|
||||
Бадник или Коледе |
Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден - Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Зборот Бадник доаѓа од зборот да бидеш буден. Таа ноќ сите домашни луѓе не заспиваат, туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник - будник. Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството. Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат. Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Песни спроти Бадник се од Дебарско, од записи на Васил ИкономовВо Дебарско особено во нашите малорекански села, вечерта спроти бадникот се подготвуваат лебови што се викаат колаци, со различни форми. Заедно со овие колаци (или колендари) замесуваат по еден голем леб што се вика чист леб, којшто го јадат на првиот ден на Божикот, кога повозрасните деца варат пченица (жито) со шеќер и ги пеат следниве песни: Коледица варварица, сива, сива гулабица Една од најпеаните песни што се пее Бадник или Коледе е „Коледе леде“: Коледе, леде!
|