Среда, 08 Март 2017   
Манастирот св Јован Претеча – Слепче

Tihomir Karanfilov-001

Тихомир Каранфилов

Слепченският манастир "Свети Јован Претеча" е еден од најстарите и добро сочувани македонски манастири на МПЦ - ОА. До манастирот се доаѓа по пат тече низ селото Слепче, Демирхисарско, во насока запад од селото.Малку над Слепченския манастир се наоѓа средновековната црква "Свети Јован Богослов".

Точниот датум на основањето на манастирот не е позната, но според извори во 1393 - 1394 година во него е препишан еден триод на старославјански јазик, поради што се претпоставува дека е изграден во XIV век. Според други мислења манастирот крај селото Слепче е изграден уште во IX век во кој дејствувале учениците на Свети Климент Охридски. Во втората половина на XIV век и почетокот на XV век зографисувањето на манастирот е потпомогнато со парични средства од некој големец од Кратовско со име Димитар.

Живописот од портиците (трем) на црквата е од 1637 - 1638 година и најверојатно е дело на мајстори од Линотопската уметничка школа. Истото се однесува и за многу иконите од храмот.
Во 1845 година во манастирот е откриен литературен споменик од XII век, т.н.. Слепченски апостол, од Виктор Григорович. Во него е вклучен месецослов, во кој за месеците се користат старите славјански имиња. Од манастирот потекнува и стар триптих-поменик – Слепченскиот поменик.

Во 19 век манастирот игра улогата на духовно училиште за свештеници во Битолско и Прилепска епархија. Во 1862 година црквата е подигната одново и според двата натписа зографисана во 1889 година од Коста Анастасов, кој ги слика со фрески наосот и тремот. Таму остава натпис дека живописот и отварањето на новото училиште се случи во време на отец К. Тодор, Игумен Стојан Неделков, учителот Иван К. Ставрев и живописецот Коста Анастасов од гр. Крушево 31 мај 1889 год.“

Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.) за Слепченскиот народ “Св Јован Претеча“ни дава и други податоци за овој манастир за кој ќе го забележи следното:

„Во Демир - Хисарската котлина, која по убавина може да се споредува со најубавите места во Македонија, се наоѓа Слепченскиот манастир св. Јован Претеча... Во соседство на манастирот се наоѓа селото Слепче кое брои 70 (македонски – н.з.) куќи. Манастирот се слави надалеку низ Прилепско, Крушевско, Битолско, Преспанско, Кичевско. Прекрасната природа околи него, леснодостапната положба, блискоста до Битола, Прилеп, Крушово, Ресен, многу му помогнале во неговото воздигнување во далечното и блиско минато.  

Манастирот е изграден во југоисточната страна на Демир Хисарската област, сред  брановидните ридови по високата Бигла Планина, која ја дели историска Преспа од Демир Хисар.

Право на исток пред манастирот се отвара прекрасна долина со шумовити падини, оросувани од бистро бујно планинско поточе кое се влива во десниот брег на реката Црна. Таа долина отвара убава глетка пред манастирот. Од тука се гледа планинското устие на реката Црна, низ кое таа излегува во Битолското Поле, со бреговите, потонати во зеленило и нагиздени со прекрасни селца. Зад устието се гледа голем дел од Прилепско Поле, а зад него високо – Бабунскиот врв Козјак, превојот Плетвар и цела Селачка планина – едно пространство од околу 10 часа пат. Од лево и десно на манастирот има по една мала долина со бистра вода, кои се собираат во поголема долина.., а над манастирот се издига висок шумовит рид. Шумата на околните ридови е повеќето дабова. А долините се посеани со големи ореови дрва. Тука таму се сретнуваат  високосјајниот јавор, бодликавата дива круша, стари дебели дренови, ситна леска и други планиски дрва. Особено пријатно е тука во пролетните утра, при изгрејсонцето, кога дроздовите, косовите, славеите, сипките, сколовранците и други сладкопојни птици, сместени по високите гранки на дрвата, огреани од утринското сонце, се креваат, потскокнуваат, треперат со своите крилца и внесени во своите разнозвучни мелодии, ги канат и примамуваат своите другарски  за заеднички сопружнички живот, кој ќе им го осигура поколението. Тогаш глетката е прекрасна. Окото гледа и неможе да се нарадува на тој чуден Божји свет. Увото со сладост слуша и внимателно ги цени разнозвучните тонови на тој мешан пејачки хор од сладкопојнаите пернати дружини...

Манастирските зданиа образуваат еден четвороаголник, сред кој се гледа мала црква, изградена во поново време. Старата црква која Григорович ја видел во 1842 година е срушена. Од старата црква се зачувани само иконостасот и неколку икони, две дабови врати, еден пергамент поменик и други ситни нешта. Иконостасот со убавата резба на ореово дрво заслужува внимание. Една од старите икони  е означена со годината 7136 (1628). Околу тоа година треба да е обновен манастирот.

