Среда, 30 Декември 2020    PDF Печати Е-пошта
НИТУ НА ГРЧКИ, НИТУ НА БУГАРСКИ: МАКЕДОНЦИТЕ УШТЕ ПРЕД 4 ВЕКА ИМАЛЕ МАКЕДОНСКИ ПРИРАЧНИЦИ ЗА ПИШУВАЊЕ ПИСМА

СПОДЕЛЕТЕ НЕКА СЕ ШИРИ! НИТУ НА ГРЧКИ, НИТУ НА БУГАРСКИ: МАКЕДОНЦИТЕ УШТЕ ПРЕД 4 ВЕКА ИМАЛЕ МАКЕДОНСКИ ПРИРАЧНИЦИ ЗА ПИШУВАЊЕ ПИСМА

Како да се напише писмо? И не само да се напише туку да биде напишано според сите стандарди. Според советите што случајно можат да се прочитаат меѓу препораките за тоа како најбрзо и најдобро да се излупи јаболка, или како домот да се заштити од муви со помош на најлонска ќеса, вода и неколку метални парички фрлени во водата, секое писмо мора да се започне со „Почитуван Господине…„ Почитувана Госпоѓо….“ или „Почитувана Госпоѓице…“ но, ако не се знае родот на  примачот, а за да се избегне грешка во обраќањето во женски или машки род, се пишува само „Почитувани…“ , пишува Блаже Миневски за Денешен.мк.

.Ваквите инстант-писмовници за „општа употреба“ препорачуваат службените писма да не се подолги од една страница, а приватните да водат сметка за времето на оној што треба да ги чита и за важноста на она што се соопштува. Впрочем, без оглед на тоа кој е примачот, не смее да се скока од тема на тема, односно секој пасус треба да има смисла, односно почеток и крај. Притоа, се препорачуваат и повеќе варијанти за завршување на писмата, како, на пример „Со љубов; Со почит и благодарност,  Искрено;  Остануваме во контакт, Со нетрпение го очекуваме Вашето пристигнување“ и слично.

Всушност, крајот секогаш зависи од нивото на преписката, блискоста на лицата што комуницираат и фрекфенцијата во размената на писмата.

Македонска традиција на пишување писма

Македонците пред четири века имале специјалени прирачници во кои со образец било објаснето како треба да се изгледа секое писмо во зависност од тоа на кого му се испраќа. Според овие прирачници, или писмовници, секој можел да види како се пишува писмо до пријател, до кнез, принц, крал, монах, трговец, итн. Во Македонија постојат повеќе вакви сочувани писмовници од 16 до 19 век, кои даваат пресек на историскиот развој и значењето на комуникацијата воопшто. Слепчанскиот писмовник од 16 век,напишан во истоимениот манастир во Демирхисарско, кој денес се чува во Државната библиотека во Москва, содржи 17 обрасци за пишување на писма до црковни и световни лица, меѓу кои и до султанот Сулејман Величествени.

Според образецот објавен во писмовникот, секој што ќе посакал да му напише писмо на Сулејман морал да го титулира како „цар на Македонија, Бугарија, Србија и други земји“ што за нас е многу важен факт, особено поради засилената пропаганда на негирање на името и идентитетот. Во таа насока секако е интересен и писмовникот на Христе Хаџи Константинович, „учител од град Прилеп, Македонија“. Во овој македонски писмовник се застапени 31 образец за пишување на писма до црковни и световни лица, а во него јасно се кажува дека Христе е „учител од град Прилеп, Македонија“ и дека „писмовникот го напишал во 1824 година“. Овој писмовник денес се чува во архивот на  МАНУ во Скопје.

Во писмовникот, пак, на Арсенија Поп Стефанович од Лазарополе, напишан во 1844 година, се застапени 30 обрасци за пишување на писма до разни црковни и световни лица. Овој писмовник денес се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски од 1804 година има пет обрасци за пишување на писма,  потекнува од Селце, Прилепско, а  денес се чува во Богословскиот факултет во Скопје.

Според д-р Михајло Георгиевски, кој ги има расчитано и обработено со современа македонска азбука, во оригинална јазична форма, сите спомнати раскописи, а истовремено ги има истражено и главните карактеристики на епистоларната литература, нејзиниот историски развој и значењето во македонската културна и национална историја, писмовниците имаат повеќекратно значење како книжевни културно-историски споменици, но и како огледало на културно-просветното ниво на нашиот човек во минатото. Сите писмовници се напишани на црковно-словенски и на македонски народен јазик, а во нив испраќачот на писмото во почетокот со покорни зборови и „метании“ испраќа стилски богати и богоугодни поздрави. Во средината на писмата се наоѓа главниот дел во кој се прикажува содржината на писмото и потребата да се обрати до соодветната личност. На крајот на писмото се спомнуваат желбите за здравје, благосостојба и голема благодарност за она што е барано до оној до кого е упатено писмото. Всиушност, од писмовниците се гледа степенот на културното однесување во одредено време и средина, како и богатството на стилот и јазикот што се употребувале во меѓусебна пишана комуникација на луѓето кои живееле на овие простори:

