|
||||
Честитка по повод 23-ти Мај, Национален ден на Власите |
Христијан Мицкоски : Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија од влашката етничка заедница им го честитам 23-ти Мај, Националниот ден на Власите. Власите се нераскинлив дел на македонската историја, сегашност и иднина. Со својот културен, општествен и политички придонес учествувале во изградбата на македонската државност и македонскиот општествен мултикултурен мозаик. Власите, влашкиот јазик и култура во Македонија биле и ќе останат важен сегмент на нашето заедничко битисување на овие простори, кој имаме обврска сите заедно да го негуваме, развиваме и почитуваме. Македонија има традиција на взаемна толеранција, разбирање и почит кон посебностите на сите граѓани низ вековите. Ние тука во Македонија сме научиле да живееме не само еден покрај друг, туку еден со друг и заедно сме ги надминувале сите предизвици, а во исто време сме ја чувале и граделе татковината. Како што нашите дедовци и прадедовци заедно се бореле за слободата и независноста, имаме аманет таа борба да ја продолжиме, но овој пат за подобра иднина на нашите деца и внуци. Времињата се тешки, кризата, сиромаштијата, безперспективноста и апатичноста се големи, но тоа е мотив повеќе да се сплотиме и да работиме посилно ваквите проблеми да ги решаваме. Да се спротивставиме на криминалот и корупцијата како современо зло кое ја уништува државата, да се спротивставиме на распадот на системот и на вредностите кои заедно не поврзувале. Сите, без разлика на етничката, верската и политичката припадност, мора да оставиме придонес во таа наша борба. Само така ќе создадеме подобра перспектива за нас и за нашите идни поколенија. |