|
||||
Мицкоски порача: Оставка на Заев, слобода на народот |
Говорот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски од вечерaшниот надпартиски протест за оставка на Зоран Заев и слобода на народот „Протест сега за да не биде предоцна“ Добро вечер на сите присутни, добровечер и благодарам што одвоивте од вашето време Сакам да им се извинам на сите оние кои што останаа во своите возила, кои што вечерва не се овде со нас, а се по пат. Сакам да го започнам ова мое обраќање со реченицата:Оставка на Заев, слобода на народот! Оставка на Заев, слобода на народот!!! Има работи коишто се свети, има работи коишто не се предмет на пазарење за секој со нормален ум и разум. Затоа постојат државите, тоа не прави посебни и тоа е дел од нашиот идентитет. Премногу молчевме! Премногу бевме со наведната глава, но сега е времето кога треба да ја кренеме главата и да кажеме ДОСТА Е! Време е Македонците повторно да се борат и да се изборат за својте правдини. Драги пријатели, драги сограѓани во нашата Република Македонија, ова што Зоран Заев и го прави на Македонија е срамно. Срамно е измамништвото негово. Нема човек од Македонија кој не почувствува срам кога го гледаше онака понизно, како со треперлив глас се додворува на бугарската политичка елита. Зошто?? За таа пуста фотелја. И додека тоа го правеше се откажуваше од жртвата на Илинденците, од жртвата на партизаните кои биле наследници на Илинденците. Газеше по коските на Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски Питу, Христијан Тодоровски Карпош, Орце Николов, Борка Талески, Раде Јовчевски Корчагин, Вера Јоциќ... а со тоа и на саможртвата на Гоце, на Даме, Питу и сите други илинденски првенци, луѓето кои ја започнаа својата борба која што ние природно денеска ја водиме и ден денес се бориме за нашата Македонија. И сега почитувани, пријатели, драги браќа и сестри овде присутни, сакам внимателно да ме слушнете, овде нема политика, ниту оваа ниту онаа партија, ова е Македонија. . Овој протест е на народот. Овде нема калкуланство, ова е протест на сите против лудоста на еден човек. Ве молам сите да го гледате како протест кој е надпартиски во кој мора сите да се обединиме. Ќе победиме ако сме обединети. Секогаш сме биле обединети и тогаш сме победувале, затоа ни е потребно обединување рамо до рамо еден до друг. Така и никако поинаку мора да биде и овој пат. Во овие тешки услови на криза обврзани сме да реагираме и да оставиме трага. Ќе победиме ако народ излезе и каже НЕ ПОВЕЌЕ. Ќе победиме ако сите кажеме премногу е. Како поединци не можеме ништо, но сите заедно обединети и сплотени можеме СЕ. Сакам да се обратам до членовите на СДСМ, симпатизерите на оваа партија. Се повикувате на антифашистичката борба, и како сите во оваа земја го имате полното право на тоа. Но мора сега да бидете погласни и да се спротивставите зошто Зоран Заев не е Македонија. Бранејќи ја вашата партија од Заев секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики но имаме поголема заедничка цел, да го сочуваме нашиот образ и нашиот идентитет. Ќе се обратам и до десничарите, оние кои поради различни причини имаат забелешки кон ВМРО-ДПМНЕ. Имаме опција сега да ни се придружите и да бидеме заедно и заеднички да победиме или да молчите вечно. Зошто нема оправдувања сега кога станува збор за Македонија. Сакам да се обратам до чесниот и неопределен македонски народ и до нашите сограѓани албанци, турци, роми, власи, срби, бошњаци и сите останати кои знам дека разбираат дека на македонците им е згазено достоинството и ни треба поддршка. Знам дека сите вие сте напатени со милион проблеми, со лажни ветувања, се чувствувате измамени. Сега е време да се разбудиме зошто сега е моментот да промениме нешто, затоа што подоцна ќе биде предоцна. Нема да можеме да градиме држава, ако ја загубиме. Нема да можеме да создаваме иднина ако не се спротивставиме на сегашноста. Но, можеме да постигнеме се само ако бидеме заедно. Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка. Но, не пријателство на свиткана кичма. Пријателството подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебе и да си помагаме. Ниту бугарите немаат фајде од тоа ако не понижат. А особено боли кога, како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија, кога понижувањето доаѓа од својот род. Барам Заев под итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарскиот медиум, за навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои. Тоа не е став на Македонија. Нема право да го урива наследството и придобивките оставени и наследени од нашите претходници и предци. Совршено е јасно дека Заев не може да испорача ништо добро за својата држава и мора да си оди. Затоа, бараме итна и неотповиклива-оставка од Заев! Оставка веднаш! Оставка на Заев, слобода на народот! Во народот е силата и заедно ќе продолжиме. Ги повикуваме сите да излезат на улиците, а утре со целосно почитување на мерките препорачани поради корона кризата ќе организираме блокади во слободарско Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид. И нема назад. Заедно до крај. Македонија е жива. Ги издржала фашистите. Ќе го победиме и ова зло кое не снајде, сите заедно и старо и младо, браќа и сестри. Сите ние сме Македонија, и сите заедно ќе победиме! Да е вечна, вековита, и да живее нашата Македонија! Ви благодарам на вниманието |