Среда, 17 Мај 2017   
Извештај на италијанскиот генерален конзул за Солунските атентати

makedonska-nacija-logo
Македонска нација

Во сенка на политичките настани во земјата, изминаа 114 години од Солунските атентати, серија на бомбашки напади во Солун извршени од 28 април до 1 мај 1903 година од страна на Гемиџиите. Целта на овие напади во еден од најзначајните европски градови во Османлиската империја била да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање.

Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов - Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните индивидуални акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење.

Гемиџиите решиле атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близина на солунската станица; да се запали резервоарот за газија од којшто се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален Бошнак-ан и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.

На 28 април околу пладне Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“, а сите патниците биле спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви. На 29 април вечерта, околу 8 часот, Константин Кирков ги уништува цевките со гас за осветлување и водоводните цевки на Солун. Во целиот град, потонат во темница владее паника, хаос и страв. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби по што Јордан Поп Јорданов - Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката.  Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов во летниот театар Алхамбра, Илија Трчков на главната улица, Димитар Мечев пред хотелот Египет, Константин Кирков пред Гранд хотелот, а Георги Богданов пред кафеаната Ноја. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.  По овие акции Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби се самоубиле за да не бидат фатени од турските власти. На 30 април, во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов. На 1 мај, Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба.

Во немирите кои избувнале на 30 април како реакција на атентатите, фанатизирани муслимани оделе во толпи низ градот и убивале недолжно христијанско население. Проценките за бројот на загинати варираат од 35 лица, според османлиските власти, до 200-300 според ТМОРО. Властите успеале донекаде да ги смират толпите, но речиси без причина почнале да малтретираат и да апсат. Во рацијата на османлиските власти биле затворени околу 2.000 лица. Од уапсените, 353 лица се изведени пред суд, а од нив 33 се осудени. 

Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани. Во извештај на италијански генерален конзул во Солун до италијанскиот министер за надворешни работи, Ди Ревел ќе напише:

„Господине министре,

Во прилог на мојата телеграма од вчера вечер чест ми е да потврдам на Вашata Екселенција дека седиште на Императорската Отоманска банка, една од најголемите и убави згради во градот, кој се наоѓаше во центарот на населбата "Франко", беше фрлена во воздухот.

Точно во 8 часот еден многу силен тресок, проследен со други татнежи, го потресе градот и ги изгаси сите улични гасни светилки. Сите населби кои се осветлуваа со гасни светилки потонаа во темен мрак. Во еден момент на луд терор, при кое населението бегаше без да знае каде, се мислеше дека (христијаните – н.з) ги кренале во воздух резервоарите со гас. Веднаш се упатив со вицеконзулот со кочија кон населбата "Франко", каде што се наоѓаат најважните италијански установи и каде живее сиромашниот дел од колонијата, за да се погрижам во рамките на можното и да ја охрабрам колонијата со нашето присуство. Истовремено со тоа дадов наредба за строга заштита на конзулатот од страна на конзуларната стража. Приближувајќи се кон местото, се гледаше една голем огнен столб како се издига над населбата "Франко". Помислив дека гори Банка Алатини и се упатив веднаш до местото. Железната врата беше затворена и чувана од внатре со вооружени гавази. Наредив да внимаваат и да не отвораат на надворешни лица. Тука дознав дека пламенот доаѓа од кај Отоманската банка која се наоѓаше во близина. По патот и околу се слушаа револверски истрели и бомбашки експлозии...

Темнината во градот, општиот ужас и безбедноста дека случувањата се дело на (христијаните – н.з) налагаше да се отиде брзо кај валијата, за да се преземат потребните мерки. Веќе ги обиколив колегите лоцирани во близина, пред да одам во населбата "Франко". Се вратив пак кај нив и заедно со англискиот, австроунгарскиот и францускиот ген. конзул отидовме кај валијата. Тој беше многу погоден и не увери целосно се преземени мерки на претпазливост. Од моја страна му објаснив како неколкупати сум му обрнал внимание дека силите за безбедност, особено во околностите во последно време, се крајно несоодветни и кај денешните настани со малку војници на располагање би било апсолутно невозможно да се сочуваат интересите, во кои италијанската колонија учествува значително. За среќа, додека продолжуваа нашите дискусии, на валијата му донесоа порака дека еден пароброд пристигнал со два редифска табура, кои дојдоа од Сирија. И тоа беше вистинска промисла, бидејќи телеграфските линии со внатрешноста беа прекинати од (христијаните – н.з). Валијата рече дека ќе ги растовари веднаш војниците и ќе ги распредели за заштита на градот.

