|
||||
Во Зубовце се одбележа обредното закројување на лозјата |
Во чест на Св.Трифун заштитникот на лозјата и градините, на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар денес во Зубовце се одбележа обредното закројување на лозјата. Во име на Св. Трифун, сиромашниот чувар на гуски, а богат со Божја благодат и исцелителна моќ која ја употребувал против злите сили, зубовчани и граѓани од Гостивар и околните села се собраа покрај Светиот Крст на местото викано „Мал Камен“, на овој православен христијански празник, како секоја година да ги продолжат традиционалните обичаи. Во присуство на свештеник на МПЦ-ОА и молитва, најпрво се закројаа лозниците, а потоа со скромна братско-сестринска закуска и на далеку познатите зубовски колбаси, црвеното вино и ракија, како главни белези на овој ден, верниците го прославија со верба дека и годинава ќе ги заштити плодните ниви кои ќе дадат богат и квалитетен род. Оваа година, двајцата кумови кои беа избрани мината година (Рашела-Виктор Мизрахи и Мицо Рафајлоски) со две погачи во кои се крие по една паричка, го предадоа кумството на други двајца кумови : Бобан Јаковлески и Орце Николоски. Св. Трифун во Зубовце денес се прослави и со цел да не се заборават корените, да не се заборават вековните обичаи и традицијата, да не се заборави добрата мисла, желбата за дружба и добра иднина на Македонија, која во Зубовце е останата како аманет од старите генерации. За убаво и за многу години. АМИН!
|