|
|
АПЕЛ ДО ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ОД ЛЕСНОВСКОТО БРАТСТВО |
Тодор Петров - Во пресрет на Христовото воскресение, големиот христијански празник Велигден, ви го пренесуваме обраќањето на монашкото братство на Лесновскиот манастир до сите православни христијани. Драги браќа и сестри, во овие денови на страдање и голгота за нашата Татковина и нашиот православен македонски народ, имајќи болка и тежина за сè што се случува околу нас, чувствувавме потреба и ние смирено да ви се обратиме со неколку зборови на поука и утеха. Денес сите мудруваат, расудуваат, осудуваат и расправаат за сите случувања во нашата Света Православна Црква и во нашата Татковина, сите ја бараат вината во овој или оној, во внатрешните или надворешните фактори и влијанија, но за жал, никој не ги поврзува немилите случувања и настани со нашето НЕПОКАЈАНИЕ, СО НАШАТА ОТТУЃЕНОСТ ОД ВЕРАТА И ЦРКВАТА И СО НАШИОТ НЕБОГОУГОДЕН ЖИВОТ. Ние, нарекувајќи се православни христијани, но само на хартија а не и на дела, заборавивме на постот, молитвата, братољубието, милосрдието, на очистувањето на душите со покајание и исповед, на редовното посетување на светите богослужби, а особено на Светата Литургија, и сосема се оттуѓивме и оттргнавме од патот кон спасението и од вистинската смисла на нашето земно постоење, а тоа е повторното враќање во Небесната Татковина и задобивањето на вечниот блажен живот во Царството Небесно. Гревот, страстите и угодувањето на телото се раширени во сите можни облици, поради беззаконијата олади љубовта кај мнозина, исполнети сме со завист, гнев, омраза и нетрпеливост кон нашите ближни. Блудот, прељубата и развратот се раширени и присутни во сите пори на општеството, почнувајќи од најмладите па до најстарите, а гордоста, злопамтењето, непростувањето и непомирувањето како да сраснале со нас и станале составен дел од нашата природа. А, од друга страна, пак, сите оние кои сакаат да се трудат да живеат богоугодно и да ги исполнуваат Христовите заповеди, постојано се изложени на потсмев и поруга и тоа од истите оние, кои себеси се нарекуваат православни христијани. Еве, започнува и Страсната Седмица, кога повторно се потсетуваме и ги преживуваме сите Христови страдања, кои Он доброволно ги поднесе заради нашето спасение и помирување со Бога. Затоа, со болка во срцата и со голема љубов во Христа, ве повикуваме сите да се потрудите, и вие да земете учество во Христовата Голготска искупителна жртва, поднесувајќи барем малку труд и жртва заради спасението на вашите души. Оние кои не постеле досега, нека се обидат барем оваа Страсна Седмица пред Велигден да ги скротат своите тела и мисли со пост и молитва, нека се оттргнат од гревот и страстите и нека размислат за смислата на својот живот, па на денот на Христовото Воскресение нека се соединат со Самиот Исус Христ, причестувајќи се со Светите Тајни на Телото и Крвта Негови. АКО НЕ СЕ ПОТРУДИМЕ ДА ПОСТИМЕ БАРЕМ ОВАА СТРАСНА СЕДМИЦА И ДА СЕ ПРИЧЕСТИМЕ НА ВЕЛИГДЕН, ТОГАШ НЕ МОЖЕМЕ НИ ДА СЕ НАРЕКУВАМЕ СЕБЕСИ ХРИСТИЈАНИ, А УШТЕ ПОМАЛКУ ПРАВОСЛАВНИ! Сетете се на Христовите зборови од Евангелието, дека Бог им ја дава истата награда и на оние работници што дошле во единаесеттиот час, исто како и на оние што работеле од првиот час. Затоа, ќе немаме никакво оправдување на Судот Христов, ако не се потрудиме барем во последниот час да Му принесеме на Бога достојни плодови на покајание, оти по зборовите на Свети Силуан Атонски: "Сите ќе се спасат, освен оние што нема да се покајат“. Ако го презреме покајанието, постот, молитвата и милосрдните дела, тогаш да не се осмелуваме ни да пристапуваме кон Бога барајќи милост, помош, утеха и исцеление за нас, за нашите деца и за нашите ближни. Да не се прашуваме потоа зошто ни се случува ова или она зло или болест, да не роптаме кон Бога и да не се жалиме на нашите несреќи и неволји. Зашто, големиот и свет старец Пајсиј Светогорец вели: "Молитвата за болниот ќе помогне само доколку тој има намера да стане подобар“. Нашиот вистински однос кон страдањето на Црквата и народот треба да биде молитвен, обраќајќи се кон Бога со скрушено срце и покајнички чувства. Да си спомнеме од историјата на Црквата дека Бог помилувал и цели градови и народи по молитвите на само еден праведник. Но, дали ние самите сметаме дека себеси можеме да се вброиме во оние десет праведници, поради кои Бог би ја помилувал и нашата Света Црква и нашиот народ Македонски? И УШТЕ НЕШТО МНОГУ ВАЖНО: Вистинското празнување на Велигден започнува во сабота навечер на полноќ, со почеток на Воскресната Утрена богослужба и Светата Литургија, која трае до раните утрински часови, кога на крајот сите православни верници се соединуваат со Телото и Крвта Христови преку Светата Причест. Ние како народ, за жал, создаваме лажна слика дека сме верници и пред почетокот на Воскресната богослужба пред црквите гледаме присуство на илјадници луѓе, но потоа, кога на полноќ свештениците ќе го објават почетокот на празнувањето на Воскресението Христово со возгласот "Христос Воскресна!“, повеќето ги кршат велигденските јајца и заминуваат од црквите продолжувајќи го славењето во кафулиња и кафеани, со што само уште повеќе го навлекуваат гневот Божји врз себе и семејствата, а на самата Света Литургија остануваат само малубројните вистински православни верници. Затоа, драги браќа и сестри, ве замолуваме оваа година ШТО ПОМАСОВНО ВИСТИНСКИ ДА ГО ПРОСЛАВИМЕ ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО НА САМАТА СВЕТА ЛИТУРГИЈА, КОЈАШТО ПОЧНУВА НА ВЕЛИКА САБОТА НА ПОЛНОЌ, И ШТО ПОВЕЌЕ ОД НАС ДА СЕ ПРИЧЕСТИМЕ СО ТЕЛОТО И КРВТА ХРИСТОВИ, ПРИНЕСУВАЈЌИ ДОСТОЈНИ ПЛОДОВИ НА ПОКАЈАНИЕ И ИЗМОЛУВАЈЌИ ОД БОГА МИЛОСТ ЗА НАШИТЕ СЕМЕЈСТВА, ЗА НАШАТА ТАТКОВИНА МАКЕДОНИЈА И ЗА НАШАТА СВЕТА МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА! П.С. Ги замолуваме сите наши браќа и сестри во Христа оваа објава да ја споделуваат и шират колку што е можно повеќе, а за духовна корист и спасение на многу страдални души. Ви благодариме на љубовта и трпението. |