|
||||
Александар ДОНСКИ: БУГАРИТЕ ВО 19 ВЕК ПИШУВАЛЕ НА СРПСКИ И НА ГРЧКИ! |
Александар ДОНСКИ: БУГАРИТЕ ВО 19 ВЕК ПИШУВАЛЕ НА СРПСКИ И НА ГРЧКИ! Денешните бугарски историчари и пропагандисти отворено и дрско ја лажат јавноста (а и самите себе) за наводната „вековнастаробугарска книжевност“, на која наводно припаѓа и македонската. Наспроти тоа, историските факти збруваат дека по доаѓањето на Балканот турко-моноглските Бугари си имале свој јазик (сличен на јазикот на денепните Татари во Русија), кој останал во употреба во Бугарија дури до 12 век! Цел век и половина турко-монголските Бугари пишувале на грчки, а припадниците на семејството на бугарскиот цар Симеон (кој дејствувал нешто по времето на светите браќа Кирил и Методиј) дома се уште си зборувале на мајчиниот турко-бугарски јазик. Но, наспроти овие факти (преземени од бугарски извори) бугарската пропаганда денес тврди дека светите браќа Кирил и Методија ја создале „бугарската писменост“ (!?), при што алудираат на кирилицата, па не случајно Бугарија е полна со фалсификувани ликовни претстави на ликовите на овие двајца просветители кои во своите раце ја држат кириличната азбука (иако тие ја создале глаголицата, која нема никаква врска со кирлицата). Ова е уште еден од огромниот број докази дека бугарската историорафија е заснована врз фалсификати и вештачки создадени митови се со цел, различниот рој етникуми во Бугарија – Тракијци, Словени, Македонци, Власи, Бугари, Роми, Турци... да ги држи во заблуда дека сите тие се „етнички Бугари“. Што се однесува од подоцнежните времиња, бројни податоци зборуваат дека дури и во почетокот на 19 век најголемиот дел од Бугарите не само што биле неписмени луѓе, туку немале ни свој книжевен бугарски јазик.(Бугарскиот книжевен јазик, како што е познато,е создаден дури во втората половина на 19 век). Така, на пример, англискиот патеписец Роберт Волш во патеписот од неговата посета на Бугарија во 1827 година мошне сликовито ја опишал оваа состојба: „Таму каде што не се користи грчкиот јазик во богослужбите, се користи древниот писмен јазик, но бидејќи Бугарите не го разбираат ни едниот ни другиот, тоа значи дека тие практично богослужбата ја слушаат на за нив непознати јазици. Во оние малку училишта што ги има по градовите сите учебници се напишани на грчки, иако тој јазик народот не го познава. Како резултат на сето ова најголемиот дел од луѓето се неписмени. Јазикот што го користат е само устен и овој јазик никогаш не бил литературен. Дури неодамна биле отпечатени неколку книшки на овој јазик, но јас не успеав да видам ниту една од нив... Во многу места нема ни училиште, ни црква, ниту пак книги... Низ сите села низ кои поминав не сретнав ниту еден човек што да знае да чита и да пишува“. (Марија Тодорова „Англиските патеписци за Бугарија“, Софија, 1987). Во ова сведоштво е многу значајно тврдењето дека Бугарите воопшто не го разбирале ни т.н. црковнословенски јазик, па нејасно е зошто некои денес и понатаму, тврдоглаво и вон секаква логика, тврдат дека овој јазик бил – „бугарски“. Впрочем, за непостоењето на каква и да е бугарска литаратура дури и во првите децении од 19 век,сведочат и бројни национално осознаени бугарски преродбеници од четириесеттите до седумдесеттите години на 19 век. Овие бугарски дејци жестоко го критикувале ниското ниво на писменоста кај Бугарите, како и непостоењето на книжевен бугарски јазик. Најголем доказ за ова се бугарските преродбенички текстови напишани на србизиран словенски јазик, во кои авторите недвосмислено се жалат дека Бугарите немаат свој книжевен јазик и бараат веднаш да биде создаден ваков јазик. Понатаму, во нашата јавност е малку познато дека пред да биде создаден бугарскиот литературен јазик (19 век) тогашните ретки бугарски панслависти отпрвин пишувале на јазик што претставувал мешавина помеѓу старословенскиот, рускиот и српскиот јазик и овој нивни јазик бил тешко разбирлив за ретките Бугари што умееле да читаат, (а за денешните и да не зборуваме). Ова може лесно да се потврди ако се разгледаат тогашните бугарски текстови напишани од крајот на 18. век, па се до средината на 19. век. Така, на пример, во книгата „Кратка историја на бугарскиот народ“, напишана кон самиот крај на 18 век, во оригиналниот текст пишува: „Болгàрски народ сезаиде дрéвле Чîрнаго мôра и рики Вôôлги сез велñка Скандинáвˆи се звáху са тáмо гимéри и кимéри, сегдà умнôжиша са...