„Писмовниците се еден вид културен барометар и затоа претставуваат драгоцени документи за секоја национална култура. Засега како најстар и најзначаен македонски писмовник се смета Слепченскиот писмовник од средината на 16 век, поточно од 1543 година. Се мисли дека него го има составено Висарион Деварски, истакнат македонски книжевник од Слепчанскиот манастир „Св. Јован Продром“. Во него се застапени обрасци за писма до црковни и световни великодостојници – епископи, игумени, монаси и монахињи, духовници, цркви и манастири, свештеници, кнезови, султани и други господари. Значајно е тоа што во него се среќаваат и писма упатени до конкретни историски личности како, на пример, „кратовскиот кнез Димитар“, потоа „монахот Филип“, и други. Писмото до монахот Филип е составено од приврзаник на исихазмот што упатува на помислата дека предлошката за овој писмовник била напишана на Света Гора во текот на 14 век кога исихазмот таму зел широк замав. Според образецот, писмата што биле пишувани до „кратовскиот кнез Димитар“ главно се однесуваат за материјална помош и благодарност за великодушноста.

 

Мошне интересен е концептот за писма кои требало да се упатуваат до Султанот, од кој и да е крај на неговата империја, Ваквите писма секогаш требало да почнуваат со зборовите:

„До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар на господарите и цар на сите земји романски и македонски, бугарски, српски и беломорски, и црноморски и анадолски и мисирски и цар вселенски…“, а потоа се додавало кој го пишува писмото, со име и презиме, поданик на „вашето големо царство“, за на крајот, веднаш по текстот на барањето или молбата, писмото да заврши со „Бог да ги умножи годините на Вашето царување, амин“.

Овој значаен македонски писмовник од 16 век, со јазични црти од македонските народни говори, содржи 15 листови, исполнети со концепти за пишување на писма со вкупно 20 единици. Писмовникот е напишан во манастирот Слепче, Демирхисарско, од каде што при своето патување по Македонија го зел рускиот, односно украински славист Виктор Григорович и го однел во Русија каде што и денес се чува во Државната библиотека во Москва, во збирката на Григорович, под број 1734 “, вели д-р Георгиевски.

Во обрасците има примери во кои се сугерира пишувачот да напише дека е Македонец!

Славистот Виктор Иванович Григорович при своето „истражувачко“ патување по Македонија во пролетта 1845 година, со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Македонците“, како што вели Димитрија Миладинов во писмото пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година и упатено до Григорович во Москва, успеал да го најде и однесе само Слепченскиот писмовник. Дали го откупил или го добил како подарок, нема податоци. Сепак, во Македонија, до ден денес, останале три писмовници од времето кога Григорович, и други како него шетале по селата, градовите и манастирите и „собирале материјали пишани со старото писмо на Македонците“. Станува збор за писмовници од првата половина на 19-ти век, создадени во неколку македонски града: писмовникот, односно „книга посланиа“, како што пишува во неа, на „Христе Хаџи Константинович, учител прилепски од град Прилеп, Македонија“, од 1824 година, потоа писмовникот на Арсениј, син поп Стефанович, од 1844 год, и писмовникот на игуменот Леонтиј Хиландарски.

Писмовникот на Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, е најбемен а истовремено и најзначаен, заедно Слепчанскиот писмовник од 16 век, се разбира, меѓудругото и поради податоците што ги оставил составувачот.

Во ракописот на Христе Хаџи Константинович од Прилеп има запис во кој се вели: „Сија книга глаголемаја посланиа писа Христе Хаџи Констатинович учител прилепски иже од града Прилепе македоннстем, 1824 год. Февруариј“. Освен ова на последниот лист, во друг запис се вели дека „Сија книга глаголемаја посланија от Илија Димов (Илија Димов е прецртан во поново време и е напишано) Христета син бакал писана у град Прилепе, Македонстем, 1824, месеца марта, ден седми“.

Според д-р Михајло Георгиевски од записите се гледа дека овој писмовник своерачно го има напишано Христе Хаџи Константинович, учител прилепски, во град Прилеп, Македонија, во 1824 година. Ракописот е најден во Прилеп, а сега се чува во МАНУ под бр. Мс 2.

Писмовникот на Арсениј поп Стефанович, пак, потекнува од 1844 година и содржи 69 листови, но последните тринаесет листа не се испишани, односно Арсениј не стигнал да ги пополни со нови обрасци за писма. Писмото е полууставно, иако на крајот на ракописот се ближи кон брзопис. Јазикот е црковно-словенски, но од 49 до 53- от лист обрасците се напишани на македонски народен јазик од западното македонско наречие.

Според јазикот, но и според стилот што е користен во составувањето на обрасците, македонските писмовници фрлаат значајна светлина врз културното и економското живеење во Македонија во 16 и  во 19 век,  но исто така, претставуваат и своевиден урнек за нивото на пишаната, писмовната коресподенција и капацитетот на македонскиот јазик, кој во тоа време речиси исклучиво бил користен  само во усната комуникација.

https://mkdpress.site/archives/

 

На прво место

News image

Не го прави тоа што несакаш тебе да ти го направат!

Унија на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ Остро го осудува вандалското однесување на мала група хулигани ког...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.