|
||||
Македонците се многу среќен народ, тие ја имаат Големата Мајка |
БЕШЕ СИ БИЛА... ПРИКАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА МАЈКА
Тајната на создавањето на човекот трае. Се вели дека се родил. Го родила мајка. Врвот на совршенството, човечкото суштество, раководено од природен инстинкт да знае да дише и да цица. Сè друго се стекнува, се учи, се усовршува. Мајката го пренесува искуството на потомството. Мајката Божица, прамајка, природата, Ева од рајот и секоја мајка ја носи тајната на животот. Не можеме да кажеме точно кога започнал животот на човекот. Разни митолошки и ритуални докази ја зголемуваат хипотетичноста. Со една биолошка нога стои во животинското царство, а со другата чекори во свесната зона на уметничко и научно творештво. Се покорува на законите на природата и свесно интервенира создавајќи нови сфаќања за себе и светот од земјата до космосот. Некои појави милион години не се променуваат, на пример раѓањето и улогата на мајката. На тлото на Македонија под земја останеле разни докази за животот на луѓето со кои се побива претпоставката за дивите луѓе што скитале наметнати со кожи, со долги коси и стапови во раце. Неолитските ископини на куќи, огништата, орудија и стотици глинени статуи на жени ни раскажуваат поубава приказна за култ кон Мајката што раѓа. Тоа се неолитски дами на Големата Мајка од Македонија, Божица на домот и родот и господар на животот. Жена извајана од глина седната на покрив со нацртано сонце, накитена со бисери, белегзии, прстени, плетенки и патец над челото како израз на симетрија и рамнотежа на материјалното и духовното од основа го менува сфаќањето на жената како диво животно. Во Музејот на Македонија има постојана изложба на галерија на тие женски ликови наоружани со убавина, моќни владетели на домот, на фамилијата и продолжувањето на животот со раѓање. Тоа се истите жени во мермерни статуи на Музите, Божиците, Артемида, Тиха, Афродита, Хера... коишто чувале вечна стража со убавина на Големата Мајка пред храмовите, палатите и театрите низ Македонија, во сите царски градови. Така ги ископуваме наредени во колони и ги споредуваме со сегашните живи мајки и некогашни славни лица на жени од Македонија. Тоа се Царици и Богородици што раѓале Божествени Македонци. Евридика го родила Филип II, Олимпија-Александар, Лета-Аполон, Тетида-Ахил, Роксана-Тесалоника, Клеопатра родила пет деца, Мајката Божја-Марија, Царицата- Елена, Теодора-Ана, Комнен, Евросима. Султана мајката на Гоце Делчев, Мајките на Комитите, Преродбениците, Партизаните, Бранителите... се мајки на Македонци што ја создале историјата и славата на Македонија, на народ што го одржува култот на Големата Мајка како култ на раѓање за долгиот опстанок на човекот и човештвото. Мајката раѓа и затоа толку се почитува во Македонија, во безброј светилишта, од почетокот на светот до денеска.
Ангелина Маркус |