|
||||
Заевизмот се сведува на три зборови: кажувам, заборавам, негирам! |
Најновиот потег на Владата е со еден потег на перото бришење на сѐ што носи придавка „македонско“, па дури и на институциите основани со закон, од страна на Собранието, напиша кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова. „Со декрет, кабинетот на Зоран Заев не само што врши упад во уставно-правниот систем и во поделбата на власта, туку и врши национален инженеринг без никаква легитимација, консултација или правна основа. Како што веќе реков, заевизмот се сведува на три зборови: кажувам, заборавам, негирам! Поддржувачите на Преспанскиот договор се обидуваа да ни ја продадат тезата дека со него е зајакнат, „бетониран“ македонскиот (национален и етнички) идентитет. Изминатите недели беа во фаза на амнезија, а сега веќе почнуваат да негираат дека некогаш го тврделе тоа. Тврдеа дека го зацврстуваат идентитетот, дека го „бетонираат“, дека атрибутот „македонско“ ќе се употребува слободно и широко: кажаа, заборавија, негираат! Се потврдува дека планот и начинот на „имплементација“ на Преспанскиот договор отсекогаш биле однапред утврдени и дека ништо, ама буквално ништо, не зависело од македонската страна! Од буквата „С“, преку ноќ, државата ја преведуваат на буквата „Н“! Она што најнапред требаше да биде исклучок (регистарските таблички на возилата, НМК) стана правило. Ако на сите национални институции им залепија „Н“ и тоа за внатрешна употреба, тогаш тоа значи само дека државата и народот ги третираат полошо од обично возило. На ред се трговските кодови. Невладините организации веќе доброволно се откажуваат од придавката „македонски“ заради добивање европски пари. Кој за што сака нека се продава, ама нема никогаш да им простиме за најголемото понижување преку обезличувањето на сето она што Македонија и Македонците го имаат изградено како национална вредност (од уметноста до науката). Ова нема да им помине, нема да фати корен, а во првата прилика – со потег на перото – и новата власт ќе го врати она што го граделе и во што се вложиле генерации пред нас“-напиша таа. |