Среда, 04 Јануари 2017   
И Бугарија за обединувањето на Македонија!

todor-petrov-3

Тодор Петров

Обединувањето на Македонија е вечна тема. Еве и во 2017 вреди да се потсетиме на почетокот од мај 1944 година, кога Методија Андонов Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за островот Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни 1944 година, при што македонската делегација го поставува прашањето за обединувањето на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да се случи веднаш. По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ) и на 2 август 1944 година во македонскиот манастир “Свети Отец Прохор Пчињски“ се одржува Првото заседание. Се поставуваат темелите на последната возобновена Македонска држава. На него, Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ како највисоко државно законодавно-извршно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна Народна Република Македонија)...

И Македонците под Грција, во Егејскиот дел на Македонија, во Втората Светска Војна масовно учествуваат во Грчката Народно-ослободителна Армија (ЕЛАС) од 1941 до 1945 година, под водство на на Комунистичката Партија на Грција (КПГ), поради нејзината јасна политика по македонското прашање: после победата над фашизмот да се прогласи автономија на Македонија во Грција се’ до обединување на Егејскиот дел на Македонија (окупиран од Атина во Балканските војни 1912-1913 година) со Република Македонија. За жал, поради договорот Сталин-Черчил во 1941 година, Романија и Бугарија да бидат интересна сфера на Русија, а Грција на Велика Британија и поради стравот од комунизација на Грција, Велика Британија се осојузува со пребеганиот грчки крал во Египет, го враќа назад во Атина, ги враќа на власт монархо-фашистите во Грција. Тоа е причината за повторното обновување на ЕЛАС, како Демократска Армија на Грција (ДАГ) повторно под водство на КПГ и почетокот на таканаречената Граѓанска војна во Грција од 1946 до 1949 година. Доаѓа до отворен судир на ДАГ со британските трупи на целата територија на Грција и со монархо-фашистите, кои Велика Британија ги одбира за сојузници заради пораз на партизаните и комунистите. Да се спречи воспоставувањето на власта на победниците од Втората Светска Војна, поради страв дека преку Грција, Русија ќе излезе на Медитеранот, на топлите мориња. Македонците повторно масовно учествуваат во ДАГ, убедени во победа и во одбрана на затекнатите позиции за автономија и обединување на Македонија. Но, ја доживуваат судбината на поразените поради помошта на САД и Велика Британија за победа над и конечна пресметка со партизаните. Монархо-фашистите посебно се пресметуваат со Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Одлучувачки, како што Американците ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки што изнуди капитулација на Царска Јапонија, сојузник на фашистичка Германија, така и Британците ги фрлија напалм бомбите врз Грамос и Вичо што изнуди капитулација и бегство на лидерството на КПГ и крај на таканаречената Граѓанска Војна во Грција. Започнува новиот егзодус на Македонците под Грција, во Егејскиот дел на Македонија, продолжува грчкиот масакар врз Македонците, продолжува грчкиот геноцид врз македонскиот народ. Огромен број Македонци трајно се протерани од своите домови во светот и низ цела Грција, прво нивните деца, а таа драма трае до денес...

Но, да се потсетиме и на едно строго доверливо писмо од 17 август 1946 година со кое Георги Димитров го известува Јосип Броз Тито, за одлуките на Десеттиот проширен пленум на Централниот Комитет на Бугарската Работничка Партија (комунисти) - БРП(к), одржан на 9 и 10 август 1946 година. Писмото се наоѓа во ЦК СКЈ, Збирка на меѓународната комисија на ЦК КПЈ. Во тоа писмо се вели:
“Централниот комитет на нашата Партија ја донесе следнава одлука по македонското прашање:

1. БРП(к) смета дека основниот дел на македонскиот народ е организиран во државен и национален поглед во рамките на Федеративна Народна Република Југославија, како Народна Република Македонија. Претстои обединување на другите делови на македонскиот народ врз база на Македонската Народна Република, а во рамките на Федеративна Народна Република Југославија.

