|
||||
МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ ПАДНАТИ ОД МАРС |
Киро Кипроски За македонската историографија и за македонските историчари јасно е дека колку што имаме заедничка историјка, толку имаме и различни историски културни белези со Бугарија , категоричен е историчарот д-р Владимир Светозаревиќ – Покорни Во кој век живееме со Бугарите? Јавно прашува Бранислав Светозаревиќ – Покорни,доктор по историски науки. Во некои високи политички научни кругови заедничка историја се подразбира нè како заедничка историја и култура на Македонците и Бугарите, туку како „заедничка бугарска историја“. Според нив,“ Македонците паднале од Марс“ во 1944 година. Всушност, за македонската историографија и за македонските историчари јасно е дека, колку што имаме заедничка историја, толку имаме и различни историски културни белези. Просто речено, појаснува Светозаревиќ, кога еден Бугарин ја истражува бугарската историја, тој неминовно доаѓа до сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, а потоа со еден крак се втурнува длабоко во тракиското наследство на Бугарија, а со вториот крак се упатува далеку на исток во наследството на азискиот прабугарски народ. Кога еден Македонец ја истражува својата историја, тој исто така неминовно доаѓа до сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, но потоа со едниот крак се упатува длабоко во македонската утроба на древна Македонија, а со вториот крак во древното словенско, на оние Словени кои се населиле на територијата на Македонија во шести век. Ваквите истражувачки насоки им се случиле и на сите бугарски и македонски преродбеници во 19 век. Оттаму и разликите во сваќањата на потеклото и повеќе од 150 години трае судирот на бугарските и на македонските интелектуалци за потеклото на народите, кое континуирано се водел преку весниците и книгите, истакнува нашиот соговорник д-р Бранислав Светозаревиќ и продолжува да ги објаснува активностите на македонските преродбеници и интелектуалци од 19 век. -Народното чувство кај македонските преродбеници и интелектуалци од 19 век не ги лажело и останувале упорни на тезата дека тие се Македонци, потомци на Словените и на просветителите Кирил и Методиј, на древните Македонци и на кралевите Филип и Александар. Заради таквиот став, поднесувале мноштво јавни навреди и подсмев од страна на тогашните бугарски и српски интелектуалци и политичари. Македонските историчари имаат писмени докази, дека и едните и другите биле свесни и за посебноста на Македонците, особено за постоењето на посебниот македонски јазик, за кој уште кон крајот на 19 век се изработени сериозни студии, докторати на оваа тема во некои европски центри. Македонската историографија во втората половина на 20 век, под влијание на панславизмот и југословенизмот, овие луѓе не ги сваќаше сериозно. Ваквите појави исклучиво ги третираше како почетен национален романтизам. Денес, овие македонски интелектуалци од 19 век, имаат потврда и од најпрецизната историја за потеклото на расите и народите, а тоа е генетиката. Таа математички точно ја открива структурата на потеклото на современите народи и раси, дури и потеклото на изумрените племиња и праисторискиот човек, нивното движење и мешање со други раси. Така прецизно го дефинира и потеклото на современите Бугари и Македонци, дури и на секој од нас поединечно, доколку тоа го сакаме. При тоа,да истакнеме, дека генетското потекло е само основа и една страна на идентитетот, а другото е прифатената култура низ специфичните историски околности низ кои поминуваат народите. Во македонската наука, преовладува мислењето дека современите Македонци кои потекнуваат најмногу од два супстрати, македонскиот и словенскиот, ја имаат прифатено словенската култура и јазик. Според Светозаревиќ во 19 век имало и Македонци кои се чувствувале како Бугари, па некои и до денес! Имало Македонци кои ги менувале презимињата во бугарски и српски! Имало Македонци кои знаеле за себе дека се само христијани!. Да бидеме чесни до крај, имало и Македонци кои се чувствувале како Македонци во вековите наназад и многумина од нив заради тоа ги вложиле и своите животи, а ги има и денес илјадници во Бугарија. Имало и Бугари во 19 век кои се чувствувале како Грци! Имало Бугари кои ги менувале своите презимиња во грчки и романски! Имало Бугари кои за себе знаеле дека се само христијани! Но, имало и Бугари кои се чуствувале Бугари векови наназад и гинеле за тоа име! Историчарот Светозаревиќ потсетува дека ако имало такви мешања кај овие два народи, како и секаде во светот кај други народи, тоа е доказ дека имаме заеднички влијанија како соседи, што е сосема нормално. И тоа на нас Македонците не треба да ни смета, што голем дел од Македонците станале дел од бугарската, но и на српската, грчката,американската, австралиската, канадската култура и се претоплие во овие нации.Тоа е нормален процес кој во човештвото трае со милениуми. Заедничката историја на Македонците и Бугарите не се преплетува само во одреден период од средновековна Бугарија и Самоиловото царство, или за Првата и Втората светска војна, туку ние имаме заедничка историја и во рамките на Византија и Османлиското царство и тоа заедно со повеќе народи од Балканот. И во сите тие околности, повторно, секој од овие народи задржува свои идентитески, културни и битови посебности. Човековата и општествена историја има докази за многу претопени народи, кои денес се дел од модерните нации. „Во актуелниов миг радува фактот, што македонските историчари генерално, помалку или повеќе, имаат изедначен став по македонското национално прашање. Меѓутоа, многу ме загрижува неподготвеноста да се сослушаме меѓу себе за да ја подржиме вистината, ме загрижува недостатокот на меѓусебната соработка и меѓусебно почитување“ вели Светозаревиќ и до историчарите апелира што побрзо да ги надминат личните каприци и заеднички да настапуваат. Можеби овие причини, опортунизмот и политичките определби на поедини историчари, кои не смеат да влијаат врз науката, создаваат институционална отсутност. Ова го појаснува со практичен пример и вели:„Ако некоја држава воедно е нападната од друга, таа ги ангажира најмногу институциите за одбрана, ако е нападната од епидемија ги ангажира институциите за здравство... Меѓутоа, ако е нападната од институциите на друга држава по идентитеските прашања, тогаш државата треба целосно и најмногу да ги ангажира институциите, како што се Академијаа на науките и уметностите, Институтот за Историја, Институтот за јазик, за етнографија, етнологија, универзитетите и други научни и стручни установи. На крајот на разговорот д-р Бранислав Светозаревиќ – Покорни не запознава со дел од говорот на Павел Шатев, одржан во Софија во 1945 година, кога ја потсетува бугарската јавност за непотребните жртви што Бугарија ги поднела заради великобугарскиот национализам и шовинизам во однос на Македонија, дека поднела 4 порази во 4 војни ( две Балкански и две Светски војни). Притоа, залуднио се поднесени илјадници жртви на бугарскиот и македонскиот народ, дека се причинети непроценливи матерјални штети. На овој непобитен став на големиот Македонец и интернационалист Павел Шатев и ние се потсетуваме денес. Историчарот Светозаревиќ вели дека него го наведува на спротивната мисла дека Бугарија и Бугарите со еден потег можат да ги придобијат Македонија и Македонците за секогаш, а тоа е да ја признаат реалноста во минатото и сегашноста. Со признавањето на македонската реалност ќе се релаксираат сите меѓусебни односи меѓу Македонците и Бугарите. Тоа ќе придонесе да ги снема непотребните меѓусебни негирања, препукувања и навреди на двете страни и ќе се отвори огромно поле за соработка и за зближување на двата братски народа. |