|
|
Писмо од поробена Македонија |
Здраво живо. Слобода или смрт. Од смртта, сакале – нејќеле, не можеме да избегаме, затоа нема никаква потреба да бегаме од животот. Живи сме затоа што сме слободни, а ова е генерацијата која треба да покаже дека човечкиот род не е „грешка“ во системот на природата. Затоа што нејзините правила се непроменливи и вечни, а ние сме менливи и минливи. Во гените ни се наоѓаат информации од нашите предци, кои за волја на вистината, ретко го одбирале материјалниот пат во живеењето на животот, за што потврдува и нивниот опстанок преку почитувањето на духовната сила на древниот род. Народот треба да си разбере дека она што ни го наметнаа како „модерно“ и „современо“, а се дрзнаа да го ословат и како „напредно“, сето тоа нема никаква врска со вистинскиот бит на Македонците. За да не сме изроди и да имаме пород достоен да се нарекува народ, треба да си ја вратиме честа и достоинството на сопствениот род. Земјата на која живееме ни ги дала сите нужни благодети за да живееме во хармонија и да се радуваме на најголемиот дар на животот – можноста да работиме. Да работиме заедно за Вистината за Македонија. Свето е Делото на нашите предци и треба да ги испочитуваме паднатите животи во борбата за слобода. Така нема да дозволиме нови крвопролевања и ако сме доволно чесни и искрени – сите кои што го носат генот на старите ќе разберат за што станува збор! Затоа што кодот ни е во јазикот, во словото, благословени сме да глаголиме, не заборавајте кои сме, Македонци! За да го имаме правото да се нарекуваме Македонци, треба да живееме Македонски. А тоа не е начинот кој сакале вие да прифатите или не, и те како ни го наметнаа. (За оние кои сеуште со сила се прават дека не разбираат – дојде времето кое го прорекоа старите, кога ќе владееле „луѓе кои се срамат од село“ и не се враќат таму, а „за у град не се, оти не знаат како“. Поминаа скоро две децении од новиот милениум, па ако сакате по две во Македонија да има се освен Македонци, да има згради и градби кои се се само не Македонски, да продолжи долгот на туѓи банки, да владеат недораснати потпомогнати од „пријатели од надвор“ и „влијателни креатори на јавно мнение“, да исчезнат македонските сорти, да се помеша стариот ген, да го изгубиме и она малку што ни е дадено како проба за да докажеме ДАЛИ СМЕ МАКЕДОНЦИ, продолжете. Како ќе се заштитиме од пакоста и ќе имаме бериќет ако не си го почитуваме своето? Стариот дедо Зафир од Кратово убаво рекол – E деца, деца, запамтите – народ ќе се раселуе, ќе живее на страна кратко време, ама кд ќе се врате у село ќа вика е мое мило вратиче, и ќе жале шо кд се раселувал, викал пуста да остане.“) Работејќи на Овчеполските книги на новото време, полека но сигурно ги пронаоѓам патеписите, спомените, документите, картите, писмата, шифрите во кои се споменува Овче Поле и Македонија, и што ли уште не од минатото. Навистина нешто и сторија на историјата, а „господар на Балканот е оној кој ја владее долината на реката Вардар“ не било речено за џабе. Првиот „терористички акт“ во 20от век ни го потврдува истото. Во прилог на работата на светото Дело и аманетот од нашите предци, еве неколку извадоци од „Имагинариум – книга втора“: Болеста на старата курва политика и двата столба на лагата За ова ли се бореле нашите предци? За ова ли Републиката стана држава во 1991 година? За тоа ли го лажете народот скоро три децении дека највисока форма на демократијата биле изборите, а истовремено од кај не смеете да направите попис, туку и ниту еден мандат не ги испочитувавте граѓаните до крај, па организиравте предвремени избори? Предвремена ви е целата агенда, и очигледно – пометнавте! Со тие пусти пари за избори до сега ќе се направеа откупни центри за зеленчук и овошје