“ Огромните разлики помеѓу јазикот на кој е напишана оваа книга и денешниот бугарски книжевен јазик, се повеќе од очигледни и тешко дека кој и да било денешен Бугарин би го разбрал овој јазик без превод на современиот бугарски книжевен јазик, иако се работи за текст кој е одвај околу 200 години стар. Секако дека има и други вакви многубројни примери. Подоцна, по востанието во Србија, во почетокот на 19 век, бугарските преродбеници почнале да ги пишуваат своите дела на - српски! На српски пишувал и големиот бугарски поет Љубен Каравелов. Во четириесеттите, педесеттите, шеесеттите, па дури и во седумдесеттите години на 19. век, Бугарите почнуваат да пишуваат на еден србизиран бугарски јазик, кој денешните Бугари тешко го разбираат. Поради ова текстовите на тогашните бугарски преродбеници денес во Бугарија се преведуваат на современиот бугарски литературен јазик. Како илустрација на сето ова ќе ја спомнеме книгата под наслов „Периодически печатÍ преди освобождението“ од В. Пундев (Софија, 1927), во која е застапен поголем избор на оригинални бугарски текстови од четириесеттите до шеесеттите години на 19 век. Во повеќето вакви текстови тогашните бугарски преродбеници се жалат поради погрчувањето на Бугарите и поради немањето свој сопствен бугарски книжевен јазик. Голем дел од овие текстови се напишани на еден мешан бугарско-српски јазик. Така, на пример, Константин Фотинов од Смирна во 1842 година пишува: „Народ болгарски спава,(...) Настави...народа оних, кои поју...“ и сл.; Димитар Мутев од Калофер во 1858 год. пишува: „Оно показува что и мие сме хватиле да разумеваме, колко еден народ злополучен и удален (удаљен, з. м.) од своето велико предзначение, кога он се лишават од науките..“ - и многу други примери. Српски (но и грчки) зборови се среќаваат дури и во бугарските преродбенички текстови од седумдесеттите години на 19 век. Пишувањето на бугарските преродбеници на србизиран јазик не останало незабележано од странската наука. Така, на пример, познатиот чешки славист Јозеф Добровски во своите објавени истражувања за т.н. старословенски јазик, тврдел дека бугарски јазик не постои и дека јазикот на Бугарите претставува наречје на српскиот. Дека бугарскиот јазик е наречје на српскиот тврдел и Шафарик во 1826 година, за што пишува и бугарскиот историчар Шишманов. Речиси сите бугарски преродбеници од средината на 19 век се жалеле дека бугарски книжевен јазик не постои и дека треба под итно да се создаде таков. Најдециден во ова е преродбеникот Теохаров, кој во својот труд „Неколку зборови за бугарската литература“ (1860) запишал: „Бугарите не само што немаат современа литература, туку тие се уште немаат направено ни почетни обиди во тој правец... Бугарскиот народ пред триесет години беше уверен дека нема свој сопствен книжевен јазик и дека со бугарскиот јазик не може да се пишуваат научни книги, туку само со грчкиот, како и дека со помош на грчкиот јазик, може да се описмени секој Бугарин“. („Периодически печат“... цит. дело). Па, според овие факти само по себе се поставува прашањето: на каков „бугарски книжевен јазик“ пишувале македонските преродбеници, кога самите Бугари тврделе дека таков книжевен јазик воопшто не постоел, и тоа дури и во втората половина на 19 век? Ако ја прифатиме ноторната вистина дека првото дело напишано на современиот македонски литературен јазик се појавило во 1903 година, тогаш временската разлика, помеѓу ова дело и првите дела напишани на вистинскиот, несрбизиран бугарски книжевен јазик одвај би изнесувала само нешто повеќе од триесетина години! Значи, наполно се руши хипотезата за наводниот „илјадагодишен