|
||||
Cтрашо Aнгеловски : Време на пауперизација и плутократија |
Два поими го карактеризираат времево што го живееме, два поими кои светот и човештвото, во ова време на неолиберален капитализам, наместо во напредок и развој, го влечат назад, во времето на раниот капитализам, во времето на првобитната акумулација на капиталот. Македонија, за жал, не е исклучок од овој брутален процес. Процес на пауперизација на огромното мнозинство од граѓаните и плутократско владеење на промилното малцинство исклучително богати поединци. Процес на Пауперизација Поимот Пауперизација (од латинскиот збор pauper – сиромашен) е израз со кој се означувал процесот на осиромашување на широките слоеви од народот, претежно работници без сопствени средства за производство, со чија нечовечка експлоатација се трупало богатство во рацете на владејачкото малцинство. Ваквиот процес на пауперизација бил најинтензивен во времето на првобитната акумулација на капиталот, односно во периодот на конституирање на капитализмот, па се’ до втората половина на 19 век. За жал денеска, во XXI-от век, во време на исклучителен технолошки развој, во време кога владејачките елити се со полна уста демократија и рамноправност, човештвото е вратено во време на најбруталниот грабеж, во време на пауперизација, во време кога мала група луѓе го заграбува целокупното богатство на сметка на целосно осиромашување на огромното мнозинство. Во едно вешто смислено сценарио, владејачките елити ги истакнуваат сите можни различности и нерамноправности и ги поттикнуваат сите малцински групи, без разлика дали станува збор за малцинска група различна и нерамноправна по основ на национална, верска, јазична, културолошка припадност; дали станува збор за малцинска група различна и нерамноправна по основ на родова, трансродова или ЛГБТ припадност; дали станува збор за малцинска група различна и нерамноправна по основ на ретки болести или физички хендикеп, ги поттикнуваат на борба за рамноправност со видливото мнозинство. За таа цел формираат недоброј „невладини“ организации, штедро финансирани токму од нив, за да го насочуваат вниманието кон различноста и нерамноправноста на овие и вакви малцински групи и да поттикнуваат борба за нивна рамноправност. И, доколку и се согласиме дека нема ништо лошо во тоа и дека ваквите малцински групи, барем некои од нив, еве да речеме, заслужуваат рамноправност, никако не можеме да се согласиме со фактот дека токму тие и токму на таков начин, насочувајќи го вниманието исклучиво на ваквите проблеми, вршат дефокусирање на мнозинството од луѓето од основната различност и нерамноправност што ја живеат – економската нерамноправност, нерамноправноста меѓу еден промил безгранично богати и остатокот од човештвото во процес на целосно осиромашување. Во Република Македонија овој процес посебно се интензивира после формирањето на стотици „невладини“ организации кои ја имаат токму таа цел, да го насочат вниманието кон проблемите на малцинските групи, за да и’ се овозможи на врхушката на СДСМ на чело со Зоран Заев, насилно инсталирана во кабинетите на Владата на Република Македонија, непречено да го изврши најголемиот (после грабежот со криминалната приватизација, исто така во режија на СДСМ) грабеж во историјата на Македонија. И да го заврши процесот на осиромашување (пауперизација) на македонското општество, кое така осиромашено станува неотпорно на националните предавства и речиси и да не може да се спротивстави на сопственото национално изумирање. Плутократија во светот и во Македонија Поимот Плутократија е искован од два збора: plutos – богатство и kreteo – владеам, што означува посредна или непосредна ВЛАСТ НА БОГАТИТЕ. Плутократијата, како политички систем е позната од самите почетоци на општественото уредување, но како непосредна власт е најизразена во некои италијански градови и држави во средниот век, примерот со банкарското семејство Медичи во Фиренца. Со јакнењето на монополистичката фаза на капитализмот доаѓа до најизразено јакнење на посредните плутократски тенденции во политиката. Доаѓа до затскриено (колку што може да биде) поврзување и дури сраснување на врвовите на финансиската олигархија со врвовите на државниот апарат и највлијателните кругови на професионалните политичари и бирократијата. Посебно изразено во САД, каде што веќе подолго време се зборува за таква поврзаност на банкарскиот систем и воено-индустрискиот комплекс со државната администрација. Денес, со појавата на новите технологии, како економски најмоќни се јавуваат сопствениците на капитал во сферата на дигитализацијата, па тие и таквите веќе се’ поотворено се пројавуваат со својата желба за власт, односно за воспоставување плутократски политички систем, каде што тие би биле непосредно вклучени. Но, имајќи ги кај себе основните алатки на глобализацијата, тие не се задоволуваат со воспоставување на таков систем во суверените држави, туку инсистираат на плутократско владеење преку светска Влада. Како да им досади да владеат посредно, преку сенилни политичари од типот на Бајден, па стануваат нестрпливи да формираат плутократска светска Влада со неограничена моќ. Примерот со Бил Гејтс и неговото вмешување во сите сфери на општеството, чија кулминација беше и неговото учество на безбедносниот самит на државници во Минхен (во непознато својство), јасно го потврдува ова. За жал, појавата на Коронавирусот под сомнителни и се’ уште нерасчистени околности, последнава година исклучително ги забрза овие два паралелни процеси, процесот на осиромашување на човештвото (пауперизација) и процесот на наддржавно воспоставување светска влада составена од најбогатите луѓе во светот, а неизбрана од никој (плутократизација на човештвото). Македонија – жртва на овие процеси Во Република Македонија, за жал, со целосно дефокусирање на јавноста со најразлични скандали и битки за реални или нереални права на најразлични малцински групи, исклучително успешно се одвиваат обата процеси – процесот на пауперизација и процесот на плутократизација на општеството. Па, така успешно се осиромашува огромниот дел од граѓаните (без разлика на нивната етничка или каква било припадност) и уште поуспешно се инсталираат на власт неколку најбогати поединци. Со тоа што овој процес во Македонија има и спротивна насока (некои од инсталираните на власт стануваат екстремно богати). Како и да е, осиромашениот, пауперизиран народ е се’ поподатлив за плутократско владеење и, ќе повторам, се’ понеотпорен на сите национални катастрофи кои ги преживува, а плутократската власт заради богатството што го поседува, убедена во својата неограничена моќ, се’ поподготвена за национални предавства, со кои би го избришала во целост постоењето на сопствениот народ бидејќи е веќе целосно отуѓена од него. Овие нешта мораме реално да ги согледаме, да сфатиме дека мораме најитно да застанеме на патот на пауперизација на општеството со што и ќе му го одземеме правото на плутократско владеење на тој еден промил екстремно богати поединци во државата. И ако сакаме да учиме од историјата, која сакаат да ни ја укинат, ќе знаеме дека народите низ историјата, во фаза на неиздржливост од процесот на бруталната пауперизација, се спротивставувале само на еден начин – со се’народна револуција. Со тоа, покрај можноста да го спречиме безмилосното осиромашување на граѓаните, добиваме шанса да ги спречиме и националните катастрови кои водат до целосно бришење на македонскиот народ и македонската држава. Автор: Страшо Ангеловски, претседател на #МААК за НетПрес |