во источна Македонија, на пример. Ооо, демонкрати. Со тие милиони за најмногу бронза на метар квадратен, од кај не не внесовте барем во Гинис, та и нема книги за бронзените ликови од историјата. Истовремено, во државата се создаде своевидна каста на граѓани од прв ред, дел од која се и двата столба на лагата. Македонија не се само вашите структури, тајни служби, здруженија, партии и прочие, Македонија е и те како поширок поим од она што вие сакате да го претставите. Па така, едните сакаат да се на местото на другите, и обратно – дали затоа што се исти? Дали затоа што и едните и другите уште не можат да сфатат дека најстарата курва – политиката, веќе е болна? А макроата секако не ги бива… Сите тие „народни избраници“ во Собранието (посребрено, позлатено, во форма на петтоаголник, со чуда, бесови, со се) заедно со управниците на локалните самоуправи – градоначалниците земаат плата која е скоро три пати колку просечната плата во РМ. А знаеме дека и таа „просечна“ плата не ја добиваат многу од нашите луѓе. Па, дали дојде времето кога сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да добиваат просечна плата? Или пак, оти секако не ги бива, дојде времето кога лажните политичари треба да се тргнат од местата каде што ги држат структури кои се невидливи за обичниот народ, па на нивно место да дојдат вистински луѓе од народот? Затоа што, само Македонците можат да го спасат она што остана од Македонија. А оние другите, двата столба на лагата – покажаа и докажаа дека ниту знаат, ниту можат, ниту пак смееме да се надеваме дека ќе го сменат начинот на управување со нашата држава… Македонската платформа си е Македонија Си дозволивме да коментираме туѓи „платформи“. Ако ги погледнеме изборните циклуси во последната деценија, соодветно и информациите пренесувани од медиумските агенции за време на секој циклус, како што знаеме сите – предвремен, јасно разбираме дека обидите за потпалување на фитилот за бурето барут секогаш се случува баш во тие периоди. Го гледаме нападот од структури и инсталации кои се тесно поврзани со туѓи администрации, осудуваме некакви си претензии за „големи“ држави, а што направивме за себе и што допрва треба да правиме? Ова е наша, Македонска држава и немаме потреба од „платформи“ во сопствената држава, на сопствената грутка, во наша Македонија! Нека не Ве лажат, Македонската платформа си е – МАКЕДОНИЈА. Македонија на Македонците Навистина, зошто да не е Македонија на Македонците? Дали се искрени гласноговорниците на двата столба на лагата и портпаролите на старата курва политика? Плодовите на ЛОЗА се заштита од болеста на старата курва! Колку ли своевремени „добронамерници“ за Македонија и македонската борба се обиделе да го употребат изразот „Македонија на Македонците“ во полза на нивните газди, ехеее. Еее Македонијо, древна Македонијо, до кога ќе ги трпиш продадените души и криминалците кои се кријат позади Твоето Свето Име? Станете, Македонци! Кога огромниот број сиромашни ќе го побараат своето од малиот број на богати, тогаш можеме да почнеме да зборуваме за еднаквост и рамноправност, па да решиме како ќе ги зацврстуваме лабавите столбови на Републиката. Дали ќе продолжиме кон амбисот кон кој не тераат егрегорите, или ќе ги поставиме меритократијата и самоиздржливоста како основни столбови на нашиот храм… Македонија не е нивна – наша си е! Пролетта која надоаѓа е прекрасно време за Македонците да покажат дека се над сите горенаведени структури, дека сме поголеми од сите закани кон нашата безбедност, дека сме поголеми од сите неграмотни опортунисти кои го кочат напредокот во скоро секој град и село, дека сме поголеми од стравот од убавината, дека можеме и умееме да живееме мирно и достоинствено на сопственото парче