2. БРП(к) смета дека подготовката на потребните услови за тоа обединување и специјално за присоединувањето на Пиринскиот дел кон Народна Република Македонија е работа што се однесува пред се’ на самите Македонци, но исто така тоа е општа задача на Отечествениот фронт на Бугарија и на Федеративна Народна Република Југославија.

3. БРП(к) смета за потребно дека во периодот до присоединувањето на Пиринскиот крај кон Народна Република Македонија треба систематски да се работи врз културното зближување на македонското население од овој крај со Народна Република Македонија, да се популаризираат во неговата средина дејноста и успесите на Македонската Народна Република, македонскиот јазик и македонската литература, да се запознае со историјата на македонскиот народ, која се учи во македонските училишта, да се работи врз олеснувањето на пограничните услови меѓу Македонија во Југославија и Пиринскиот крај, да се работи врз широкиот заемен контакт на македонското население од едната и другата страна, и воопшто да се преземат цела низа други мерки по линија на културната автономија, што би овозможиле да се развива националната свест на македонското население и би го олесниле неговото обединување со основниот дел на македонскиот народ во Народна Република Македонија. Учествувајќи активно во борбата на Отечествениот фронт против реакцијата и за зацврстување на демократскиот режим во Бугарија, Македонците од Пиринскиот крај треба да имаат свои македонски кандидати на изборите за Великото народно собрание, а во самото Велико народно собрание своја македонска парламентарна група.

4. Весникот “Пиринско дело“ треба да има главно македонски карактер и во сето време треба да води решителна борба против михајловистите и нивните странски покровители, кои се опасни непријатели на националното обединување на македонскиот народ, на расцутот на Македонската Народна Република, на братскиот сојуз меѓу Бугарија и Југославија и на словенското единство, а исто така и против великобугарскиот, великосрпскиот и великогрчкиот шовинизам.

5. Потребно е исто така да се воспостави најтесна соработка меѓу пиринските Македонци и македонската емиграција во Бугарија, заради активна поддршка на Македонската Народна Република.

6. БРП(к) смета дека територијалното присоединување на Пиринскиот крај кон Народна Република Македонија треба да биде врз база на сојузен договор меѓу Бугарија и Југославија, земајќи ги предвид како волјата и заедничките интереси на самиот македонски народ, исто така и правото на кооптација на бугарското подаништво за жителите на Пиринскиот крај, кои сакаат да го искористат тоа право.

7. Со овој договор ќе биде решено враќањето на западните покраини на Бугарија, кои сега се наоѓаат во Југославија, се мисли на дел од сегашниот димитровградски и босилеградски крај.

8. БРП(к) смета дека е во интерес на македонскиот народ, а исто така на Бугарија и Југославија, присоединувањето на Пиринскиот крај кон Народна Република Македонија да се изврши на таков начин што фактички да не постои царинска или некоја друга граница меѓу Македонија и Бугарија, како што таква граница не постои меѓу Народна Република Македонија и другите единици на Федеративна Народна Република Југославија.

9. Присоединувањето на Пиринскиот крај кон Народна Репиублика Македонија не само што не смее да ги отежнува стопанските и културните врски меѓу обединетите краишта и Бугарија, туку напротив, треба уште повеќе да ги зацврсти тие врски меѓу Македонија (Југославија) и Бугарија.

10. БРП(к) ги обврзува сите членови на Партијата и пред се’ членовите од Пиринскиот крај, да се придржуваат строго и да ја спроведуваат практички оваа партиска директива за македонското прашање и и’ препорачуваат на македонската емиграција со сите средства да го помага зацврстувањето на братскатата Македонска Народна Република, а исто така да ги помага подготовките за обединување со неа на македонското население од Пиринскиот крај врз база на сојуз меѓу Отечествено-фронтовската Бугарија и Федеративна Народна Република Југославија.

