|
|
Манастирот Конче е последното престојувалиште на Кантакузина |
Тихомир Каранфилов Манастирот Конче е средновековен манастир во Брегалничката епархија на МПЦ – ОА. Самата црква е изградена во 1366 година од војвода Никола Станоевиќ. Кога и од кој архиереј е осветен не е познато. Првиот фрескоживопис од кој има сочувано мал дел е завршен до 1371 година,. Вториот фрескоживопис е од 18 и 19 век, а иконите се од Папрадишки и Вангелов од 1921, 1922 година. Во овој манастир е погребана Кантакузина. Во текот на револуционерно движење, тој бил скривалиште на македонските организационите чети. Манастирот “Свети архиѓакон Стефан” е се наоѓа во селото Конче, на подножјето на истоимената планина, одалечен околу 20 километри јужно од Радовиш. Манастирот со црквата го подигнал големиот војвода Никола Становиќ, за време на владеењето на царот Душан. На негово барање, царот Урош во мај 1366 го приложил манастирот во Конче и повеќе од 14 села на манастирот Хиландар на Света Гора. Големиот војвода го дарува манастирот на Хиландар на крајот од своето владеење, кога по се изгледа и самиот се повлекува во Конечкиот манастир, а неговата област ја превземаат Волкашин и Крале Марко. Во овој манастир, последните години од животот ги поминува Катарина Бранковиќ Кантакузина, ќерка на деспотот Ѓорѓе Бранковиќ. Во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), Георги Трајчев за манастирот во Конче кој го именува “Св. Спас – Св. Недела4“ ќе напише: „Манастирот св. Спас – Св. Недела се наоѓа во Конечката планина ¼ час под изворот на реката со истото име, која минувајќи крај него образува водопад од 10 – 11 метра височина. Во XV век тука ги поминала последните години од животот Кантакузина, ќерката на Ѓорѓе Бранковиќ. На една надгробна плоча во манастирот има надпис од XIV век Никола Становиќ Велик војвода ... (Ѓорче Петров – Материјали, И-въ, ибид). Во старо време, манастирот заедно со целата околија припаѓаше на Скопската епархија, а подоцна е префрлена кон Струмичката епархија. Манастирот е поврзан со револуционерното движење во земјата. Не еднаш тој бил центар на скривалиште на организационите чети.“ – пишува Трајчев. Од овој средновековен манастирот највпечатлива е приказната за Кантакузина, која тука ги минала последните години од својот живот, престојувајќи во кулата веднаш до црквата. Бидејќи кулата, немала влез однадвор, Кантакузина морала да влегува и излегува преку еден подземен тунел што водел од под олтарот на црквата до кулата. Во близина на кулата се наоѓа и нејзиниот гроб. Инаку, Кантакузина во 1434 година се омажила цељскиот гроф Улрих II. Тој бил политички брак кој на нејзиниот татко му овозможувал поддршка од Западот. На исток истото тоа го правела нејзината сестра Мара која била омажена за султанот Мурат II. По смртта на мажот, за време на опсадата на Белград 1456 година, Кантакузина го продала својот имот во Словенија и Хрватска, освен Кршко. Во 1460 година го продала и својот имот во Славонија на Фридрих III. Потоа патувала низ Италија, Крф, Дубровник, за да на крај се врати во Македонија, кај својата сестра Мара, која во меѓувреме станала вдовица. Заедно со сестрата помогнала во склучувањето на Цариградскиот мир по Венецијанско-турската војна. По смртта на Мара во 1487 година ја презела грижата за светогорските манастири. Пред смртта се откажала и од имотот во Кршко во замена за годишна рента и се повлекла во манастирот Конче, каде починала во 1497 година. Погребана во локалната црква лосветена на Свети Стефан. Од поранешниот средновековен манастирски комплекс зачувана е манастирската црква, а од старите манастирски конаци денес се видливи само остатоци од ѕидови. На северната страна на црквата се наоѓаат остатоците на поранешната средновековна кула која го штитела манастирот. Столбовите под куполата се покриени со фрески. На столбот на североисток, покрај иконостасатот, постои добро сочуван лик на Богородица со Христос, кој го надлетува ангел со крст во рацете. Столбот на југо-запад е фреска на Свети архангел Гаврил, а на северната страна на истата колона фреска на Архангел Михаил, како и војници. Живописот во горните зони е целосно уништен. Според некои мислења, фреските во црквата потекнуваат од 1371 година. Вториот фрескоживопис бил направен во XVIII и XIX век. Иконите во црквата биле изработени од страна на Димитар Андонов Папрадишки и Костадин Вангелов од Штип.
|