|
||||
Поклади во село Зубовце |
Неделата пред почетокот на велигденските велики пости во Зубовце се празнува како Поклади, според календарот на Македонската православна црква уште и како Прочка, а е познат и како велики Поклади или Проштени поклади. Овој празник не е поврзан со одреден датум туку е, секогаш, седум недели пред Велигден. Во текот на денот во бавчите, градините се палат огнови. Запалените китчиња слама им се даваат и на децата а тие, трчајќи низ бавчите, на сиот глас извикуваат:Бегај крту бегај, бегај ќе те изгорам. На овој начин како и со запалениот оган се бркале кртовите кои им нанесувале големи штети на градинарските култури.Пред да падне првиот мрак, се палат големите маалски огнови наречени Баба вештица, направени од слама, од пченкарница и од смрека. На времето меѓу зубовските маала постоел и натпревар кое маало ќе има најразгорен оган, со највисок пламен. Околу огновите децата трчале и ги прескокнувале пламените јазици. Со јагленчињата од огнот, на малите деца им се цртале крстиња на челата, за здравје и заштита од уроци. Попладнето на Поклади, според стариот обичај, младите одат на посета кај постарите од фамилијата, за традиционално да побараат прошка, без разлика дали некој некому му згрешил или не. Пропштавај ако сум се огрешил нешто годинава! – е вообичаеното обраќање на помладите кон постарите.Нека ти е простено и блосоано и од мене и од Бога. – одговара оној од кого се бара проштевање.Вечерта во секој зубовски дом се подготвцува свечена вечера. Традиционално се коли петел или кокошка и се подготвува зубовскиот специјалитет калејнца – ориз во тава. Се прави и алва, а се вари и по едно јајце за секој член од потесното семејство и уште едно за куќата. По завршувањето на вечерата се изведува вообичаеното ацкање (амкање) јајце. Домаќинката зема кадела (урка, рачно изработена направа за предење волна) на која на плетена волнена врвка го врзуваат вареното јајце. Јајцето се ниша околу софрата. Сите со зинати усти се обидуваат да го лапнат јајцето, без да се служат со рацете. Ацкањето (амкањето) трае се додека некој не го лапне јајцето, кое потоа се лупи и секој од семејството каснува по малку за здравје.Во една лушпа од јајцето се налева црвено вино или како што го викаат крто вино. Домаќинката послужува со зборовите:, Напиј се крто вино! А оној што ќе се напие од лушпата наздравува: Ај да ги снема кртовите од бавчите. На вечерата се изведува уште еден обичај наречен јадец. Тој што ќе го најде т.н. јадец во месото се обложува со надлажување. Надлажувањето може да трае за целото време на Велигденските пости. Од книгата „Зубовце“ од Гале Фидановски, 2008 г. Марко Китевски
|