|
||||
Г.Г.Дуртаноски : КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА ХОЛАНДСКО-МАКЕДОНСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВО |
120 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА А.ДЕН ДОЛАРД КОЈ ЖИВЕЕЛ ВО ОХРИД И ПИШУВАЛ ЗА МАКЕДОНИЈА А. ден Долард (хол. A. den Doolaard)е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (холандски: Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7. февруари 1901. Автор е на бројни книги од различен жанр: романи, патописи, раскази, поезија... Ден Долард учел во гимназијата во Хаг. По смртта на татко му работел како сметководител во нафтено претпријатие (1920-1928). Во 1926 со една стихозбирка го прави своето деби на полето на книжевноста. Во 1928 година ја прекинува работата како сметководител и започнува со долги и чести патувања низ Балканот и Франција, каде што работел како ѕидар, собирач на грозје, земјоделски и пристанишен работник. Кога германската армија ја окупира Холандија во 1940 година, ден Долард заедно со сопругата бегаат на југ во Франција и оттаму по една година пристигнуваат во Англија. Во Лондон останува до крајот на Втората светска војна и работи како спикер на холандското Радио Оранје (хол. Radio Oranje) кое е официјален емитувач на вести на холандската влада во егзил на кралицата Вилхелмина. По војната се враќа во Холандија и од 1954 година со семејството живее во Хундерло. А. ден Долард често ја посетувал и Македонија. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners), кој за првпат бил објавен во 1939 година, а потоа доживеал многу изданија. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија. А. ден Долард во Македонија нашол инспирација и за следните книги: „Дивјаците на Европа“ (De wilden van Europa, 1932, патопис), „За слобода и смрт“ (Van vrijheid en dood, 1933, патопис), „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934, репортажа), „Ориент Експрес“ (Oriënt-Express, 1934, роман), „Заедно е двапати сам“ (Samen is twee keer alleen, 1976, роман). Романот „Свадбата на седумте Цигани“ е единствената книга од А. ден Долард, која е преведена на македонски јазик, но авторот и книгата стануваат познати во Македонија и пред книгата да биде преведена. Во суштина, оваа книга претставува љубовна приказна меѓу младата охриѓанка Душка и белосветскиот скитник и женкар, фотографот Бранко, кој по многу години успева да ја најде вистинската жена на својот живот. Најголем познавач на животот и книжевниот опус на ден Долард е македонскиот писател Мишо Јузмески, кој книгата „Свадбата на седумте Цигани“ ја смета за „повеќе од книга“ и таа книга со право може да се нарече „камен темелник на холандско-македонското пријателство“. По повод 105 години од раѓањето на ден Долард во 2006 година во Охрид е откриен споменик во чест на писателот на кое откривање присуствуваат и потомците на А. ден Долард од Холандија. Споменикот е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора во Македонија, Петер Џон Босе. По повод 110 години од раѓањето на ден Долард во 2011 година во културниот центар „Култура 365“ во Охрид е отворена спомен-соба на А. ден Долард со изложба на книги и документи за животот и делото на писателот. Следната, 2012 година Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ која покрај македонското издание доживеа и превод на англиски и холандски јазик. А. ден Долард починал во Хундерло на 26. јуни 1994 година. Текст и избор на фотографии: Г.Г.Дуртаноски Опис на фотографиите: А. ден Долард (1901-1994) насловна страница од книгата „Свадбата на седумте Цигани„ издадена во 1939 година спомен обележје за А.ден Долард во Охрид откриено во 2006 година англиското издание од книгата за А. ден Долард од Мишо Јузмески (2012) |