Вратите се од дабово дрво, покриено со резба. Една е нашарена со разни орнаменти, а друга е покриени со убави изрежани ликови на разни светии со славјански написи. Пергаментниот поменик е долг околу 65 см. И широк 40 см. Разделен е на столбови  меѓу кои се напишани имињата на архиепископи, митрополити, епископи, монаси, калуѓерки и граѓани од Прилеп, Охрид, Битола, Кратови и од деуги места. На прво место стојат архиепископите на чело со Похор. По него следуваат имињата на 4-5 архиепископи и неколку митрополити и епископи. Тој што го пишувал поменикот првично напишал еден ред титули без имиња. Следните имиња на архиепископи се пишувани од друга рака. А пак имињата на сите други лица се пишувани од раката на првичниот пишувач. Од ова се заклучува дека поменикот е направен во времето на Прохор, кога е правен и Охридскиот поменик.Пишувачот на време си оставил место за следните архиепископи. Имињата на монасите се оние што служеле во манастирот, а имињата на граѓаните се оние кои го дарувале манастирот.Во почетокот на поменикот е запишана 1200. Ако се земе таа дата за почеток на основањето на манастирот, ќе се поткрепи преданието кое говори дека тој манастир има свое потекло од манастирот Св Јован Бигорски (Реканско), кој е познат уште во 1020 година.

Било време, вели преданието, кога двајца калуѓери од Св Јован Бигорски решиле да го напуштат својот манастир и да заминат во далечна земја. Скитајќи по пат, тие попаднале на човечките искушениа. Сознавајќи подоцна за својата голема грешка, во своето покајување го молеле Севишниот да им ги опрости гревовите, а за казна барале од Бога прв кој ќе ги сретне по пат да им ги извади очите. Така и се случило. Тие биле пресретнати од разбојници  кои ги ослепиле. По пристугнањето во местото Слепче изградиле манастир кој го именувале Св Јован Претеча, за да ги потсетува на манастирот “Св. Јован Претеча – Бигорски“ од каде избегале, а го нарекле и “Слепче“ за да ги потсетува на Божјата казна за нивната погрешка.   

Во манастирската зграда има околу 20 келии за монаси. Над главната врата била библиотеката од која биле останати само прашните шкафови, а скапоцените ракописи и книги се разграбани од разните патешественици, руски, српски и други. Десно од зградата е големата готвачница и до неа зандани во кои се затварани духовни лица осудени од Охридските архиепископи. Во близина била и трпезаријата за браќата. Голем дел од зградите се стари. Митрополитот Григориј Охридски во 1894 година се завзел за поправка на некои од просториите и за нивно украсување. Имотната состојба на манастирот била завидна. Тој поседуваше: шуми, пасишта, ниви, ливади, воденици, куќи, продавници во Битола и друг имот.

Историјата на манастирот е доста темна. Немаме никакви историски или археолошки податоци за неговото потекло. Познато е дека во 1547 – 1548 година тука се препишувале книги (Архимандрит Антонин, стр. 294-299). Архимандритот Антонин на 26 мај 1865 го посетил Слешченскиот манастир и тука видел и сигурно ги однел со себе следните стари ракописни историски книги: 1. ракописно евангелие од 1549 година, во кое имало белешка, 2. Пентикостарион со забелешка: „Помени Господи въ грѣсѣхъ богатаго и худоумнаго та дяка Димитра списавшаго сию книгу вѣчная паметь и попу кир Николѣ и родителемь его иже и потруди се въ книзѣ сей. А писа се сия Боженственая книга триотъ въ лѣто 1395, въ дни вънеже помущениемъ Божиимъ прѣдани бихомъ грѣхъ ради нашихъ въ руцѣ врагъ беззаконихъ и мръскъіхъ и цру неправьдну и лукавѣйшу паче въ сею землю. И тогда бъість запустѣние и скорьбь велия отъ безбожни измаилитъ иже не бъість ни будеть. 3. Четвороевангелие од XV век, 4) апостол од XV век. 5) Апостол од 1408 година 6) Часослов од XVI век, 7) Минеј за месец октомври од XVI век, 8) Минеј за месец јуни 1546, 9) Минеј за месец јуни од 1549 г., 10.) Богородичник од  XVI век, 11.) Номоканон од XVII век, 12) златоуст од 1548 г, и други меѓу кои и пергаменти од X и XI век.

Истит архимандрит Антонин уште говори дека не наошол на хрисовули бидејќи во 1860 година грчкиот владика изгорел две коли стари богослужбеми и други книги. Преживеал само манастирскиот поменик кој се наоѓал во олтарот (на жртвеникот), кој датира од  XVI век.

