|
|
Манастирот Св. Спас – Св Харалампиј во близина на селото Крушоради (Леринско) |
Тихомир Каранфилов Олишчанскиот манастир "Свети Врач" или "Свети Безсребреници" е манастир во Егејскиот дел на Македонија. Манастирот е лоциран во областа Пополе крај костурското село Олишча. Во 1889 година Стефан Веркович ("Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи") за манастирот Св Врач ќе напише дека „откако ќе се излезе од Загоричани и се тргне на север се влегува во село Тихолишча... Над ова село, на еден час оддалеченост се наоѓа манастирот „Свети Врач", кој одлично управува со својот богат имот... Во манастирот има училиште во кое учат 15-20 деца од двата пола, кои доаѓаат од споменатото село Тихолишча и други места." Селото Загоричани, кое се наоѓа на два километра на југоисток од Олишча. бил еден од главните центри за време на Илинденското востание во 1903 година во Костурско. Во текот на востанието манастирот Св. Врач ќе одигра значјна улога во згрижување на немоќното население од овој крај. Георги Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), за овој манастир го бележи следното: „По патот меѓу селата Олишта и Черешница, до самото подножие на едно од југоисточните разграноци на планината Вич, сред дабова гора, се наоѓа манастирот св. Врач. Тој не е многу стар. Изграден е околу 1820 година врз стара црквичка, во која имало лековита вода. Како иницијатор за изградбата на манастирот се спомнува поп Иларион Џогов од село Загоричани, кој станал и прв игумен на манастирот. За време на изградбата на манастирот поп Иларион имал целосна поддршка и содејство на околните села: Загоричани, Олишча, Черешница и Блаца, кои не жалеле ниту труд, ниту средства за таа цел. Истото население се погрижило и за материјалната издршка на манастирот. Во сите тие села се среќаваат имоти подарени на манастирот. Благодарение на строгиот надзор, што го воведоа врз манастирот Загоричани (првите три игумени по ред поп Иларион, поп Кирил Канзов и поп Евгениј Даков биле од Загоричани), тој станал набрзо образец за однесување во секој однос. Со гордост некогаш, а и сега Костурчани го изговараат името на св. Врач, зошто целосно манастирот му служел на народот. Тој манастир е ставропигиален. Прислужниците не биле повеќе од 5-6 души, со два свештеници. Името на тој манастир е тесно поврзан со револуционерното дело на тој крај. Манастирот во текот на востаничката година му укажал голема услога на целото настрадано население. Во текот на востанието игумен беше поп Данаил, родум од Бел Камен, по потекло Албанец. Користејќи се со голем авторитет пред властите и населението, поп Данаил не се поколеба, уште во првиот ден по палењето на селата да ги прибере во манастирот жените, децата и старците, како и да се погрижи за нивната прехрана. Исто така се грижеше и за нивната заштита пред властите. По наредба, раскажува Аристид Дамјанов, отидов да видам во каква состојба се наоѓаат прибраните семејства во манастирот. Наидов на затворени врати. По извесно време од внатре излезе човек со ножици, нож за бричење, долго палто и фес во рацете. По наредба на игуменот, требаше да ме истрижат, избричат, да ме преслечат и обезоружен да влезам во манастирот. Внатре пред мене се испречи ужасна слика! Повеќе од 2000 жени, деца и старци ги беа исполниле манастирските згради, заедно со црквата. Немаше место за минување и т.н. Околу 30 години изминаа од тогаш, но како сеуште да стои импресивната фигура на поп Данаил, говори Дамјанов, повторувајќи ги зборовите: „не се грижите за жените и децата. – Двете воденици деноноќно мелат брашно, фурните постојано печат леб. Ги затворив вратите за Турците, но ви се молам и вие да не доаѓате вооружени, зошто страшно ќе биде ако се даде повод на Турците да влезат во манастирот. Му ја бакнав раката на тој благороден човек и срдечно му заблагодарив за покажаната грижа, ветувајќи дека нема да ги нарушуваме манастирските наредби. За жал уште вториот ден го нарушивме ветувањето. Манол Ризов (Розов – н.з.) со неколку души востаници, насилно влезе во манастирот. – И покрај тоа, поп Данаил до крај ги заштити семејствата.“ – Така го завршува своето раскажување Аристид Дамјанов. По грчката окупација, поп Данаил спаси од јавно погубување многу наши луѓе осудени од грчките главорежачки команди. Минатата година поп Данаил почина во длабока старост, оставајќи убави спомени во тој крај. По сегашниот сегашниот, 5-ти по ред игумен во св. Врач, е од с. Сребрно (Леринско) поп Григор.“ – пишува Трајчев во триесетите години години на минатит век. Во почетокот на дваесеттиот век манастирот го поседува чифликот Рудник меѓу Куманичево и Загоричани, како и други недвижности и многу крупен и ситен добиток. Подоцна, поголемиот дел од имотот му е одземен од грчката држава. За да се избришат сите траги на македонскиот народ, старославјанските натписи се избришани, а сите старославјански книги и ракописи се однесени во Костур и уништени од грчките власти.
|