|
|
Топлички манастир „Св. Никола“ бил посед на Синајскиот манастир! |
Тихомир Каранфилов Топлички манастир „Св. Никола“ е средновековен манастир, дел Преспанско- пелагониската епархија на МПЦ – ОА, Тој е расположен меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино, во југозападниот дел на Македонија. Во минатото овој богат манастир, кој бил под владение на Синајскиот манастир, бил не само религиозен, туку и културно просветен центар. Во манастирскиот комплекс, покрај манастирската црква, во конаците постоела библиотека и училиште. Тој бил запуштен по нападите на арнаутските разбојници. Манастирската црква "Свети Никола" претставува еднокорабна црква со поголеми димензии од вообичаените за овој тип цркви. Во основата има форма на впишан крст од тесен тип и е покриена со полукружен свод. Од првобитната црква зачуван е само еден ѕид, како и дел од камените плочи на подот од срединиот дел на црквата. Околу неа се остатоците од некогашните двукатни конаци, кои ја опкружуваат од северната, јужната и западната страна. Се смета дека првобитната манастирска црква Св. Никола била изградена кон крајот на XIV и почетокот на XV век, на темелите постар објект со базикален облик V и VI век. Црквата била градена од камен и кал. Во текот на XVI век, црквата била срушена, а потоа обновена и зографисана. Според главниот ктиторски натпис во наосот на манастирскиот собор над западната врата од 1536-1537 година, кога во времето на игуменот и еромонах Павнутие црквата била изградена, нејзин ктитор бил кратовскиот кнез Димитар Пепиќ. Вториот слој живопис е од 1536/37 година. Во истата година е изграден нартекс од западната страна и параклиси од јужната и северната страна. Од повторното испишување на многу места во црквата се зачувани имињата на Димитар од Леуново и неговиот помошник Јован, како автори на живописот. Од работата на зографот Димитар впечатливи се престолните икони од стариот дрвен иконостас. Сочуван е и резбарениот владички трон, а во олтарната апсида е прикажана композицијата "Служба на архиереите", фрагментарано запазена сцена од "Христовите исцеленија" и "видението на Свети Петар Александриски". Прилепчанецот Георги Трајчев, деец на Македонската револуционерна организација и егзархиски училишен инспектор, за време на обиколката на Демирхисарскиот крај го посетил манастирот, при што бележи и други интересни податоци за него. Во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), Трајчев за Топличкиот манастир ќе напише: „Тој бил изграден во живописно место, блиску до десниот брег на реката Црна, околу селата Сопотница и Жван, во горното течение од Демир Хисараската котлина. Посед бил на познатиот патријаршиски манастир Синај и владеел со убави имоти. Манастирот се радувал на големи царски привилегии, бидејќи не плаќал никакви директни и идиректни даноци. В. К’нчев го спомнува за мал и запуштен кон 1895 година. При моите обиколки по училишната ревизија низ тој крај, немаше ни спомен од некогашниот богат манастир Топлица. Тој бил разрушен од арнаутските инвазии, а подоцна и од нашите чети, а имотот (нивите) беа дадени под наем на еден анџија. Називот „Топлица“ го добил од месноста, која, оградена со високи планини беше заштитена од студените ветрови и през зимата беше топло. Ерусалимскиот патријарх го давал манастирот под наем на еден Влав од село Гопеш, кој живее во Ерусалим, за 60 турски лири годишно. Како останал во владение на Синајскиот манастир, не се знае. Во 1910 година, на местото се забележуваа само громади од камења потсетувајќи за некогашната величина на таа светиња. Григорович при својата посета го видел погоден. Добромировиот манастир и Градишкиот манастир (Св Никола) биле разрушени (последниот се спомнува во Зографскиот поменик).“ Топличкиот манастир од XVI век прераснал во културно-просветен и книжевен центар. Во него со векови се одвивала книжевна, препишувачка и преведувачка дејност. Свои записи оставил само Макарија Топлички, за кого нема никакви позначајни податоци. По примерот на Синајскиот манастир и најзначајните средновековни духовни светилишта, манастирскиот киомплекс на „Топличкиот Манастир“ имал конаци во кои биле сместени библиотека и училиште. Но по разбојничките напади на арбанашките банди, манастирот се запустува, конаците се срушиле, а голем дел од библиотечното културно наследство на македонскиот народ било уништено. Денес од некогашниот значаен манастирски комплекс постои само запуштената црква Св. Никола.
|