карактер“ на бугарскиот книжевен јазик, на кој наводно пишувале нашите преродбеници и од кој наводно нам ни текнало да се делиме во 1945 година. Напротив, самите бугарски преродбеници, дури и во средината на 19 век, тврделе дека тогаш бугарски литературен јазик воопшто немало, па поради тоа тие биле принудени прво да пишуваат на српски, а подоцна и на маглив бугарски јазик, преполн со српски зборови (за што постојат уште многу примери)! Доказ дека овие бугарски преродбенички текстови се напишани на јазик што денес современите Бугари воопшто не го разбираат е и фактот дека дури и во овде спомнатото издание (Периодически печат) од 1927 година (во кое се објавени овие текстови), како дополнување на секоја страница има бројни фусноти со превод на одредени зборови од тој јазик на современиот литературен бугарски јазик. Поголемиот број на овие зборови се српски и грчки. Ова значи дека и Бугарите од дваесеттите години на овој век со тешкотии ги читале текстовите од своите предци напишани пред само седумдесетина години (штом ги објаснувале и преведувале преку фусноти). Исто така, некои овдешни бугаромани со потсмев тврдат дека македонската преродба се сведувала само на неколку книшки напишани на западниот дијалект, но тие немаат поим дека и бугарската преродба во 19 век се сведувала само на седум повремени списанија и неколку весници. Од сите тие списанија ни едно не било печатено во Бугарија, што значи дека тие биле недостапни за пошироките бугарски маси (се разбира, ова се однесува за периодот пред ослободувањето на Бугарија од страна на Русите). Така, на пример, списанието „Љубословие“ било печатено во Смирна (првиот број во 1842 година). Списанието „Мирозрение“ е печатено во Виена (1850). Списанието „Блгарски книжици“ е печатено во Цариград (1857), а така е и со списанието „Читалиште“ (1870). Списанието „Братски труд“,е печатено во Москва (1859-1860), а „Знание“ - во Букурешт (1875). Конечно, „Периодичното списание на Бугарското книжовно друштво“ е печатено во Браила во Романија (1870-1876). Инаку, вистината за појавата на бугарскиот книжевен јазик во 19 век е сосема позната и во светот. Како доказ ќе го спомнам цитатот од големата мултимедијална компјутерска ЦД Гролиер енциклопедија (САД, 1995), каде што за бугарската литература пишува: „Бугарската литература се појавува дури во 19 век како израз на патриотските артикулации против турското ропство“. Посебен проблем на бугарските преродбеници тогаш било и декларирањето на голем број Бугари како Грци и масовното ширење на грцизмот во Бугарија. Во врска со ова пишува и веќе спомнатиот преродбеник Теохаров, кој во 1860 година пишува: „Дури и ако Бугарите си го знаеле својот јазик, тие и да сакале, не можеле да пишуваат на него, бидејќи сиромаштијата и прогонот од Грците не им дозволувале да се зафатат со таква работа. Та и самите погрчени Бугари, не само што не ги поддржувале и не им помагале на ваквите луѓе, туку и ги исмевале нивните книги... Грците си ги тегнат кон себе погрчените Бугари... Не е чудно што и денес некои Бугари се одметнуваат од својот народ и се прилепуваат до туѓиот грчки народ. (Периодически печат... цит. дело). Во продолжение авторот погрчените Бугари навредливо ги нарекува простаци. И во предговорот на списанието „Љубословие“ објавено во Смирна (1842) децидно е опишана ваквата состојба, па авторот Фотинов пишува: „Бугари, благочестиви и православни, до кога ќе спиете во тој длабок сон на незнаење?... Ах, колку е срамно за нас! Многу народи, кои настанаа по нашиот, а кои немаа своја книжевност, се зафатија и почнаа да се просветуваат...,а бугарскиот народ спие!!!“ (Периодически печат... цит. дело). При знаењето на сето ова, навистина се апсурдни тврдењата на денешните бугарски пропагандисти за „илјадагодишниот карактер“ на бугарската писменост и јазик. (Од книгата „Етногенетските разлики помеѓу Македонците и Бугарите“ од А.Донски, која можете да ја набавите на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите или преку фејсбук) |