|
|
Манстир Св Јован – Ветерски |
Тихомир Каранфилов Манастир „Св. Јован Крстител” е православен манастир во близина на село Ветерско. Се наоѓа на 25 км. северно од Велес во близина на патот кон Скопје. Не се најдени пишани извори за почетокот од постоењето на манастирот. Според карактеристиките на градбата на манастирската црква се претпостави дека нејзиното постоење датира уште од византискиот период. Според еден ѕиден натпис над вратата од манастирската црква може да се претпостави дека манастирот бил изграден во 1670 год. Тогаш велешки владика бил Јосиф. Натписот е напишан со славјанско писмо, а тоа е можно, оти митрополитот Јован, иако бил Грк, не го забранувал славјанското писмо. Може да се претпостави дека во спомнатата година манастирската црква била само обновена и реконструирана, бидејќи Турците ретко дозволувале подигање на нови христијански храмови. Историјата на манастирот е мрачна. Самата црква е куполна, мала и темна. Околу црквата се поместени манастирските конаци и други простории. Во минатиот век, во една од просториите на манастирот се одржувала и училишна настава за децата од село Ветерско. Но, по иселувањето на луѓето, запрел и детскиот џагор. Исто така, во минатото тука се собирале четите на Македонската револуционерна организација за да одморат и да се советуваат. Во овој манастир биле обиколени четите на војводите Боби Стојчев и Панчо Константив, кои по целодневна борба со далеку понадмоќниот турски аскер, успеале да се извлечат во текот на ноќта. Георги Трајчев во својот дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), во кое ги опфаќа манастирите во рамките на географските и етничките граници на Македонија, опишувајќи го манастир „Св. Јован Крстител” - Ветерски, меѓудругото се задржува и за битката на четите на Македонската револуционерна организација и османлиската војска. Опишивајќи ја битката, а потоа во кратки црти и манастирот, авторот ќе го забележи следното: „На 17 април 1906 година, четите на скопскиот војвода Боби Стојчев и велешкиот Панчо Константинов се прибрани во манастирот св. Јован, крај селото Ветерско, каде игуменот отсуствувал. Уморени од исцрпувачкиот поход, еден дел од четниците се повлекуваат во собите да поспијат, а другите четници оставени да стражарат, се сместиле во кујната, и ставиле оган за кафе и чај. Безгрижниот авантурист Боби, презирајќи го стравот од непријателот, поставил стража само внатре во манастирот, без да постави стража по раскрсниците. Сите заспале, само стражарите биле будни и го обиколувале манастирскиот двор. Околу зори четникот Ц. Андрејчев слушнал од надвор разговор на турски и ги проверил стражарите. Се зазорило и се видела турската потера. Андрејчев ги пробудил војводите, кои виделе дека аскерот зазел позиции околу манастирот. Се разбудиле и четниците кои направиле обид да да излезат при што загинал четникот Крстев. Четниците потоа ги зазеле позициите по одаите и манастирските ѕидови. Бројот на башибозукот и потерата, командувани лично од австрискиот жандармериски офицер, постојано растел. Но, непријателските атаци биле одбивани. На предлогот за капитулација, момчињата одговарале со здружен залп. Целиот ден минал во жесток бој. Момците ја очекувале ноќта и ги штеделе куршумите, а се служеле и со бомби. Приквечер пристигнале и полски топови. Непријателот кој броел околу 3000 души, го стегнал обрачот. Започнал да паѓа дожд и густа магла ја покрила околината. Околу 9 часот вечерта Тодор Дечев со група бомбаши ја отворил манастирската врата и почнале да паѓаат војници, да паѓаат четници. Бомбите внеле паника кај аскерот и нашите се извлекуваат од бојното поле. Околу зори и двете чети се прикриле крај село Новачани. Во неравноправниот бој паднаа Андреј Варналиев, Александар Латовчето, Христо Багеров, а тешко ранети се: Димитар Какачев и Аврам Братлето. Спасените четници ја најшле смртта во кулата на село Лугунци. Тука загина Скопската чета на чело со Бодле (Боби – н.з.) и велешките четници Димитар Стојанов и Кољо Социјалиста. Панчо Константинов со дел од четата се прибрал во градот Велес. Оваа случка влијаеше врз плашливото население, кое почна поретко да го посетува манастирот, кој беше еден од најпопуларните манастири во Велешко. Тука некогаш велешката аристокрација минувала извесно време од годината за одмор и задоволство. Во манастирот св. Јован Ветренски, расположен при устието на реката Пчиња, лева притока на Вардар, има надпис од 1670 на ѕидот на манастирот. „Изволение оца и сь поспешение сина, и сьвьршение светаго духа си божествени храм Орешич зовоми, светога славнога пророка и Предитеча и крститела Йоана сьзда се от темел и подписа се, трудом и настојанием с своеју спензу. Богољубиваго епископа Кир Јосиф велешкога от манастир Зограф, в време патриаршествујуште тогда блаженешему и велеречиваго господина и влидаика први Јусиниани Охрида кир Зосима, и при нечастиви цари амир султан Мехмед тогда и Гирит везет бисть и Бисть ктитори от Рувник Иове Неда Неранза Продан Степана Васе Угрин Дамче Таса во лето от рождество а.к.о. (1670) Новари Иоан зр. п. д. (7184 - 1677)“. Ветренскиот манастир Св. Јован е три часа одалечен, по северо-западната насока од градот Велес. Тој е сместен во една живописна околина во меѓуречието на Вардар – Пчиња, лева притока на најголемата македонска река. Близу до него е селото Ветрено кое брои 30 чисто (македонски – н.з.) куќи. Манастирот е доста стар, но со темна историја. Црквата е куполна, мала и темна. Таа е обиколена со манастирски згради со околу 40 одаи. Многу од одаите се сопственост на одделни села или еснафи, што се забележува од натписите над вратите. Соборот се случува на 11 септември (Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител). Манастирот се управуваше од Одбор избран од градот. Неговите приходи се прибираа во полза на градските училишта. Имотната состојба на манастирот беше средна. Тој поседуваше гора, ниви, ливади, лозја и жива стока.“ – пишува Трајчев. Манастирот Св. Јован и во иднина ќе биде место на кое верниците ќе застанат да се одморат, да запалат свеќа и да му се помолат на Бога - за здравје и за среќа на своите најмили.
|