установата“, а јавноста се повикува „да се следат официјалните информации и да не се подлегнува на шпекулации“. Молам?! Каква застрашувачка дрскост, неодговорност и бесчувствителност кон жртвите! Да се разбереме добро. Ние немаме скандинавски затвори. Луѓето што поминале извесно време во нашите казамати сведочат дека тоа е еден сосема друг свет, дефинитивно надвор од посериозна контрола на затворските управи, свет во кој владеат правила на однесување и хиерархии многу различни од оние „во цивилство“. За тоа се напишани книги, снимени се филмови. Нашите затвори се слика и прилика на нашето примитивно и агресивно општество, во кое секој секому е волк. Сепак, мора да потсетам дека годината во која се случува овој инцидент е 2019-та, гарнитурата која е на власт ни продава демократија и високи стандарди на цивилизирано живеење, а Македонија веќе е членка на НАТО и наскоро треба да ги почне преговорите за членство за Европската Унија. Во таква земја, вакви нешта, едноставно, не смеат да се случуваат. И секако, мора да се соочиме со фактот дека насилството врз Јанакиески и врз Ристовски во затворот во Шутка е последица на создадената општа атмосфера на линч, во која се одвиваат судењата за предметите што ги води Специјалното јавно обвинителство и судењето за обидот за пуч на 27 април. Поради очигледната намера сите обвинети да се осудат драконски и со сериозни повреди на презумцијата на невиноста и на доказните постапки, се впрегнуваат новинари, медиуми и инфлуенсери на социјалните мрежи, за да им „пресудат“ на „виновниците“ пред тоа да го сторат судовите. Тоа навистина е страшно! „Сите ќе ги осудат како муви, никој нема да биде поштеден“, ми вели еден добро информиран пријател. Му верувам. Дури се знае дека лавината на драконски пресуди треба да се стркала во март, во екот на кампањата за претседателските избори. Нормално, ништо не се остава на случајноста. Таков исход на ова „делење на правдата“, за жал, навестува и инцидентот во Шутка. Одвишно е да кажам дека сум немал прилика лично да ги запознам Јанакиески и Ристовски и дека после она „пиштење и вриштење“ за кое слушавме во „бомбите“, немам никаква емпатија кон луѓето од таа гарнитура на Груевски. Но, како човек што е длабоко убеден дека вистинска правда не се дели без принципи и без строго почитување на правните процедури, јавно протестирам против овој срам и ви велам – не, драги мои пријатели, овој линч не е правда, ова не носи мир во нашето трагично поделено и конфликтно општество! |