Да преповторам за историјата на настаните што се случиле во оваа незаборавна ноќ. Токму во 8 часот, (атентаторите – н.з), за да не го фрлаат населението во ужас и да дадат сигнал на заговорниците, го кренаа со динамит гасоводот кој води од цистерните со газје во градот. Гасоводот поминува под блискиот мост до станицата на линијата Солун - Цариград. На другиот ден ги видов разурнувањата: дел од мостот уништен, гасната цевка со дијаметар од 60 см е откината во должина од 70 см. По дадениот сигнал од темнината се фрлија бомби: дел на кафеаната "Алхамбра", на "Молоса", при што беше убиено едно лице и тешко повредено друго, пред пивницата "Ноњо", на плоштадот "Олимпија" против телеграфското биро, пред кафеаната вариете (на еден Италијанец), во турската пошта - каде што беа убиени еден војник и еден стражар, пред хотелот "Коломбо" ( исто на Италијанец) и на многу други места низ градот. Истовремено, пред железната врата на Отоманската банка запре една кочија, од кој слегоа неколку лица, проследени со други. Симулирајќи да се караат меѓу себе, тие го убија стражарот и двајца ноќни чувари. Па истрелите се појавија 12 војници од караулата, кои убија неколку од заговорниците, но, другите искористувајќи го метежот, успеале да се протнат во банката и да фрлаат бомби во сите правци. Се слушнаа три експлозии. При втората, голем дел од зградата се сруши и еден од ѕидовите падна врз соседното здание на хотелот "Коломбо" и го потисна под своите урнатини германскиот клуб наречен "Кегел-клуб". Полесно повреден останал господинот Фор, управител на германскиот конзулат, а беше убиен Ото Фрумпер, освен тоа тешко повреден беше Фифипс, лесно повреден Нени, друг непознат беше убиен под урнатините. Наши загуби: Артуро Фабиани, првиот кројач-трговец во градот, почина на вториот ден, неговите син и ќерка, се затрупани од ѕидот на банката, бегајќи од продавница, лоцирана во нејзина близина. Мацолини Антонио исто беше затрупан во урнатините, Лоренцо Капути кој беше ранет во стомакот од куршум е на умирање во болница. Многу од заговорниците останаа затрупани под урнатините во внатрешноста на банката, други беа убиени, трети уапсени. Додека банката гореше, една група (атентатори) го нападнаа влезот на артилериските касарни. Се разви една жестока борба меѓу војниците и овие безумници, кои продолжиле да фрлаат бомби. Имало убиени и од двете страни, но најпосле биле одбиени и се повлекле брзо до германското училиште, каде вгнездени во една куќа, почнале да фрлаат дожд од бомби. Куќата беше нападната од војската, масакрирајќи ги внатре (атентаторите – н.з.)... Во ноќта борбата со востаниците продолжила кон Вардаукапу. Наутро се слушаа само одделни бомбашки експлозии.

Уште рано наутро стотици (христијаните – н.з) се уапсени, а оние кои биле фатени со оружје и даваа отпор биле масакрирани. Кон 6 часот вечерта во (христијанските– н.з) гробишта биле однесени 39 убиени и непозната бројка во други гробишта, но не помалку од стотина. Воената состојба е во сила без да биде објавена: ми се чини дека треба да биде објавено за да се ослободи од поглед на незаконитоста смртните настапи кои земаат вид на лов на (христијаните – н.з) како што пред тоа стануваше со Ерменците. Должам да констатирам дека валијата уверува дека дал најстроги наредби да не ги убиваат оние кои не се спротивставиле со оружје.

При овие жалосни околности вицеконзулот г-дин Мајони се држи мажествено. Кога јас се упатив кон валијата, како што реков, тој се врати на местото на несреќата, давајќи помош и нега на повредените. Сам отиде да доведе хирург во домот на господин Фабиани од соседниот квартал, напаѓан од бунтовниците, каде војската мораше да употреби во секој момент оружје. Бидејќи движењето ноќно време ... е забрането, утрото отидов да ги посетам населбите каде што борбата беше во полн замав до пред неколку часа, за да ги смирам оние несреќници, оправдано обземени од ужас поради масовните апсења и убиства на (христијаните – н.з)) коишто даваа вооружен отпор...

Без сомнение испраќањето на воени параброди ќе се одрази охрабрувачки за колонијата и ќе биде една мерка за безбедност, бидејќи ако и Турците да преземат мерки навремено, не ги одржуваат доволно продолжено за да произведат долготрајни ефекти. Условите во внатрешноста на Македонија создаваат крајни тешкотии на локалните власти за да го обезбедат редот и мирот во ненормални времиња, а настаните можат да наметнат испраќање веднаш на војници во внатрешноста без да можат да ги заменат веднаш или навреме, како за жал стана сега со тешки последици за интересите на странците...“

Во битка со војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија). Последиците по македонското население и Македонската револуционерна организација биле огромни. За жал атентатите не ги дале очекуваните резултати. Како што можеме да видиме од извештајот, европските преставници биле заинтересирани само да ги заштитат своите интереси.

(извор: списание "L'Illustration", от 27.V.1903 г., цитирано по Павел Шатев, „В Македония под робство“)

Македонска нација

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.