|
|
ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ДЕБЛОКАДА НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ! |
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ДЕБЛОКАДА НА ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ! 5 април 2017 година, Скопје, Македонија - Денес Светскиот Македонски Конгрес (СМК) поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за деблокада на локалната самоуправа. Во согласност со Законот за локалната самоуправа и Изборниот законик, а поради неконзистентност во законската регулатива, од првата половина на месец април годинава престанува мандатот на членовите на советите на општините и на градот Скопје. Мандатот го задржуваат само градоначалниците до изборот на новите градоначалници, но најмногу до крајот на оваа календарска година! За да се деблокира локалната власт, СМК од Уставниот суд побара поништување на членот 35 став (1) од Законот за локалната самоуправа “Членовите на советот се избираат за време од четири години“ и членот 16 став (1) зборовите “во првата половина во мај“ од Изборниот законик. СМК побара Уставниот суд да донесе Решение за времена мерка, поради ризик од суспензија на правото на граѓаните на локална самоуправа од првата половина на месец април годинава, кога им престанува мандатот на членовите на советите на општините и на градот Скопје. Иако Уставот на Македонија им го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, поради злоупотреба на службената должност и самовластие, пратениците не ја исполнија својата уставна обврска: Наместо организација на избори на членови на советите и градоначалници на единиците на локалната самоуправа на 14 мај, пратениците го суспендираа на неодредено време одржувањето на локалните избори. Досега не избраа претседател на Собранието кој требаше да ги распише локалните избори во роковите утврдени во членот 12 од Изборниот законик “Од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена“, за да се одржат на 14 мај оваа година. Роковите од 13 февруари најдоцна до 6 март 2017 година за распишување на локалните избори не се испочитуваа, со што граѓаните од првата половина на месец април ќе останат без совети на општините и без совет на градот Скопје. Тогаш им престанува мандатот на советниците, а неизвесно е кога Собранието ќе го определи рокот за одржување на локалните избори, иако Собранието не може да им го продолжи мандатот на советниците затоа што локалната власт не е делегирана од Собранието, туку е изворна од граѓаните и се добива на општи слободни и тајни избори. За очекување е Собранието дополнително да го определи датумот за одржување на локалните избори до крајот на годинава, бидејќи се организираат секоја четврта година. Со суспензијата на локалната власт, голем дел од правата и слободите на граѓаните коишто се врзани со локалната самоуправа, посебно по прашањата од надлежностите на советите на општините и градот Скопје, утврдени во членот 36 од Законот за локалната самоуправа, им се оневозможуваат или ограничуваат. Се поставува прашањето: Како ќе функционира локалната самоуправа до новите локални избори чие одржување треба да се определи со измени на Изборниот законик и зошто граѓаните поради неисполнување на обврските на пратениците треба да останат без локална самоуправа, ако се знае дека последните локални избори се одржаа на 24 март и 7 април 2013 година. - Во моментов само Уставниот суд на Македонија може да ја спаси локалната самоуправа и да го заштити уставно гарантираното право на граѓаните на локална самоуправа и на претставници во локалната власт. Ако Уставниот суд на Македонија ги поништи членот 35 став (1) од Законот за локалната самоуправа “Членовите на советот се избираат за време од четири години“ и членот 16 став (1) зборовите “во првата половина во мај“ од Изборниот законик, ќе ги изедначи мандатите на челновите на советот и градоначалникот, нивниот мандат нема да престане, додека најдоцна до крајот на годината, Собранието не определи рок за одржување на локалните избори. На овој начин ќе се одложи одржувањето на локалните избори од првата половина на мај, бидејќи претседателот на Собранието не ги распиша најдоцна заклучно со 6 март, но барем нема да бидат суспендирани и ограничени правата и слободите на граѓаните на локална самоуправа и нема да биде доведено во прашање владеењето на правото. Жалам што ова не го завршија другите надлежни органи, но барем постои иницијатива до Уставниот суд, како обид за деблокада на локалната власт, - изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров. Минатата година Уставниот суд експресно реши по иницијативата за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието. Светскиот Македонски Конгрес се надева дека и овојпат Уставниот суд ќе реши итно и позитивно по поднесената иницијатива, со времена мерка, и нема да дозволи поради незаконско работење на законодавната власт да биде суспендирана локалната. Ако на граѓаните не им се овозможи да изберат претставници во советите на општините и градоначалници на 14 мај, барем да не им престане мандатот на советниците што ќе ја суспендира локалната самоуправа! |