земја. Да покажеме дека сме заслужиле да се нарекуваме Македонци. Сите треба да знаат дека Македонија си е на Македонците. Да се заштитиме од црната чума која надојде, за да можеме наскоро и да ја исчистиме државата од сите свесни и несвесни слуги на туѓи агенди, од сите демонкрати скриени под знамето на Македонија, од сите корумпирани слуги, од внатрешниот црв кој нè јаде од памтивек. Малата соба на баба Агнија од Штип „Беговите чифлигари во Овчеполијата беа внимателни кон селското население, затоа што имало случаи на жестоки одмазди…“ На времето баба Агнија беше тиха, мила и безлична Штипска женичка, забрадена со црна шамија, пргава како сите наши жени и неуморна во своите домашни работи. Но, откако Даме и Гоце се настанија да живеат во нејната куќа, таа тутакси се промени. Изминаа само два месеци, а промената веќе се гледаше. Доаѓаа еснафи, занаетчии, трговци, доаѓаа селани од Овчеполијата. Што бараше сиот тој свет во таа мала соба? Зошто сите доаѓаа во недоумица, а си одеа со дигнати глави и радосни? Гледајќи го сето тоа, баба Агнија се прашуваше и сама што ли се случува, но не умееше да си одговори. Но, нејниот женски ум разбра, дека тоа кое се прави во изнајмената соба од учителите, не е лошо… Соседите на баба Агнија многу често набљудуваат како во пазарен ден, приквечер, во портите на баба Агнија влегува натоварено магаренце со прачки, водено од куц селанец во Овчеполска носија. Тоа е курирот, кој ја носи поштата на комитетот. Самарот на магаренцето е шуплив, и таму е скриено…Курирската служба на Организацијата беше многу тешка и многу одговорна. За курири се земаа најдоверливи и добро испитани луѓе. Курирот предводеше чети и пренесуваше оружје и пошта. Тргаа од Штип рано утрото, а околу полноќ стигаа во Ќустендил… Откако здраво се организирааа во Овче Поле и Пијанец и се обезбедија канали до Ќустендил, дејноста се пренесе на југ и запад, отаде Вардар. И така, за брзо време се појавија борци кои го зачудија светот со своите подвизи. Еден настан пред портите на Битола како огромна бомба избувна сред безнадежната раја. Донката, од Овчеполското село Ерџелија носел бомби за Битолскиот револуционерен комитет. Товарен со ориз меѓу кои било оружјето, бил откриен од колџиите. Тврдиот комита ги истрпе сите маки, не спомна никој и не издаде ништо. Кога тоа го дозна народот, веќе нештата станаа поразлични. Организирани и превоспитани од Овчеполскиот кнез, војводата Мише Развигоров, по Илинденското востание селата во Овче Поле и Штипско до Хуриетот беа вистинска крепост на Организацијата. Организацијата овде направи чуда. Турчин ноќно време не смееше да замркне на полето. Земјите и чифлиците на беговите и агите беа откупени и распределени меѓу населението, кое ја обработуваше земјата. Турскиот суд во Штип опусте, а место него народот си имаше свој, таен суд. Еден од најдостојните великани и маченици, револуционер, апостол и војвода, кој ја преобрази Овчеполијата и нашрави од доскорешните селски „момоци“ – имотни и самостојателни селани земјоделци е Михаил Развигоров. Тој бил ангел чувар, бил и насекаде и никаде, револуционер, учител, судија и духовник. Гоце Делчев за животот и слободата И јас можев да останам на должност, на работа и да ги тркалам дните и месеците еден по еден, да го мкнам животот, да се наведнам пред врагот, да теглам и да робувам. Но, многу читав и научив дека тоа е бесмислица и дека тој живот не е за мене. Уште во училиштето копнеев за слобода, а никаде не можевме да ја најдеме. А и значењето на животот не го гледав во тоа да јадеш, да живееш и да умреш. Тоа е исто како да не си се родил. Барав во книгите, трагав по минатото, во животите на другите. Многу читав, многу барав и најпосле видов место, каде човек може да си ја најде