|
||||
Колумна на Џејсон Мико: Кураж за Македонија – и насекаде каде што Македонците живеат |
Колумна на Џејсон Мико: Кураж за Македонија – и насекаде каде што Македонците живеат„Турците владееа тука петстотини години, па ние сепак не станавме Турци, си останавме Македонци. Македонија ќе остане Македонија, а Македонците ќе останат Македонци. Така и ќе останеме: со срце и душа во Македонија“ – Јован Кежаровски, клисар на црквата Свети Петар и Павле, Галичник, Македонија. Ова е цитат од документарниот филм Името е име, на кој работев пред десет години. Ако не сте го погледнале, ве поканувам да го сторите тоа. Филмот е преполн со искрени сведоштва на Македонци од сите професии, од сите делови на Македонија, и сите ја изнесуваат истата вистина: Нашиот идентитет е македонски и нашиот идентитет како Македонци ќе опстои независно што ни прават Турците, Србите, Бугарите, а сега очигледно и неоконзервативните и левичарските империјалсити од САД и од ЕУ кои пустошеле низ Македонија, а сепак сме останале и засекогаш ќе останеме Македонци. „Ова се денови во кои се искушуваат душите на мажите“. Вака славниот американски активист Томас Пејн го опиша неговото време во познатиот текст „Здрав разум“, објавен на 10 јануари 1776 година, во кој повика на независност на Америка од Англичаните; американските колонисти ја прогласија својата независност на 4 јули 1776 година. „Здрав разум“ прекуноќ стана сензација низ американските колонии и се печати до ден денешен. „Ова се денови во кои се искушуваат душите на Македонците“. Ова секако може да се каже за времето во кое живееме. Истото би можело да се каже и во 1903 година, и во 1913, низ 1920-ите години, во 1930-ите, 40-ите, во 1991 година, и повторно во 2001 година. Низ долгата и богата историја на Македонија можеме да најдеме важни дати и настани во кои сте биле пред искушенија. А сепак Македонците поминале низ сето тоа. Маките што Македонците ги претрпеле во минатото ве направиле посилни. Страдањата кои ги претрпевте ве направија подобри мажи и жени отколку пред тоа. Тука сме денес. Можеме да дискутираме за тоа колку голема е заканата со која Македонија е соочена во овој момент, во споредба со минатите закани. Но, Македонија е пред закана која може навистина да стане голема, егзистенцијална закана. Доколкудозволите тоа да се случи. Македонија и Македонците минуваат низ уште една неправда, и ќе биде исклучително важно да ги запомните поуките од историјата и од минатото, да се присетите на сите маки и искушенија кои се зад нас, како и на сите ваши успеси кои треба да ги надградувате и подобрувате. Во случајот на Македонија имаме јасен приказ за тоа што се случувало во минатото и што се покажало како успешно во заштитата како на македонскиот идентитет, така и на богата култура и наследството на Македонија. Со други зборови, имаме нацрт како да одиме напред и не само да преживееме туку и да успееме. Добар пример за народ кој се нашол под напад и не само што преживеал туку и успеал да напредува е еврејскиот народ. Државата Израел беше прогласена на 14 мај 1948 година и веднаш потоа соседните арапски држави и прогласија војна, а еврејскиот народ мораше да води уште една борба за опстанок. Пред тој судбоносен мајски ден, еврејскиот народ немаше своја држава цели 2.500 години. И иако историјата на еврејскиот народ низ овие два и пол милениуми не е многу добро позната (општо земено малкумина денес ја прочуваат историјата), добро ни се познати ужасите на Холокаустот. А сепак, Евреите не само што преживеаа, туку и редат успеси до денешен ден. Притоа, тие го благословија светот и сите земји во кои живеат со своите успеси. Тие ја помнат мудроста од минатото. Старозаветната книга Второзаконие (32-7) порачува: „Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат“.Ова е вреден стих – за сите народи. Да се вратиме за миг на Пејн, бидејќи сметам дека тоа што тој го пишува може да важи и за Македонија. Пејн вели: „Војникот што сака да војува во лето и патриотот кој е патриот само кога е сончево, ќе побегне од служба на својата земја во време на криза; но тие што стојат исправено денес, тие ја заслужуваат љубовта и благодарноста на секој маж и жена. Тиранијата, како Пеколот, не е лесно да се победи; но нека ни биде утеха дека што потешка е борбата, тоа пославна е победата. Тоа што го добиваме ефтино, малку го цениме; скапотијата им дава вредност на работите. Небото само знае која е вистинската цена на секое добро; би било навистина чудно кога таков ѕвезден продукт како што е СЛОБОДАТА не би бил скапо платен“. Се додека виеја нарекувате својата земја Македонија, и својот идентитет – македонски, ќе ја имате својата слобода. Македонскиот народ конечно го оствари својот долго сонуван сон за независност на 8 септември 1991 година, кога ја прогласи независна и суверена Република Македонија – ден што ќе живее долго во сеќавањата на Македонците низ светот, се додека се помни и додека се предава од една генерација на друга. Добро ви се познати предизвиците кои се пред вас. Со нив сте се соочиле и порано, не еднаш, и сте ги надминале. Можете да го сторите тоа повторно. Дајте си кураж едни на други со вистината дека македонскиот народ и идентитет се отпорни и дека сте подготвени да се справите со предизвиците кои се пред вас. Ако верувате дека е така – а јас верувам – тогаш имате долг пред вашите деца, внуци и пред генерациите Македонци кои допрва ќе се родат, да се издигнете на ниво на предизвиците, да си дадете кураж едни на други и, најважно од се, да си ги чувате своите деца, својата црква, својата култура, својот јазик и се што ве прави Македонија и Македонци, како што секогаш сте правеле, и да останете ценети и единствени на овој свет. Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк |