|
|
Журчевски манастир „Св Атанасиј“ |
Тихомир Каранфилов „Заобиколен со густа пространа гора, со изобилство вода наоколу, скриен и осамен во околината, манастирот (“Св Атанасиј“) останува незабележан од патникот. Само кога ќе се стигне до неговата влезна врата, се исправуваат манастирските згради. Близината на село Журче (околу 15 мин) го прави манастирот уште попривлечен... Не еднаш, не двапати, тој манастир ги прикривал во своите пазуви нашите револуционерни чети.“ – пишува Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.). Журчевски манастир „Св Атанасиј“ или Манастирот Журче е средновековен манастир во блисина на Демирхисарското село Журче, под управа на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА. Во минатото манастирот имал своја библиотека во која се твореле богослужбени книги и училиште. Денес во манастирот е обновен монашкиот живот. Манастирот „Св Атанасиј“е изграден на возвишение на три километри северозападно од село Журче. Првата манастирска црква била изградена во 1121-1122 година. Сегашната црква е изградена и зографисана во првата половина на XVII век. Таа преставува мала трикорабна црква со правоаголна основа и петстрана олтарна апсида на источната страна. Според зачуваните надписи над влезната врата црквата за прв пат целосно е зографисана во 1617 година. Од западната страна има отворен зографисан трем, каков ретко може да се види во црквите од тој период. Од написот на тремот тој е обновен и зографисан во 1622 година. Тремот е засводен со калота и на него се насликани ликовите на Јован Рилски, Јоаким Осоговски и други светци, како и календарските месеци со престави за најкарактеристичните дејности во секој од месеците. Тука се наоѓа и фреската на Ѓорѓи Кратовски. Иконите поставени на дрвениот иконостас и царските Двери датираат од XVII век. Меѓу нив повеќе вредни се малите двојни икони кои според стилот се од почетокот на XVII век. Живописот од 1617 и 1622 година, најверојатно е дело на мајстори од Линотопската уметничка школа (село Линотипи, Егејска Македонија). На истите мајстори се и двостраните насликани икони од храмот. Во манастирот работел и Дебарскиот зограф Стојче Станков (1849 - 1903), кој загинал при одбраната на Крушевската Република 1903 година. За манастирот Журче се пишува дека во првата половина на XIX век биле изградени конаци, кои се уништени во 1895 година, а околу 1900 година манастирот бил комплетно напуштен. Маѓутоа егзархискиот училишен инспектор и деец на Македонската револуционерна организација Георги Трајчев, кој за време на обиколката на Демирхисарскиот крај во 1909 година за прв пат го посетил и Журчевскиот манастир, во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), го бележи следното: „Тој е стар манастир, но не е многу познат. По надворешните колони на притворот се забележува и датата од изградбата на манастирот. Целиот храм со исклучок на надворешните колони е зачуван и преживеа заедно со живописот. Тој има корабовидна форма и средна големина. Манастирот беше управуван од игумен, монахот Герман од Крушево, човек смирен и побожен, кој на таа должност е седум години. Пред него игуменствувал еден порочен духовник кој бил егзекутиран. Имотната состојба на манастирот не беше лоша. Тој поседуваше: 8 вола, 28 крави и телиња, 78 овци, 75 кози, 3 коња; а земја: 20 кила семе во реонот на манастирот, 13 кила семе во реонот на село Журче и други ниви низ соседните села. Во Журче има воденица, куќа, плевни, трла. Поседува голема дабова гора која се експлоатира за горење Манастирските згради се стари, со неколку нови градби. Низ дворот тече изобилна планинска вода. Таква има и пред манастирот. По својата живописна местоположба, по својата природа и по климата манастирот би можел да стане одлично лекувалиште, а како летувалиште дава можност пред другите манастири во околината. Заобиколен со густа пространа гора, со изобилство вода наоколу, скриен и осамен во околината, манастирот останува незабележан од патникот. Само кога ќе се стигне до неговата влезна врата, се исправуваат манастирските згради. Близината на село Журче (околу 15 мин) го прави манастирот уште попривлечен. Паднат во рацете на добро управување за Журечкиот манастир се открива добра иднина. Близок градски центар за манастирот е Крушево. Не еднаш, не двапати, тој манастир ги прикривал во своите пазуви нашите револуционерни чети.“ Врз основа на искажувањата на Трајчев може да се заклучи дека Журчевскиот манастир бил активен пред и по Илинденското востание. Всушност тој бил револуционерно гнездо на војводата Јордан Пиперката и други македонски револуционери. Инаку, во манастирот со вековите постоела и успешно работела библиотека и читалиште. Во библиотеката се создавале, препишувале и преведеувале црковните книги и истовремено таа била училиште за децата од Журче и околните села. Од библиотеката се зачувани неколку ракописи и стари печатени изданија, меѓу кои „Апостолски читанија“ (Цариград, 1870 г.) и „Минеј за месец октомври (Киев, 1891 г.)
|