слободата за себе си, да биде безгранично слободен – тоа е…во висините при орлите. Таму, како нив, човек се чувствува себе си, и е независен. Го барав и значењето на животот, и која е смислата да го дадам животот. Зошто да живеам, кога е подобро да се самоубијам, си мислев. Барав и читав. Читав и трагав по смислата на мојот живот. Ги отфрлав сите борби од секојдневниот живот. Не ми ласкаа ни натпревари, каде само се издигаш на грбот на другите за да стоиш над нив. Мислев и за многумина, кои си ги давале животите на разни начини и патишта заради доброто, заради убавото, за благото на народ, на татковина. Јас со своите слаби сили не можам да ги стигнам великаните. Разбрав, дека можам да дадам значење на мојот живот најлесно, најбрзо и најубаво, кога ќе слезам од орловите висини во село, каде што има несреќни, буквално несреќни, добри наши браќа, кои гинат и гнијат не во една неволја, не во едно ропство. Да идам при нив, да ги прегрнам во душата си, да ги стоплам со љубов измрзнатите им срца, да им кажам да не се караат, да не се судат, да не си пакостат. Да се љубат и да не одат по турски судилишта, сами братски да си ги решаваат споровите. Да не робуваат на беговите. Со раширени раце да ги пречекуваат јунаците кои оставиле се за да дојдат при нив, да им дадат поткрепа, за да отидат по сите се ла и градови и насекаде тоа да го учат и проповедаат.. Се колнеме не само да умираме – тоа е лесно, а да живееме и целиот си живот да го дадеме на тоа свето дело. Спомени и мисли за Гоце Делчев, Климент Шапкарев 1934 Од спомените на Андон Јанев Бев слушал за Делчев, но тогаш лично не се познавав со него. За моето родно место знаеше само Дамјан Груев. Му бев рекол на Даме „Ако сакаш да си останеме пријатели, не треба да кажуваш на никого каде сум роден, инаку ќе те убијам“. Кога го слушна тоа, Даме се засмеа и ме запраша „Дали би посегнал врз мене, Андоне?“.. Му одговорив дека и тоа би го извршил. И Даме ја зачува до крај тајната на моето село, до крај – до својата смрт. Од Ветрино отидовме во Ќустендил, отседнавме во квартирата на баба Дона. Тука го сретнавме и Ефрем Чучков. Ќустендил во тоа време беше како збирен пункт. Од тука со фајтон за Радомир. Од таму со машината право во Софија. На гарата не сретнаа Ачков и Такиџиев, кои не однесоа во хотелот „Браќа Миладинови“. Таму се видовме со Михаил Герџиков и други дејци. Собрани беа, калабалак. Гоце ни рече утре наутро да отидеме во Претставителството. Тогаш како претседател таму беше Борис Сарафов. Како што нареди Гоце Делчев, така и направивме утрото. По едно време разсипиите се раздвижија и соопштија дека доаѓал Борис Сарафов. Ние седевме на една клупа во ходникот и на главите имавме качкети. Борис Сарафов, кога не забележа се сврте кон разсипиите и запраша „Кој ги пуштил тие мрсни хора тука?“. Тој беше слушал за нас, но ние не го познававме. Ни стана срам и му цапнавме по една дума. Се отвори вратата на една од собите, каде излезе дека бил Гоце Делчев. Кога ги слушна гласовите, Гоце истрча и се обрна кон Борис Сарафов, велејќи му „Абе, Борисе, тоа се Попето и Ќосето, не ли ги познаваш!?“. Тогаш Сарафов се сврте и ни рече „Зошто не се јавувате, бе луѓе“. На поздравот му одговоривме со половина глас, а Попето дури и не му подаде рака, само му рече „Ние сме мрсни хора, ке ти измрсеме рацете“. Попето се сврте кон мене рече „Ајде Ќосе да си врвиме, за нас не е тука“. Делчев истрча по нас и почна да не убедува „Не го правете тоа. Попе, Андоне, чекајте, почекајте…“. Ние веднаш го напуштивме Претставителството и отидовме во Градската градина… … Добив писмо од Јане Сандански од Дупница. По тоа време тој беше директор на затворот и претседател на македонското дружество. Не го познавав, но тој слушал за мене. Во