Испраќајќи Ви ја оваа одлука, која од разбирливи причини нема да биде сега објавена во печатот, Ве молиме да им ја ставите на знаење на раковнодните другари во Скопје, а исто така да го јавите Вашето мислење за ова прашање.
Г.Димитров, с.р.“

Јалови се денес обидите на Атина за промена на државното име Македонија, смешни се изјавите на поранешната грчка министерка за надворешни работи на Грција, кога вели: “Македонското прашање е идеолошка конструкција на студената војна, а за да го затвориме треба да го смениме државното име на нашиот северен сосед Македонија. Ние еднаш веќе ја напишавме историјата на Македонија, повторно не мислиме да пишуваме нова.“

Јалови се денес обидите на Софија преку Европскиот Парламент, за пишување нова историја на Македонија.

Јалови се обидите на сите во Македонија, кои работат за бугарските служби со цел инсталација на “свест за бугарските корени“ на Македонија...

Во Втората Светска Војна, Македонија се ослободува во ноември 1944 со исклучиво домашни сили и присуство на странски мисии. Македонското партизанско движење иако анти-фашистичко, во основа не е комунистичко, туку национално-ослободително, за целосно ослободување и обединување на сите делови на Македонија. Таа е многу чиста идеја и на АСНОМ и затоа има делегати од сите делови на Македонија. За жал, југословенските комунисти, нивните извршители во Македонија, жестоко се пресметуваат со оние кои беа за обединета Македонија надвор од Југославија, за обединета Македонија но не во Југославија. Србите ги спроведуваа договорите со Атина од Балканските војни 1912-1913 за затворање на македонското прашање: Северно од Гевгелија сите - Срби, јужно од Евзони (Мачуково) сите Грци! Така и би! И ден денес српскиот клир не може да се ослободи од историските заблуди дека Македонија е српска покраина, а Македонците се јужносрбијанци, како што ни Грчката црква не ги признава Македонците.

Според првата и единствена официјална “Информација за преземените мерки на органите на власта спрема државјани на Република Македонија за кои во периодот 1945-1993 година се располагало со основани сомневања дека дејствувале за формирање самостојна и обединета Македонија“, изработена од МВР во 1993 година, во периодот од 1945 до 1985 година вкупно во Македонија биле откриени 105 илегални групи и организации со над 1.200 припадници, чие дејствување било насочено кон отцепување на Македонија од заедницата на југословенските народи и создавање самостојна и обединета Македонска држава. Од нив од слобода биле лишени 1.045 припадници на илегалните групи и организации, од кои 242 биле осудени на смрт или на временска казна до 15 години. Во периодот од 1945 до 1980 година се одржале околу 700 политички процеси против членовите и припадниците на тајните организации и групи, на кои им биле изречени стотици смртни пресуди и долгогодишни затворски казни. За бројот на прогонуваните, затвораните и осудуваните лица со поинакви политички убедувања од постојниот комунистички режим доволно говорат 14.000 политички досиеја што ги водела Службата за државна безбедност при МВР и 22.000 затворски досиеја на затворените политички лица во затворот Идризово, или вкупно 36.000 досиеја. Тоа се политички досиеја на лица (од разни возрасти и професии - револуционери, интелектуалци, лекари, студенти, обични и полуписмени селани, лица во поодмината возраст и ученици-гимназисти, деца на 16 години), затворани, осудувани, прогонувани и стрелани во периодот од 1945 до 1985 година од македонска комунистичка власт, затоа што се бореле за независна Македонија и за идеалите на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација. Според неофицијални податоци, во периодот од 1949 до 1951 биле затворени 7.330 средношколци, а само во затворот "Идризово" биле затворени 2.500 политички затвореници....

