|
|
Не ни ја убивајте Земјата! |
Ве има секакви, ве има од сегде! Ве има сегашни, ве има од дамнина! Ве има гласни и јавни, ве има скриени и чутливи! Ве има домашни, ве има странски! Ве има за глад за пари, ве има за глад за моќ! Ако! Нека ве има! Што ви треба да престанете да не уништувате? Сакате пари, сакате моќ, со колку ќе се најадете, со колку ќе се напиете?! Ќе ви овозможиме, па макар леб и вода секој ден ние другите да јадеме и пиеме! Само оставете не да живееме! Не ни ја убивајте Земјата! Оставете не нас кои само сакаме грош среќа, оставете не нас кои сме побројни од вас, да живееме во оваа Библиска Земја на раат, да се радуваме на новиот ден, на сонцето, на дождот, на Човекот! Оставете не нас кои сме во поголем број да се радуваме на малите дневни радости и убавината на човечноста во денот! Оти, ние, ние што сме побројни сме со конец црвено-црн поврзани со Македонија, ги носиме во себе радостите, тагите, победите и поразите, предавствата и возвишувањата на Македонецот. Ние не живееме само за хартијата долар-евро, не живееме за моќта и позицијата, ние живееме за да го дадеме најдоброто од нас на светов сега, за да оставиме печат на човештина и добрина, за да биде вредно нашето постоење и пред Господ! Ете тие сме ние побројните кои тивко но упорно без предавање ја водат борбата за зачувување на топлината на домот и сјајот во очите на Македонецот. Оти, ние имаме, од дамнина, Код кој ни е Аманет, Код кој ја пренесува молитвата на Апостол Павле, на Лидија од Библијата, на Кирил и Методиј, на Наум и Климент, на целото минато и сета иднина, на сите Светци, на сите Мислители, на сите големи луѓе Македонци, на оние што биле на оние што доаѓаат, и на ние што сме сега овде тука! Не се видело толку крволочно растегнување на живо месо, и тоа свое, македонско! Да бевте диво месо па да ве отсечевме, но не, еве што сакате ќе ви овозможиме, Вие, кои и да сте, домашни или странски, само не ни ја убивајте Земјата! Тука ние, ние кои сме побројни од вас, сакаме да создаваме семејства, да им се радуваме на убавината и љубовта, на младоста и староста, на благодатта која по Божјата милост ни е дадена! Затоа, ви велам, што треба, со колку пари ќе се најдете и напиете, ќе ви дадеме, ќе ве отплаќаме, само оставете ни ја Земјата, тоа е Нашиот Дом! Домот на нас, оние кои сме побројни од вас, Дом кој сами чесно и домаќински го градиме и затоплуваме! Не ни ја убивајте Земјата, оти така ќе не убиете сите Нас! А крвта на невин човек не се брише и ќе остане вечно на вашите раце, па како жигосани ќе шетате низ Светот и низ историјата. Дајте што треба за да ви ја очистиме празнината, нечистотијата во вас како луѓе, болната амбиција која ја носите во себе само за свој личен купи-продај интерес- ете ќе ви ја оствариме, и оставете не да живееме... зошто некои од нас веруваат во поголеми подлабоки повозвишени животни вредности од парите и моќта, некои од нас а побројни од вас, ви велат: Не ни ја убивајте Земјата! Не ни ја уништувајте Македонија!
|