писмото си ми даваше акл. Ми напишал дека „сум жесток, не требало да убивам попове и даскали, а неопходно било да ја засилиме агитацијата, затоа што тие луѓе ќе ни биле нужни…“. Писмо со подобна содржина испратил и до Централниот комитет во Солун. Не мина многу време и јас добив копија од тоа писмо. Содржината на писмото беше исто со моето. Писмото на Јане ме јадеше ептен многу и земав, па му пишав писмо со следната содржина „Јане, го добив твоето писмо и во одговор ти го соопштувам следното: Не примам да ми се даваат совети надвор од границите на Македонија. Пак од друга страна си правам сметка, дека се ќе не доведе случајот да се сретнеме…“. И навистина, не мина многу време и кон 1900 година добив соопштение да излезам кон границата и да го пречекам Јане Сандански, кој идел со чета. Кај село Лешко, Горноџумајско им дадов канал, испративме курири и ја преминаа границата .Се сретнавме со Јане и се размуабетивме. Ми даваше совети за дејствување, но не се согласував со него и му реков дека уште не ги познава условите при кои овде се работи. Сепак, советите кои ми ги даваше не беа лоши. Но, тој не беше известен за условите при кои што работиме, не го познаваше менталитетот на простиот човек. Пред да се разделиме му реков да не се издава наеднаш пред секој, затоа што веднаш ќе го предадат. Скоро по нашата разделба, Сандански застанал во едно од селата, ги собрал сите селани и кој знае, кој не знае, ги заколнал. Им држел говор, агитирал, но кој е го разбрал, кој не и потоа го напуштил селото. Додека да стигне до другото село, го предале… Народниот учител Михаил Развигоров Сега треба да се организираме здраво, да држиме до дисциплината и никому да не простуваме. Ќе казнуваме и за најмалата грешка. Особено беспоштедни ќе бидеме кон шпионите. Мише Развигоров Нецела година по Илинденското востание, војводата Развигоров почнал да ја шири дејноста на организацијата во сите делови на големата Овчеполска котлина. Знаел дека вооружувањето на населението е од огромно значење за борбата за слобода. За да го подигне духот на населението и да им овозможи да си ја спознаат сопствената сила, започнал борба и против турските бегови и турските, влашките и еврејските лихвари, при што забранил секакви задолжувања од народот. Во Овче Поле создал и посебна банка која му помагала на народот. По наредба на Развигоров, Организацијата формирала посебни судски комисии за да се решаваат споровите меѓу народот. Така се создала паралелна судска власт која не ги признавала турските судови, а на Македонците им било забрането да излегуваат пред турските кадии и непотребно да прават дополнителен арч. Во четата на Мише Развигоров имало неколку поранешни учители од Штип, како и повеќе Овчеполци кои потекнувале од семејства во кои борбата за слобода се пренесувала од колено на колено. Со својата организираност, според спомените на неговите современици,. Мише Развигоров го претворил овој дел од Македонија во „Овчеполска крепост“. Се барала строга дисциплина од членството и силна борба против шпионите. Со својот авторитет овозможил да се подобрат условите на жетварите и аргатите, кои по неговите дејствувања од два – три гроша за декар почнале да добиваат надница од осум до дванаесет гроша од беговите. Со парите од касата на Организацијата ги поттикнувал селаните да им ја откупуваат земјата на турските бегови, веднаш штом некој бег ќе кажел дека ја продава. Така, со пари од Организацијата селаните ја откупиле земјата во селото Сарамзалино, рамномерно ја поделиле и за една година ги исплатиле долговите, а потоа без лихви ги вратиле во касата позајмените пари. Земјоделско – селската каса била финансиски самостојна, секој селанец штом ќе продадел нешто на пазарот, оставал пари во неа. Па