...Георги Димитров е роден на 18 јуни 1882 година, Македонец е по потекло. Татко му Димитар од Разлог и мајка му Параскева од село Бани, Разлог, Пиринскиот дел на Македонија, после Кресненско-Разловечкото востание се селат во село Ковачевци, Перник, близу до Софија каде што се раѓа Георги. Во 1902 година Георги Димитров станува член на Бугарската Социјал Демократска Партија (БСДП). Приврзаник е на идејата за Балканска Федерација. На 22 Конгрес на БСДП одржан на 28 мај 1919 година, кога партијата се преименува во Бугарска Комунистичка Партија (БКП), се поставуваат и тезите за формирање на Балканска Советска Социјалистичка Република во чии рамки треба да бидат Бугарија, Добруџа, Тракија и Македонија. Претседател е на Комунистичката Партија на Бугарија и генерален секретар на Комунистичката Интернационала (Коминтерната) од 1934 се’ до нејзиното распуштање во 1943 година. Поради страв од ликвидација во Бугарија, бега во Југославија, а оттаму во Австрија, каде станува активист на Коминтерната, вршејќи конспиративни активности во Швајцараија и Германија. Бил дури и официр за врски на ВМРО. На 9 март 1933 година заедно со други комунисти е обвинет за учесник во палењето на германскиот Рајхстаг. На судењето самиот се одбранува, но осуден е на 9 месеци затвор поради поседување фалсификувани документи и нелегален престој. По затворот заминува за Русија, добива руско државјанство и таму останува до крајот на Втората Светска Војна. Во Москва од 1937-1945 година дури е пратеник во Советскиот Парламент. Во ноември 1946 година Димитров е избран за премиер на Бугарија и таа функција ја врши до 1949 година. Два месеци подоцна со телефонограма од 27 декември 1946 на околискиот управител до кметовите во Неврокопско (преименуван во Гоце Делчев) се наредува сите граѓани да бидат пишувани како Македонци по националност, со исклучок на Евреите, Турците, Циганите и Бугарите коишто се родени надвор од Неврокопско. Наредено е исто така сите бугаро-мохамедани да се пишуват како Македонци. Во македонската историја Димитров е особено важен како прв челник на Бугарија што ги признал Македонците. На Димитров здравствената состојба рапидно му се влошила во почетокот на 1949 година. Бил прегледан и од бугарски и од руски лекари. Тоа што тие го утврдиле било трагично, бил болен од срце, цироза, шеќер и хронична простата. На 7 март 1949 година итно со авион бил префрлен во санаториум во Москва, а Сталин наредил да го лекуваат најдобрите лекари. Во санаториумот често бил од Сталин посетуван. Таму 4 месеци се лекува, но на 2 јули 1949 година умира. Сталин веднаш наредува неговото тело да се балсамира и го испраќаат во Бугарија, каде за рекордни шест дена му е изграден Мавзолеј во Софија. Во август 1990 година неговото тело е кремирано и погребано на Централните софиски гробишта, а Мавзолејот урнат во 1999 година. Постојат сомневања дека бил отруен додека се лекувал во санаториумот во Москва. Бугарските весници своевремено публикуваа искажување на анонимен полковник кој работел во Државна безбедност и бил близок соработник со врвни раководители на БРП(к), кој тврдел дека по смртта на Димитров му било наредено да утврди од што починал, зашто постоеле сомневања дека е отруен од тајните служби на Советскиот Сојуз по налог на Сталин. Имено, во една од фиоките на бирото што го користел во болницата му било монтирано двојно дно со жива. Вдишувајќи ја живината пареа, Димитров се отрул. По ваквите изјави, Министерството за внатрешни работи на Бугарија наредило да се изврши експертиза на неговата коса и, како што беше соопштено од Институтот за криминологија, по извршеното испитување во неа била откриена доза на жива. Во негова чест, неговото име го носи една скопска гимназија.

... И покрај се’, Македонија повторно е суверена држава, Македонците повторно се суверена нација, Македонија е одржлива демократија, Македонците се посветена нација, и тоа повеќе никој и никогаш не може да го смени!

Македонија од исконот до бескрајот! Македонија вечна! Амин!

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.