... Слепченскиот писмовник се наоѓал некогаш во манастирот св. Јован Претеча... Во 1845 тој бил прибран од Виктор Григорович и сега се чува во Румјанцевскиот музеј во Москва, во збирката на на Григорович бр. 1734.  Писмовникот е зборник од примероци на писма, од кои некои се вистински писма. Паметникот е од средината на XVI век, со полууставно писмо... Во есента 1894 година В. К’нчев го посетил по втор пат градот Охрид и во егзархиската митрополија пронашол меѓудругото и некои стари книги прибрани од митрополитот Григориј од Слепченскиот манастир. Тоа се: 1.) евангелие пишувано на книга со убаво писмо, 2) два листа пергаменти, 3 монокакон – на хартија. 

Во манстирот се влегува низ две врати – источна и јужна. Над првата врата се гледа сликата на св. Јован Крстител и натпис:

Над јужната манастирска врата исто има слика на Христа, странично Богородица и Претеча, на краевите св. Ѓорѓи и св. Димитрија, Јаков Лесфичник во лежечка поза, над него столб по кој се искачуваат ангели. Доле стои надпис:

Внатре црквата е цела насликана. Надписите се однесуваат на 1627 година и се припишуваат на јеромонахот Матеј и угуменот Јоаким. Меѓу ликовите се забележува и Кирил Филозов. Во манастирот има и помала црква, со слики и славјански написи од 1617 година.

Интересни се во големата црква две половини од искусно резбарената врата. Сликите се геометрички  преплетени во стил од XIV – XV век. Во горниот крај на плетеницата има крст заобиколен од 28 слики на светии од двете страни. На втората врата (исто со резбарски украси) има 8 слики на светци горе и 10 слики на зверови и човечки фигури.

Недалеку од манастирот има и постница, со црквица на св. Јован Богослов и св. Никола со надпис од 1617 години и осветен извор на лековита вода.“

Трајчев за прв пат го посетил манастирот во 1909 година, како инспектор во Пелагониската епархија. Во своето дело ќе забележи дека манастирот тогаш му припаѓал духовно на Охридската епархија, а административно на Битолската околија, Демир – Хисарска нахија. За славата на манастирот тој ќе забележи дека  „овој старински манастир се славеше и надвор од пределите на Отоманското царство поради кое бил посетуван од видни руски и други научници (археолози, историчари и разни патешественици)“,  Но токму тие беа кои го разграбуваа македонското културно наследство. Во продолжение авторот ни дава и други податоци за Слепченскиот манастир:

„Сепак со растурвањето на старата црква манастирот многу нешта изгубил од своето историско значење. Останати беа само помениците, библиотеката (и таа разграбена) и резбарените врати. Богаството на манастирот беше огромно.... Манастирот поседуваше ниви за 120 кила семе, ливади за 100 коли сено, грозје, голема шума од каде годишно се износуваа 100 товари дрвен јаглен, 8 коња, 4 магариња, 20 волови, 60 крави и телиња, 120 овци, 120 кози, 10 свињи. Други имоти имаше во Битола, Прилеп, Кичево, Крушево и на други места. Годишно во манастирот се вадеа 300 леба и се готвеше за 100 души.

... Во 1895 година Охридскиот митрополи Григориј се зафатил да го поправи манастирот и да го уреди имотот. Владијата од свои средства направил сериозни поправки, Некои соби беа целосно поправени и добро опремени. Дедото Григориј голем дел од годината  во текот на пролетта и летото ,минуваше во тој манастир. И ако не беше преместувањето на Григорија во Битолската епархија украсувањето на манастирот ќе беше завршен до крај бидејќи владиката имаше голема амбиција за реализирање на тој план“

За време на Илинденското востание, манастирот е нападнат од турскиот башибозук од селата Мургашево, Прибилци, Обедник и Суводол на 13 август 1903 година. При нападот биле убиени манастирските работници Филип Цветков, Спасе Митрев, Ташко Бошев и Тале Бечваров од Битола, Диме Цветков од Градиште, Лазар Петров од Мренога, Евтим Охридски од Охрид, Митре Николов од Слепче, Стојан Котев од Загоричани. Од околните села се убиени уште Ристе Димчев од Лесково, Илија Тасев од Стругово, Спасе Нечев и Јовче Нечев од Крагуево, како и Стефан Бошков од Баница. На 27 август, манастирот е нападнат од турски аскер и војниците почнале да ги изнесуваат манастирските вредностите, но турските офицери наредиле сè да биде вратено. Во близина била откриена чета од востаници, при што започнала борба со аскерот во која загинале Павле Ристев од Вардино и Стојан Ристев од Баница.

Во текот на учебната 1909/1910 година, Георги Трајчев како училишен инспектор на Охридската епархија, го посетил слепченскиот манастир 5-6 пати. Тој ќе напише дека тука било проектирано да се отвори класно училиште со пансион за деца од Демир – Хисарско и седиште на архиерејско намесништво за тој крај, но дека војните ја спречиле реализацијата.

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.