така, кога некој сакал да купи нешто кое му било потребно, а немал доволно пари, пуштал барање до војводата Развигоров, четата го разгледуваа барањето и ако се одобрело, се испраќало писмо до Околискиот комитет, кој ги пуштал парите. Писмата до четите по разгледувањето биле палени, за да не остануваат никакви траги. Така народот, барем за кратко, почнал да се спасува од едно големо зло. Посебната комисија на Организацијата, која посредувала помеѓу селаните кои имале спорови, заседавала за време на празниците. Ако делото било од паричен карактер и должникот немал пари, го раздолжувале од касата на Организацијата. За кражби и потешки дела имало парични казни и тепање. За најтешките дела изрекувале смртни казни. Во времето кога Мише Развигоров бил главен во Овче Поле, многу од војводите и комитите биле присутни во Овчеполието, каде ги добивале потребните знаења од војводата за понатамошните дејности. Во период кога Македонскиот народ бил соочен со тешка сиромаштија, војводата наредил момчињата при женидбата да не даваат повеќе од две три лири, наместо многу повеќето кои се давале до тогаш заедно со скапи подароци и свадбена веселба, а доколку и тие ги немаат, за тоа плаќала Организацијата од касата која ја формирал Мише Развигоров. Така свадбите станале се почести, народот почнал да се весели, а и најстарите го благословувале војводата, велејќи дека ако треба и животот ќе си го дадат за својот Овчеполски кнез… Овчеполскиот кнез Многу пати сум ја прашувала баба ми каков човек бил тој Развигоров, а таа ќе ми одговореше „личен, учен, со брада до појасо, шчипјани го предадоа, Турците го запалија, ама не жив, он пред тоа си го теглил куршумо.“ Ми раскажуваше дека кога било погребението имало многу народ, а црковниот хор и другарите му ја пеече „Листај горо, листај сестро“, ечел Кумлакот од песна и плач за непрежалената загуба на јунакот. Имал многу другари кои долго го посетувале неговиот гроб. Писмо од поробена Македонија Овде уште се мисли дека лагата е посилна од вистината. Мораме да издржиме. Ретко кој чита книги, се заборавија мудрите зборови на старите, се користат многу „модерни интернационализми“, паметни уреди – глупави луѓе. До кога ќе не трпи Земјата е прашањето со кое човештвото се соочува секогаш кога „развојот“ станал толку разрушителен, што создавањето бара потполно рушење на она што насилно е наметнато како ред и поредок. Сето тоа за да пркне човечкиот род и народот да живее мирно и достоинствено. Но, ретко кој има време да помисли дека старите знаеле повеќе од нас и да превземе нешто за сегашноста. А таа, сурова…сеуште се мисли дека лагата е посилна од вистината. Дека игнорирањето било благослов. Дека сме биле најумни суштества на планетата. Мајката Земја и Таткото Небо секогаш го чистат она што не опстојува според нивните вечни правила. Ова е генерацијата која го одба материјалниот пат на постоењето и веројатно истата треба да го смени курсот од стрмоглавото паѓање кон амбисот. Иако дупката не влече, од смртта не можеме да избегаме. Па, зошто да бегаме од животот? Поздрав, длабоко од поробена Македонија. Ако читаш, кажи им на најблиските дека човечкиот род е создаден за да опстои преку почитување на природните правила, а не со обиди за нивно прескокнување, прелажување и прочие. Чувствувајте… Читајте… Размислувајте… Разбудете се.. Станете… Дејствувајте… Помогнете им на заспаните… Подајте им рака на безверниците… Оставете ги неверниците да го претрпат одговорот од Природата. Да ја вратиме честа и достоинството на својот род. Да се радуваме на трудот и плодовите од него, да има за сиот народ. Работете на Делото и бидете сурови кон оние кои го злоупотребуваат. За сите кои не го дочекаа новото Сонце на слободата. За слободна Македонија! |